Слово во Неделата на православието |
6.03.2017. | |
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Ваше Високопреосвештенство, почитувани отци, драги браќа и сестри православни христијани.
"Твојата светлина, Господи, блеска на лицата на Твоите светии "
Иконоборците во древноста а и сега тврдат дека Бог не може да биде прикажан. А православните отци кои го штитат преданието на Црквата,го поставуваат почитувањето на иконите во тесна врска со самите основи на христијанството. Всушност Бог е неспознатлив, неизразен и неизобразен. Но во лицето на Христос Тој благовоизволи да се роди како човек. Бог, Кој е невидлив, станува видлив преку усвојувањето на човечката природа. "Словото стана тело" - пишува св. Јован во почетокот на своето Евангелие. Богом изобразувањето на Христос прави можно постоење на иконата. Човек може да биде православен, без да има икони. Но човек не може да биде православен, ако ги отфрла иконите. Оној кој не допушта можноста да има икони, го негира христијанското сведоштво за Бога, Кој стана човек заради нашето спасение. Затоа не е случајно, дека денот на прославата на иконопочитанието е празник на целото Православие. На светнувањето на четвртиот век во форма на иконата, невидена дотогаш, уметноста ја пренесува живата вера во Бога како мост меѓу видливото и невидливото, а Св. Отци не учат дека: "Она што Светото Писмо ни се кажува со зборови, иконата како проповедник со боја ни го прави да живее меѓу нас". Малку прав од овој свет, табла, неколку бои, неколку линии - и убавината е тука. Во грандиозноста на интегритетот, иконата е гледање на невидливите нешта. Таа сведочи за присуството на Бога. Таа е место на Богојавление, Теофил, на крстот и смртта. Еве не повторно - како во времињата на катакомбите - меѓу животот поради смртта и смртта поради животот. Оваа недела се празнува уште од далечниот 9 век, кој е поврзан со еден настан. Имено, на седмиот Вселенски собор во 787 година била осудена иконоборската ерес. Иконоборците се луѓето кои не ги почитувале светите икони и ги осудувале светињите. За жал и царската власт го поддржувала ова еретичко учење. Но по Божјата милост и мудроста на старците, архереите и монаштвото, кои ги криеле иконите и другите светињи во пештерите и катакомбите, овој период на безумие го пребродиле токму вознесувајќи горежди молитви пред тие икони и пред тие светии. Токму во оваа недела, драги браќа и сестри, односно во првата недела од великиот пост, се празнува победата на над иконоборството и над сите други ереси, кои ги зафатила во првото илјадитие по раѓањето на Христа Бога како и животот на црквата. Тешко дека некој ќе успее православието да го опише подобро од св. Тихон Задонскиј, руски светител од XVIII век Св. Тихон го нарекувал Православието Вистинито Христијанство и дури напишал цела книга со тој наслов. Но вистинитото христијанство — тоа никако не се само правилните гледишта и размислувањата сами по себе тие нема да ви помогнат вели Св. Тихон. Во поглавјето за Евангелието и Верата, тој пишува: Ако некој би рекол, дека вистинската вера е правата содржина и исповедание на правите догмати, би кажал вистина: зашто за верниот е задолжителна православната содржина и исповедание на догматите на верата. Но, само тоа знаење и исповедание не го прави човекот верен и вистински христијанин. Содржината и исповеданието на православните догмати секогаш се состои во вистинската вера во Христа, но вистинската вера во Христа не секогаш се состои во исповеданието на православните догмати. Вистинската пак, вера во Христа е во срцето; таа е плодотворна, смирена, трпелива, изобилна со љубов, милосрдна, човекољубива, гладна и жедна за правда и вистина, се оддалечува од световните похоти и се прилепува до едниот Бог, секогаш кон небесните и вечните се стреми и нив ги бара, се подвизува против секој грев и од Бога помош постојано бара. Ајде да гледаме еден на друг како на икона на Бога и кога ќе видиме дека некој од нас е изобличен од гревот, и забележиме колку е повреден, колку е