Божикно послание |
8.01.2008. | |
А Г А
Т А Н
Г Е Л ПО МИЛОСТА БОЖЈА
МИТРОПОЛИТ ПОВАРДАРСКИ,
ДО СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ, МОНАШТВОТО И ВЕРНИТЕ ЧЕДА
НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА,
ОДНОСНО ПОВАРДАРСКАТА ЕПАРХИЈА, ПО ПОВОД РОЖДЕСТВОТО ХРИСТОВО - БОЖИК, ИСПРАЌА
АРХИПАСТИРСКИ БЛАГОСЛОВ И
МИР ОД БОГА
Голема е тајната
на побожноста -
Бог се јави
во тело 1 Тим. 3, 16.
На денешниов торжествен и величенствен ден, ние православните христијани, го
прославуваме најрадосниот настан
во историјата на
Христијанската црква, а
тоа е раѓањето на
Спасителот Господа Исуса
Христа, Кој со
Своето величенствено дело
и снисходливост кон човечкиот род, ги загреа
срцата на пастирите во Витлеемската
пештера, ги зарадува мудреците од Исток
и го утеши
сето Адамово потомство.
Затоа, сите
кои ја спознаа
оваа вистина, еднодушно го воспеаја новородениот Богомладенец, Го возвеличија Богочовекот Христос, зашто
во сиромашната и
едноставна Витлеемеска пештера се
роди Спасителот на
светот, се појави
избавителната Светлина, која
го осветлува патот до
портите на Царството небесно. Богочовекот Христос
го зеде телото човечко за да го
ослободи човештвото од
оковите на гревот,
темнината и незнаењето, па дарувајќи ни
спасение да нé
упати кон правда,
вистина и духовна
величина.
Да се
радуваме заедно браќа
и сестри Македонци и да го
воспеваме и Новородениот Христос, Кој
се јави за
да донесе меѓу
луѓето мир, слога
и братска љубов.
Бог се симна на
земјата за да
му даде можност
на човекот да
се воздигне високо
на небесата.
Да се
радуваме и веселиме зашто беа послушани од Бога молитвите наши и се
исполнија зборовите на Отецот
небесен, искажани на
нашите прародители Адам
и Ева по
нивниот престап, дека ќе
дојде време кога
ќе биде испратен Месија меѓу луѓето
за да го помири со Бога грешниот човечки род. Да
се радуваме и
веселиме зашто Спасителот се роди преку непорочната Дева Марија и
со тоа се
исправи исконската неправда и се победи прародителскиот грев
кој се пренесува врз човечката природа
од Адама, па
сé до денеска.
На денешниот ден
се роди долго
очекуваниот Емануил за
кого зборуваа и пишуваа старозаветните пророци. Светна
на хоризонтот ѕвездата што го најавуваше изгревањето на
„Сонцето на правдата”. Се јави Утешителот на тие што
страдаат, Избавителот на
угнетените, Лекарот на
болните, Надежта за
правдољубивите и Востановувачот на
еднаквоста меѓу луѓето
во целиот свет.
Ете, зошто денешниот ден е ден за
славословие, за радост
и благодарење. Сонцето на правдата доаѓа
за да му
даде мир на измаченото човештво, да го
упати кон правда
и љубов и
со животворните зраци на божественото учење да
ги загрее човечките срца и души.
Затоа пријдете браќа
и сестри и сите
заедно со ангелската војска да му
оддадеме слава на
Господа, да воскликнеме од
благодарност за неизречивата милосрдност и за
Неговата бескрајна
премудрост.
Испраќајќи ви
го со овие
желби нашиот архипастирски благослов, на вас,
мили духовни чеда, овде
во нашата татковина и надвор од
неа, му се
молиме на новородениот Богомладенец, да
имате мир, слога
и разбирање меѓу
себе. Да останете цврсти во
нашата прадедовска православна вера и Светиклиментовиот дух
секогаш да биде
во вашите души и
мисли. Трудете се
да останете верни
борци во чувањето на нашата
национална и црковна
слобода и да
дадете сé од
себеси за да
ни цути и
напредува нашата татковина Република Македонија и нашата
мајка закрилница Македонската православна црква.
Во годината што изминува Македонската православна црква и
нејзините верни чеда
имаа особена причина за
радост и благодарење кон Бога. Имено,
изминаа 40 години на самостојно и автокефално црковно
постоење и живеење
- децении исполнети со
видлив напредок во духовниот живот на македонскиот народ. Како што
и ни доликува и Повардарската епархија активно
се вклучи во
одбележувањето на овој
голем јубилеј. Во 2007-та година
Ние како Епархија удривме камен темелници за почеток на
градба на повеќе парохиски цркви, потоа започнавме со реновирање или
градба на неколку манастирски комплекси, ја забрзавме изградбата на новата величенствена црква во центарот на
Велес, посветена на
македонските учители и
просветители Светите Кирил
и Методиј, а неодамна со Божја помош
и закрила ја
пуштивме во употреба и Црковно-народната кујна
во Велес, која,
преку нахранување на
нашите несреќни и сиромашни браќа и сестри
се надеваме дека
ќе ни даде
нови и добри
духовни плодови, полезни за наше спасение и духовна преродба. Ја користам оваа
прилика, драги браќа
и сестри да ве
повикам уште еднаш
на уште еден
духовен напор, за
преку вашето бесценето дарување на Црковно-народната кујна на дело
да ја покажете вашата хуманост
и добрина. Празниците всушност затоа
и постојат, за
преку нивното благодатно значење и спасоносна длабочина да се изградиме себеси како подобри
луѓе, а се
разбира преку нашата несебичност и добрина и
да му посведочиме на светот дека
ние Македонците навистина сме
Божји народ, а
нашата татковина Македонија е библиска земја
по која чекореле и
проповедале славните Христови апостоли, кои, пак,
на светот му
дарувале спасоносен начин на
живот и избавување од сите тогашни
и сегашни цивилизациски зла.
Возљубени чеда во Господа
Исуса Христа!
Со
овие желби и
големи надежи ви
го честитаме денешниов величенствен празник и
ви пожелуваме да го
прославите во меѓусебен мир, љубов и
разбирање. Срдечно ве повикуваме на денешниот радосен
празник, со голема
христијанска и евангелска љубов понизно да се
поклониме над Витлеемската пештера, со очите
на просветениот дух
да Го видиме во
јаслите новородениот Спасител и Месија, да
му ги отвориме нашите души и срца,
за да го
примиме Неговото спасение и заедно со
евангелската војска да
запееме:
Слава на Бога во
височините и на
земјата мир и
меѓу луѓето добра
волја. Амин!
Христос се
роди!
Навистина се
роди!
|
< Претходно | Следно > |
---|