Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате:
За средбата со Христа
8.01.2008.

Рождество Христово

Еп. Иларион (Алфеев)

 

 

Sample Image

  

“Христос се раѓа славете! Христос од небесата сретнете Го! Христос на земјата возвишувајте се! Цела земјо запеј Му на Господа!” Со овие зборови, светителот Григориј Богослов, ја започнал својата проповед на Рождеството Христово, и оттогаш, во текот на 16 векови тие одекнуваат во нашето Црковно богослужение, поставувајќи пред нас едни и исти прашања: во што е значењето на Рождеството Христово за секого од нас; како можеме ние да Го сретнеме Христа Кој доаѓа од небесата; како можеме ние да се вознесеме од земјата на небото; како можеме да Го прославиме Христа во својот живот?

 


    Многу религии кои исповедаат вера во еден Бог му ветуваат на човекот дека тој, во одредена мера, може да се приближи до Бога, да доживее чувство на Божјо присуство и блискост. Но ниту една религија, освен христијанството, не му дозволува на човекот да Го спознае Бога како брат, како другар. Преку воплотувањето на Синот Божји, според зборовите на преподобниот Симеон Нов Богослов, ние стануваме синови на Бога Отецот и браќа Христови. Бог се воплотува за да има можност да комуницира со нас на исто ниво, па така, споделувајќи ја нашата судбина и живеејќи го нашиот живот, да добие право да ни ја каже за Себе и за нас последната вистина, која на никој начин не можела да ни биде откриена. Вистината за тоа дека нема амбис што го разделува Бога и човекот; нема непремостливи препреки за средба помеѓу човекот и Бога, еден спроти друг, лице в лице.

