Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате:
Божикно интервју
8.01.2008.

Божикно интервју на Митрополитот Повардарски г. Агатангел за дневниот весник Нова Македонија.

1.         Пред се би сакала да Ви ги честитам Божиќните и Новогодишни празници и да Ви посакам Вам, на МПЦ и на сите верници и целиот народ од христијанска вероисповест многу успех, здравје, мир и  просперитет на сите полиња.  Исконска е традицијата нашиот народ да верува и слави.

Ве молам кажете ни нешто повеќе за начинот на чествувањето на големиот празник Божиќ, Бадник, Коледе, за адетите и традицијата?

 

1. Најпрво Ви благодарам за добрите и искрени желби за наше духовно и телесно здравје и напредување. Искрено се радувам што заедно со нашите читатели, преку најстариот дневен весник во Р. Македонија ќе можеме да разговараме за многу актуелни, но и душекорисни теми. Верувам, многумина знаат дека Божик е еден од најголемите празници во годината. На Божик го прославуваме раѓањето Христово и исполнувањето на Божјото ветување дадено на нашите прародители, а преку нив и на целото човештво, дека ќе ни биде пратен Месија и Спасител преку Кого ќе се воспостави нарушената хармонија меѓу Бог и луѓето. Божик е празник на мирот и помирувањето, празник на семејството и на радоста и во тој контекст и со такви желби и расположение во тие денови, и на Божествената литургија, се трудиме ние православните христијани да го прославиме овој голем Господов празник. На Божик му претходат Коледе и Бадник кои во себе содржат многу интересни народни обичаи и душеполезни симболики. На Коледе, според древниот македонски обичај се месат колачиња, кои имаат кружна форма и тие ја симболизираат вечноста и постојаноста, кои се пак, основна цел во нашиот духовен живот. Тогаш, уште во раните утрински часови, дечињата ги посетуваат домовите на своите комшии и им го најавуваат скорешното раѓање на Месијата симболизирајќи ги ангелите кои им ја објавиле веста за раѓањето на пастирите. На Коледе исто така се палат огнови, кои ја симболизираат ѕвездата која ги раководела мудреците од Исток сî до витлеемската пештера, до местото каде се родил Господ. Накусо кажано, на Коледе, преку симболика, се раскажани сите битни моменти кои му претходеле на самото рождество Христово. Ако вака се сфатат и на овој начин се спроведуваат коледарските обичаи, тогаш како личности ќе имаме полза од празнувањето, ако ли пак се отстапува од ова и се посега кон разузданост, прејадување и пијанчење на овој празник, тогаш ништо не сме направиле и сме проживеале само уште еден обичен ден во годината зачинет со класична заблуденост. Бадник е вечерта пред Божик и тогаш целото семејство е собрано на едно место и во будност и пост со нетрпение го очекува следниот величенствен ден. Вечерата на Бадник е посна не заради адет, туку затоа што ние како Црква сî уште се наоѓаме во време на Божикниот пост. Еве, ова е најкусото можно објаснување на овие божествени празници и настани.

 

 

2.         Која е посебноста на годинашното Божиќно уредување, каде ќе се одржи централната свеченост и што ќе содржи?

 

 

2. Божик еднакво се прославува во сите православни храмови на МПЦ и во секој православен христијански дом и семејство, кои воедно претставуваат еден вид мала црква. Во овие повеќе од два милениума христијанство, централен настан на празникот на Рождеството Христово се разбира дека секогаш била божествената литургија. Токму на неа, ние христијаните веруваме дека ќе се сретнеме и соединиме, односно причестиме, со новородениот Богомладенец. На литургијата уште еднаш ќе се потсетиме и активно и духовно ќе земеме учество во овој благодатен и радосен настан. Ако, пак, прашувате каде ќе служиме литургија ние македонските митрополити и архиепископот, тогаш согласно со каноните на Светата православна црква секој од нас ќе чиноначалствува со божествената празнична литургија во своите епархиски седишта, односно во своите Соборни епархиски храмови. Така, Архиепископот ќе служи во Архиепископскиот соборен храм „Св. Климент Охридски” во Скопје, јас во Соборниот храм на Повардарската епархија „Св. вмч. Пантелејмон” во Велес, Преспанско-пелагонискиот митрополит г. Петар во Битола, Дебарско-кичевскиот митрополит г. Тимотеј во „Света Софија” во Охрид, Струмичкиот г. Наум во Струмица, Брегалничкиот г. Иларион во „Св. Никола” во Штип и т.н...

