Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Насловна arrow 10 години „Православна Светлина“
Sample Image Sample Image Sample Image Sample Image
Sample Image
 
10 години „Православна Светлина“
4.01.2017.

Почитувани верни чеда на Македонската православна црква од дијацезата на Повардарската епархија!

Sample ImageВи се обраќаме најпрво вам, а потоа и на целата читателска публика ширум нашата света Македонска православна црква, бидејќи вие сте наше поле на духовен интерес и затоа што изминативе десет години, Ви се обраќавме најмногу вам, како целна група.

Имено, со овој број на нашето и ваше епархиско списание „Православна светлина“, ќе го одбележиме излегувањето на јубилејниот 40-ти број, како и заокружувањето на првата деценија од раѓањето на овој заеднички наш духовен бисер. Велиме, заеднички, бидејќи овие десет години вие бевте наша искрена и прекрасна поддршка во создавањето на овој православен „бренд“, испраќајќи ни многу преведени душеполезни и богоугодни текстови и тематски предлози.

Најпрво, Би сакале да истакнеме нешто за самите почетоци на оваа убава приказна.

Секако, најнапред треба да го спомнеме идејниот творец на издавачката „машинерија“ на Повардарската епархија, а тоа е нашиот духовен татко, Митрополитот Повардарски г. Агатангел. Ние знаеме многу добро, но сакаме барем дел од тоа да го споделиме и со вас, бидејќи улогата на овој наш духовен горостас, во сите овие активности не е ниту само формално-протоколарна, ниту пасивна, туку неверојатно активна и движечка во сите сегменти на издавачката дејност. Од него ја црпиме целата енергија и поддршка. Заеднички со нас како соработник и пријател, а не само како претпоставен и одговорен, тој знае како вистински да ја насочи и инспирира целата оваа дејност, и да го проникне духовно-интелектуалниот интерес за преведување и пишување кај многу свештеници, теолози и богослови, за таа во сите овие години да биде крајно продуктивна како за нашата света Македонска православна црква, така и за нашата земја, бидејќи на овој начин го чуваме, негуваме и унапредуваме прекрасниот наш македонски јазик, кој е наше најголемо наследство и најголем белег како народ македонски. 

Концептот на списанието е поделен во четири тематски броја во текот на една година. Најпрво е Велигденскиот број, па Петровденскиот, потоа следува Крстовденскиот број, за на крај годината да ја заокружиме со Божикното издание. Во Велигденскиот и Божикниот број покрај редовното послание на нашиот Архиереј до сето патство на Повардарската епархија, најголемиот број на текстови секако се однесуваат токму на овие два најголеми настани во животот на православната црква, додека останатите теми кои ги обработуваме, секако се душеполезни теми со кои секогаш целиме со кратки и концизни текстови да проникнеме во секоја христијанска душа, која ќе дојде во допир со „Светлината“. И во останатите два броја, на исто така сеопфатен начин обработуваме најразлични светотаинствени теми од животот на Мајката Црква.

Околу техничкиот аспект на списанието ќе истакнеме дека најпрво, односно од 1-от до 24-от број, се печатеше во А4 формат, а потоа го стандардизиравме со актуелната А5 големина. Внатрешниот дел се печати во црно-бела боја, а насловните страни се во целосен колор. Во однос на техничкиот дел Би сакале да ја издвоиме и соработката со печатницата Европа`92 од Кочани, која го печати списанието и е наш одличен соработник.

Рековме дека главен и одговорен уредник е нашиот Митрополит Агатангел, а би сакале уште да ги споменеме и протоѓакон Влатко, отец Јани, ѓакон Васил, отец Игор, Никола, Снеже, ѓакон Боби, ѓакон Никола, Александар, Маја, Јаков и многу други, кои личносно се вградија во овој проект.

Како дел од новата комуникација, која пред десет години ја најавивме со отпочнувањето на печатењето на „Православна Светлина“, мораме да го спомнеме и нашиот сајт www.povardarska-eparhija.org.mk, кој исто така транспарентно овие десет години известуваше за секоја  Богослужба, за секој поставен нов камен-темелник, за секое осветување, за секое ракополагање, објави многу душеполезни текстови, свештенички проповеди, коментари за општествени појави, објаснувања и други информации, со кои се надеваме дека успеавме да создадеме еден нов духовен менталитет и подлога за понатамошен духовен раст.  

На крај, би сакале да се заблагодариме на сите вас, кои редовно го читате нашето списание, бидејќи вашата поддршка во голема мера ја стимулира целата издавачка дејност на нашата епархија.

Со почит,

Редакција на „Православна Светлина“

и www.povardarska-eparhija.org.mk

 
< Претходно   Следно >