    Оваа средба се случува во нашето срце. Поради оваа средба дојде Господ на земјата, стана човек и живееше човечки живот: се роди во Витлеемската пештера, избега во Египет, се врати во Назарет, беше воспитуван во домот на столарот, се крсти, излезе на проповед, одеше низ Галилеја, Самарија и Јудеја, проповедајќи го Небесното Царство и исцелувајќи човечки болести, претрпе страдање и смрт на крст, воскресна од мртвите и се вознесе на небесата. Сето тоа стана за да се случи таинствената средба, за да се разруши преградата помеѓу човекот и Бог, која беше подигната од човечкиот грев. „Се сруши ѕидот на преградата, огненото оружје радосно прославува, херувимот отстапува од дрвото на животот и јас се причестувам со рајската храна”, - се пее во црковната песна. Преградата е срушена и мечот херувимски, кој го попречуваше влезот во рајот, отстапи; вратите на рајот се отвараат, и човекот се враќа кај дрвото на животот од коешто се храни со Небесен Леб.
    Историјата на гревопадот адамов е историја на сето човештво и на секој човек. Гревот адамов се повторува во секого од нас, кога ние се одвраќаме од Бога и грешиме. Но и Христос се воплотува за секого од нас, па заради тоа и спасението од Христа на Адама е и наше спасение. „Беше одврзан врзаниот Адам, на сите верни им беше дарувана слобода”, - се вели во канонот, којшто се чита на повечерието од Празникот на Христовото Рождество. Во Христа на сите луѓе им се враќа онаа богоподобна слобода, којашто Адам и неговите наследници ја погазија преку гревот и отпаѓањето од Бога.
    Светиот Григориј Богослов го нарекува Боговоплотувањето „второ создавање”, кога Бог како да го пресоздава човекот, примајќи на Себе човечка плот, „второ заедничарење” помеѓу човекот и Бога: „Оној Кој постои почнува да постои; Несоздадениот се создава; Несместливиот се сместува; Богатиот осиромашува со примањето на плотта, за јас да се обогатам со Неговото Божество... А какво е новото таинство? Јас добив образ Божји и го загубив, а Он ја прими мојата плот, за да го спаси образот и мене да ме обесмрти. Тој стапува во второ ново општење со нас, коешто е многу подобро и повозвишено од првото”.
    Од воплотувањето на Словото произлегува, според зборовите на Свети Ефрем Сириски, „размена” помеѓу Бога и човекот: Бог прима од нас човечка природа, а нам ни ја дарува Својата Божественост. Преку воплотувањето на Словото произлегува обожението на човекот. „Словото се овоплоти за ние да се обожиме”, - вели Свети Атанасиј Велики. „Синот Божји стана Син Човечки за синовите човечки да ги направи синови Божји”, - вели светиот Иринеј Лионски. Обожението, за коешто човекот беше предназначен по самиот чин на создавање и коешто тој го изгуби преку гревопадот, му беше вратено на човекот преку Воплотеното Слово.
    И токму затоа од Рождеството Христово произлегува целосно обновување на човечката природа. Не само преку тоа единствено Раѓање кое се случи пред 2000 години во Витлеем, туку и од она раѓање на Христа, коешто одново и одново произлегува во нашите души. Бидејќи душата на човекот – тоа се „животинските јасли”, коишто Бог ги прави место на Своето Божество и Свој Храм. Човекот во гревопадот „се уподоби на неразумните животни”, но Бог доаѓа кај паднатиот човек и неговата душа ја прави место, каде што се случува таинствената средба меѓу Него и нас.
    Најголемото чудо на Божјото овоплотување е во тоа што, бивајќи извршено еднаш во историјата, тоа се возобновува во секој човек, кој доаѓа при Христа. Во длабоката ноќна тишина Словото Божјо се овоплоти на земјата: така се овоплотува и во тивките длабочини на нашата душа – онаму, каде што замолкнува разумот, каде што се истрошуваат зборовите, каде што умот на човекот стои пред Бога. Христос се роди на земјата незнаен и непознат, и само мудреците и пастирите заедно со ангелите дојдоа да Го сретнат: така тивко и незабележано за другите се раѓа Христос во човечката душа, а таа му излегува во пресрет, бидејќи во неа блеснува ѕвездата која води кон Светлината.
    Ние таинствено Го сретнуваме Христа во молитвата, кога одеднаш откриваме дека нашата молитва е примена и услишана, дека Бог „дошол и се вселил во нас” и нè исполнил со Неговото животоносно присуство. Ние Го сретнуваме Христа во Евхаристијата, кога, отако ќе се причестиме со Телото и Крвта Христови, одеднаш чувствуваме дека нашето тело е проникнато од Неговата Божествена енергија и во нашите вени тече Крвта Божја. Го сретнуваме Христа и во другите таинства на Црквата, кога преку допир со Него се обновуваме и оживотворуваме за живот вечен. Ние Го сртнуваме Христа во нашите ближни, кога одеднаш пред нас се открива човек и ние ѕиркаме во неговата скриена длабочина, каде што свети образот Божји. Ние Го сретнуваме Христа во нашиот секојдневен живот, кога среде животната врева одеднаш го слушаме Неговиот глас Кој нè повикува или кога го гледаме Неговото јавно и неочекувано вмешување во текот на историјата.
    Токму така, ненадејно и неочекувано се замеша Бог во животот на човештвото пред 20 векови, кога со Своето Раѓање го сврте сиот тек на историјата. Токму така Он се раѓа одново и одново во душите на илјадници луѓе и го изменува и преобразува сиот нивни живот, правејќи ги верници од неверници, светители од грешници, ги спасува оние кои пропаѓаат.
    Нека празникот на Рождеството Христово стане празник на раѓањето Христово во нашата душа и на нашето раѓање во Христа. Да замолчиме за светот, за во нашата душа да се роди Словото Божјо и да нè исполни со Божество, Светлина и светост...

 

 

Превод од руски јазик:

Јани Мулев, дипл. теолог

Наслов на изворникот:

Епископ Иларион Алфеев,

О встрече со Христом. Рождество Христово

хттп://бисхоп.хиларион.ортходоџиа.орг

 
< Претходно   Следно >