тешко да прозреме во него и да ја видиме убавината и славата Божја, тогаш, треба длабоко да се погледнеме и да се запрашаме; во овој свет и оваа осквернета слика, колку треба да се инвестираат сите ваши напори, целата своја љубов и почит, за да може иконата насликана не на дрво, а во душата на човекот, да се очисти, исцели, да се освети повторно и да стане икона на Божјата слава. Секој православен христијанин каде и да живее, на кој народ да припаѓа, со каква професија да се занимава, претставува личен сведок и носител на оваа Христова љубов. Во првите векови Христовата наука беше подложена на страшни гонења. Цели 3 века христијаните биле колени како животни, мачени, горени, убивани и тоа само затоа што се нарекувале христијани. Во 313 година царот Константин ја признал христијанската вера за вистинска вера, зашто ја увидел евхаристиската моќ на Христовата црква. Токму онаа голготска љубов саможртвена љубов ја забележал тој и затоа ја прогласил за вистинска вера. Но Христовата црква продолжила да биде бранувана со други ереси, со други расколи, преку лажни учители, заблудени проповедници на нови учења кои го понижуваат Христа, ја извртуваат неговата наука и создаваат непријателски табори. Цели 5 века Светата црква се борела против овие лажни учења, утврдувајќи го вистинското учење, вистинскиот домострој, вистинската евхаристија и голготската љубов што секој христијанин ја поседува. И како врв на овие ереси се појавува иконоборството, секта која го одрекува почитувањето на иконите. Во православната црква древен обичај е да се почитуваат светите икони. Преку нив се изобразени значајни настани од историјата на старозаветната и новозаветната црква. Преку ликовите прикажани на иконите на верникот се остава силен впечаток, посилен и од прочитување на некоја книга, зашто иконата ги поучува и расветлува настаните од црковната историја и го насочува верникот кон доброто. Вакво насочување доживеал и регентот Маноил, на кој му била доверена управата на царскиот престол, на малолетниот Михаил Трети. Долго време размислувал, а потоа наредил да му ги донесат исфрлените икони, ги погледнал презриво и сакал да ги запали. Но, тогаш драги браќа и сестри, меѓу иконите ја здогледал сликата на својата мајка која била упокоена, ја земал и почнал да ја бакнува, да ја гушка и во истиот момент доживеал озареност во своето срце. Оваа озареност се преточила во неговата мисла:,, зошто тој ја љуби сликата на мајка си, а сака да ја изгори иконата на нашата заедничка мајка - Небесната царица. Ако не е грев да се зборува со сликата на мајка си, зошто тогаш е грев да се плаче пред нозете на милосливиот Христос“. Веднаш потоа издал наредба да се престане со гонењето против иконите и токму на денешен ден во 842 година, точно во првата недела од постот е прекинато гонењето против иконите. Токму во оваа недела посветена на недела на православието, на неделата на победата и големата радост за христијаните, црквата драги браќа и сестри Ви се обраќа вам со зборовите: „Бидете вистински христијани, бидете искрени Христови следбеници каков што бил Натанаил. Не отстапувајте од наредбите на православнта црква, чувајте ги како зеницата во своето око, тие се свети, тие се разумни и полезни. Да бидеме смели исповедници на христијанската вера, цврсти поддржувачи на православната црква зашто сега е погодно време, не пропуштајте го“. Благочестиви христијани, ние сме должни да го сочуваме единството на Православната црква од било какви ереси и расколи, да ја чуваме нашата Света Македонска Православна Црква како своите очи, да се подучуваме од претходните примери, но и да бидеме вдахновени со богомудрието на вселенските собори, кои го утврдуваат единството меѓу сите христијани, меѓу сите цркви, меѓу сите православни народи. Да бидеме вистински носители на Христовата љубов и таа да пребива во нас како би се зарадувала и небесната и земната црква постојано сега и секогаш и во вечни векови. Амин. Протоереј ставрофор м-р Горан Панзов |
< Претходно | Следно > |
---|