 

 

3.         По што ќе ја паметите 2007-ма година и кои се Вашите и плановите на МПЦ за следната 2008-ма година?

 

3. 2007 година секако дека ќе ја паметам по големиот јубилеј на 40 години автокефално црковно живеење. Ние, како МПЦ во годинава што изминува сосема пригодно со разни манифестации и духовни академии се потсетивме на овој значаен историски настан. Во оваа година насекаде во македонските православни епархии беше видлив напредокот во духовниот живот. Конкретно во Повардарската епархија се осветија повеќе цркви и христијански светилишта, се удрија камен-темелници за изградба на нови цркви, се започна со реконструкција на повеќе манастирски комплекси, се интензивираше изградбата на новата велелепна црква во центарот на Велес, посветена на македонските просветители и учители, светите браќа Кирил и Методиј. Особено се радуваме на фактот дека заедно со Општина Велес и МЦМС успеавме да отвориме црковно-народна кујна, која секојдневно ќе ги прегрнува нашите најсиромашни браќа и сестри. Како Епархија формиравме засебна епархиска издавачка дејност, преку чиј труд за првпат се формираше епархиско списание („Православна светлина”), излегоа од печат и повеќе интересни книги, брошури, за првпат отпечативме и еден стрип со библиска содржина итн... Сето ова претходно спомнато, придонесе за зголемување на христијанската заедница во Повардарската епархија, за поактивен литургиски живот во градовите од Повардарскиот регион и за еден вид обнова на Македонската православна црква во овие македонски краеви, за што сум бескрајно радосен и искрено Му благодарам на Бога за Негова благодат, која постојано ја излива врз своите верни македонски чеда. Во 2008 г. пред сé го просам благословот Божји за претходно утврдените планови, кои со несмален интензитет се надевам дека успешно ќе ги оствариме. 2008 г. е година во која ќе го прославиме јубилејот на 30 години постоење на Повардарската епархија. Тогаш ќе биде вистинскиот момент за да се потсетиме на сé она што е остварено во претходните три декади од нашето соборно црковно живеење. Во 2008 г. се надевам дека како христијански личности ќе се придвижиме до светоста на нашиот небесен Отец.

 

4.         Вие и МПЦ се трудите на сите христијани да и им ја доближите верата преку Божиќните прекрасни свети литургии кои луѓето со задоволство ги очекуваат како еден од најубавите божиќни подароци. Што планирате по тој повод оваа година?

 

 

4. Ние православните христијани би требало со целиот наш живот и со сите наши постапки да ја сведочиме добрината и убавината, кои со силен сјај блескаат од длабочината на Христовата личност. Бог е оној кој веќе има испланирано како и на кој начин ќе му се открие на секој човек посебно. Наше е да се покажеме како добри и корисни личности во средината во која живееме. Се разбира нашата главна сила ја црпиме токму од литургијата, бидејќи овде, на ова место, се здобива преобразената христијанска личност, овде се среќаваме директно, лице в лице со прославениот Спасител и овде секој од нас ќе го добие празничниот подарок, а тоа секако е можноста непосредно да ја вкуси благодаттната вечност и благословеното постоење. Се надевам дека мнозина наши браќа и сестри кои од разни причини ја немале оваа можност, токму на божикната литургија ќе им биде дадено и промислено да им се отворат срцата за свечен дочек на Господа Исуса Христа во нивните души.

 

5.         Годинава, духовните храмови на МПЦ се отворени за верниците и луѓето. Во ова време на кризи, се повеќе се отвараат цркви, но и црковни кујни. Што прави МПЦ на верниците да им ја врати вербата во Бога?

 

5. Токму затоа МПЦ и постои. Нашата основна цел е на македонскиот народ и на сите други народи кои живеат во нашата прекрасна татковина да им ја утврдиме верата во Бога и во вечниот живот. На ова прашање, претходно веќе делумно и ви одговорив. Повторно ќе кажам, најдобриот начин за зацврстување на верата е токму редовното и активно живеење во Црквата. Ние, како организирана црква се трудиме во доменот на нашите реални можности и според она колку ни е благословено од Бога да им овозможиме на луѓето пристап до православните храмови, во кои се служат светите богослужби, а на кои рековме најдиректно се среќаваме со Господа. Секоја наша, пак, харитативна дејност, како што е отворањето црковна кујна, на пример, е израз на нашата несебична љубов која е составен дел од преобразената Божја личност. Ја користам оваа прилика најсрдечно да им се заблагодарам на сите оние благочестиви христијани кои најдоа за сходно да го помогнат отворањето и егзистирањето на црковните кујни во Скопје и во Велес, кои, пак, секојдневно нахрануваат и стоплуваат стотици наши несреќни браќа и сестри. Ова нивно духовно дело, благиот Бог нека им го прими како знак на лично покајание и преумување и како еден вид залог за вечноста.

 

6.         Какви се односите на МПЦ со другите верски заедници?

 

6. Сосема коректни. Познато е дека Македонија е мултинационална и мултиконфесионална земја. Ние, како најголема верска заедница во Македонија имаме исто така и најголема одговорност во практикувањето и одржувањето на добрите меѓучовечки односи со другите верски заедници, па затоа повеќе и се трудиме да постои мир на верски план во нашата држава. Држејќи се до основните морални принципи на верата сите ние, а како водечка МПЦ, придонесуваме во градењето на подобар и подостоинствен живот во македонското општество. Евангелието нé учи да го сакаме својот ближен без разлика на неговата националност или верско и политичко убедување. Токму во љубовта кон условно речено различниот ние всушност енормно напредуваме во духовниот живот. Ваквата љубов е огледало на нашата лична слобода.

 

7.         Во врска со Законот за денационализација, дали МПЦ успеа да си врати дел од имотот?

 

7. Со законот за денационализација се исправи една голема историска неправда. Македонската православна црква најповеќе од сите беше засегната од сулудото и бесправно одземање на нејзиниот имот по втората светска војна. Оној кој земаше од црквата изгледа не беше свесен дека зема токму од сопствениот народ. Македонската православна црква е ризница на македонските национални и духовни блага и придобивки. Секој што барем еднаш бил во Македонија лесно може ова да го заклучи. Денационализацијата јас ја разбирам како оставање на својата скапоценост на сигурно место, онаму каде никој нема да ја одземе, ниту, пак, времето ќе ја нагризува. Правнички погледнато има уште многу предмети за денационализација кои го чекаат своето финализирање. Се надевам дека Владата на Р. Македонија ќе смогне сили и ќе покаже храброст за побрзо да ги реши овие предмети, кои се витални за нашиот црковен развој и постоење. За волја на вистината многу предмети за денационализација се завршени и од нив македонските православни верници веќе ги согледуваат првите благочестиви плодови.

 

8.         Кажете ни нешто повеќе до каде е Законот за верски заедници, и како ќе се одрази тоа со напливот на нови верски заедници?

 

8. Она за што јас лично се залагам е законот за верски заедници прво да овозможи слобода на верското убедување, а потоа да дефинира каква е таа слобода и што таа всушност подразбира. Факт е дека како општество имаме лошо искуство со некои тоталитарни верски заедници, а на сите ни е познато дека некој сé уште се обидува преку верското делување да извлече за себе политички поени. За мене како православен Владика е повеќе од битно во корен да се осуетат ваквите појави, бидејќи сум особено заинтересиран да имаме здрава и добро воспитана нација. Новиот закон за верски заедници не смее да дозволи регистрација на некоја верска групација доколку таа отворено (па и заткулисно!) повикува на било каков вид на тероризам, нападна е и агресивна кон граѓаните во промовирањето на својата философија или пак се исмејува и го негира постоењето на македонската држава, јазик и култура. Постоењето на оваа држава и опстојот на македонскиот народ и посебност скапо се платени од страна на нашите предци и сега ние денешниве генерации не смееме да дозволиме самите да го уништиме она што некој тешко и со пот го стекнал. Во ниедна демократска држава не постои анархија во практикувањето на демократијата, насекаде демократијата се сфаќа како обврска на граѓаните. Би требало така и ние да ја сфатиме. Тоталитарните групации и отворените противници на народот и на државата насекаде во светот се забранети. Истото би требало, по мое мислење да го пропише и новиот закон за верските заедници. Да бидам јасен, ова го потенцирам бидејќи секојдневно гледаме и слушаме секакви можни притисоци на оваа тема, токму од радикалните верски групации и од отворените непријатели на народот и државата, кои за жал себеси се преставуваат како верски лидери.

 

9.         До каде се разговорите со СПЦ?

 

9. Официјалните преговори меѓу МПЦ и СПЦ се застанати таму каде што беа. Мислам дека самата СПЦ реално сега си има поприоритетни интереси. Во овој период на „непреговарање” на мнозина им паднаа маските и сите ние бевме сведоци на нивното лицемерие. Уште еднаш, по кој знае кој пат, се покажа дека болната амбициозност е погубна за духовното здравје на личноста. На овие луѓе најдобронамерно им препорачувам уште еднаш да го препрочитаат Евангелието, особено оние делови каде се зборува за љубовта и разбирањето на ближниот. Исто така нека ги погледнат деловите каде се зборува за погубноста на суетата, па можеби преку препознавање и идентификација самите ќе се преумат. Радува фактот дека дел од српскиот епископат искажа доза на разбирање кон македонското црковно прашање и ние овде ја гледаме шансата за излез од замрсениов проблем. Наше е да пазиме со срам да не го извалкаме сопственото срце, а сé останато ќе ни се придодаде.

 

10.       Каков е ставот на МПЦ за усогласување на празниците со останатиот свет, според григоријанскиот календар, а не по јулијанскиот?

 

10. Ставот на МПЦ е познат на македонската јавност. Прашањето за календарот не е догматско прашање, но и покрај тоа потребно е да бидеме крајно внимателни. Не смееме да дозволиме со некои непромислени потези да се повредиме самите себе. Би требало отворено да ги погледнеме и анализираме аргументите. Главниот аргумент за промена на календарот е секако празнувањето на Божик, односно овде повеќе станува збор за славењето на Новата година, кога ние како Црква се наоѓаме во пост. Како духовни водачи и пастири се прашуваме дали е добро и понатаму да ги оставиме луѓето токму за тој ден да го прекинуваат постот оддавајќи се на разни искушенија. Ова се разбира е силен аргумент за промена на календарот. За промена на календарот говори и фактот дека веќе некои помесни православни цркви тоа го имаат сторено. Главниот аргумент против секако е дали вреди за еден ден во годината да се променат и многу други утврдени дати на празници. Мораме да бидеме свесни дека променувајќи го календарот се променуваат и датите на празнување на св. Илија, св. Никола, св. Димитриј, св. Климент, св. Ѓорги, св. Кирил и Методиј и безброј други. Ние, како народ, некои од овие празници ги славиме како државни празници. Ако го промениме календарот Илинден нема да биде на 2 август, Св. Кирил и Методиј нема да биде на 24 мај и т.н... Тогаш и како општество ќе мораме многу да менуваме. Од друга страна се поставува прашањето што ако со брзоплето сменување на календарот направиме раздор меѓу сопствениот православен народ, дали сме подготвени да платиме толку висока цена за прифаќање на грегоријанскиот календар, кој за волја на вистината, астрономски погледнато, исто така не е најточен. Оваа цена ја платија помесните цркви кои веќе го променија календарот, тие и ден денеска, по поминати повеќе декади сé уште имаат проблем кој тешко можат да го надминат. Кога ќе се погледнат смирено сите аргументи, дури тогаш ќе може конечно да се одлучува. Впрочем, најдобро за сите православни би било на еден сеправославен собор конечно да се реши ова прашање, бидејќи навистина е срамно да имаме иста верска доктрина, а различно да ги славиме празниците. Јас лично, во овие услови, никогаш нема да гласам за промена на календарот од проста причина што не сакам раздори и вештачки поделби. Православниот владика не треба да биде оној кој ќе разделува, туку оној кој обединува.

 

11.       Какви се односите во Синодот на МПЦ?

 

11. Сосема братски, како и што им доликува на оние кои се Христови ученици. Ние како луѓе нормално е понекогаш да имаме различни ставови за одредени прашања, но тоа не треба да се сфати како некаков хендикеп, туку како придобивка. Би било премногу лицемерно, кога сите би мислеле исто, бидејќи од Бога сме создадени како битија со сопствен духовен интегритет и со посебни афинитети. Во Синодот на МПЦ за сé братски се договараме. Реков дека Црквата е налик на семејството, понекогаш е потребно да се понесат и жртви, бидејќи љубовта во суштина е жртва. Преку жртвувањето во љубовта се раѓаат добрите дела.

 

12.       Многумина 2007-ма ќе ја паметат по една од најголемите трагидии, не само за Македонија туку и за целиот Балкан. Светската музичка сцена остана посиромашна за еден инзвореден музички талент, ангелски глас на кој никој не остана рамнодушен. Утрото, на 16 октомври 2007 година нашата најголема балканска па и светска ѕвезда, Тоше Проески за кој многумина велат дека е Божји син, трагично загина во сообракајна несреќа. Човекот со кадифен глас, хумано срце големо како галаксија исполнето со љубов за секого, голем верник, кој во секоја своја порака велеше дека неговата мисија на земјата е со својата музика да ги прави луѓето среќни, да им ја врати вербата во Бога и на сите да им укаже дека и ова парче земја е прекрасно место за живеење. Неодамна дури и Ватикан со посебна чест го прогласи како голем верник и хуманитарец. Патиштата Божји се чудни и ништо не е случајно. Нашиот Божји ангел со исконско чиста душа, на многумина им беше ѕвезда водилка, цел на своето постоење, стана мит и легенда, а народот веќе си го прогласи за светец. Тоа секојдневно се потврдува зошто, една непрекината река на луѓе од сите страни на светот без разлика на вероисповест секојдневно му се поклонуваат на вечниот дом и во него гледаат Божји ангел и светец. Па, каков е ставот на МПЦ во врска со тоа, ако тоа е  желба на народот?

 

12. За некој да се прогласи, односно канонизира за светител, не е доволна само желбата на масите, моменталната емоција и воодушевување. Бог е тој кој ги прославува луѓето. Мнозина народни генији и херои биле прекрасни луѓе и со нивните дела и животи секогаш инспиративно ќе делуваат меѓу народот. За таков народен гениј слободно можеме да го сметаме и нашиот Тоше, кого сите беврезревно го сакавме. По неговата смрт сите ние како општество загубивме. Особена загуба ќе почувствува македонската музичка уметност, која тешко ќе може во догледно време да надокнади еден таков глас и несекојдневна харизма. Сите бескрајно сме воодушевени од неговата личност, од неговото однесување. Навистина е за секаква пофалба неговата харитативна дејност, која честопати била скриена за очите на јавноста. Ваквото негово однесување се темели на евангелското учење и токму заради тоа Тоше Проески се има промовирано во голем македонски великан, кој довека ќе остане како позитивна личност во нашето колективно сеќавање. За Тоше се искажани сите епитети, исцрпени се сите убави зборови и пофалби, сега единствено ни останува да се молиме на Бога за неговата душа да биде населена меѓу праведниците. Така се однесуваат православните христијани кон своите починати браќа и сестри. Со молитва за нивните души најдобро се искажува некому почит и благодарност. Молитвата ќе биде утеха и за неговите предобри родители, преку чие воспитување ова младо и надарено момче со својата добрина нé сплоти сите како народ. Бог да го прости и да му го подари небесното царство.

 

13.       Вашата Новогодишна и Божиќна порака за читателите на најстариот дневен весник Нова Македонија?

 

13. Би сакал на нашите читатели да им посакам во мир, слога и меѓусебна почит и разбирање да ги пречекаат и прослават престојните Божикни празници. Празниците токму затоа и постојат, за правилно сфаќајќи ја нивната суштина, да станеме подобри како народ, да се сплотиме како семејство и да се воздигнеме како благочестиви, преобразени и добро воспитани личности. Пред нас како македонски народ претстојат многу нови искушенија, кои треба со радост и трпение да ги надминеме. Ако е Бог со нас, кој ли ќе е против нас. Доколку го имаме новородениот Месија за свој критериум во животот, тогаш и Бог ќе ја закрилува нашата татковина, а ние како личности и во тагата ќе здобиваме духовни победи.

 

Да се радуваме браќа и сестри Македонци!

Христос се роди - навистина се роди!

За многу години.

 

 

 

 

Митрополит Повардарски

†Агатангел (Станковски)

 

 
< Претходно   Следно >