Македонското име и неправдата (2 дел) |
22.12.2016. | |
На сите пополека ни стануваше јасно дека некој однапред развил сценарио на виткање на ’рбетот на народот и упорно, како по ноти, работеше на реализација на однапред испланираната цел. Нивното безумие е дојдено дотаму што во последно време воопшто не се обидуваат да се затскријат, туку сосема отворено и јавно, на цел глас, ги проблематизираат историјата, темелите на државноста и националниот идентитет на македонскиот народ. Овие личности не се кои било во нашето општество, туку се видни политичари, поранешни премиери, министри и градоначалници, ценети уметници и интелектуалци. Но, се чини, спроведувајќи ја својата преземена лукава обврска, на претставниците на ова зло, ова им се последните обиди да го уништат и обезличат народот. Ова се нивните последни очајнички напори да го придвижат народот кон себеуништување. Штетата е огромна, но не е и ненадоместлива, бидејќи, и покрај огромното невреме и силните ветришта, темелот не е поткопан, ниту, пак, е разрушен. Безумниот го гради својот дом на песок, а умниот македонски народ својот идентитет го изградил на најцврстата карпа, ги удрил своите национални темели на најсилниот камен, па ужасот на надојдените води и силата на моќните ветрови воопшто нема да му наштетат, ниту да го поткопаат неговото национално убедување. Бескрајно сум му благодарен на Бога што ваквите изливи на бес и лукавство се лесно прочитани од македонскиот народ. Македонецот, кроток по душа и воспитуван во здрава и нормална моралност, кон ваквите недолични однесувања знае правилно да се постави. Луѓето што преку насилство сакаат да ги остварат своите цели очигледно го потценуваат народот, гледајќи на него како на една обична безлична маса, која лесно може да се моделира и манипулира. Странските притисоци за промена на името на Р. Македонија, а со тоа и името на македонскиот народ, го достигнаа својот врв. Нивната настојчивост особено беше засилена по хашката пресуда, кога странците, нашите соседи, но и домашните обработувачи излегоа на чистина, немајќи каде да ја скријат својата дволичност. Со особена леснотија, а секако неосновано, почна да се тврди дека меѓународната заедница нѐ отпишува, дека светската цивилизација нѐ изолира. Но, сепак, сведоци сме токму на спротивното: и на исток и на запад и во Европа и во САД сé уште постојат чесни луѓе што и самите се затечени од оваа апсурдност и лицемерство кон Македонија и кон македонскиот народ. Повеќепати и самиот сум бил сведок на нивната вџашеност и неверување, кога сме разговарале за оваа необјаснива и несфатлива ситуација. Ноторен факт е дека при преговорите за нашето уставно име, под медијаторство на ОН, очигледно се фаворизираат и се води грижа само за грчките националистички и радикални ставови. Преговорите, во суштина, имаат за цел единствено промена на македонскиот национален идентитет, а со тоа и промена на македонскиот јазик, што потоа ќе доведе и до неминовна промена и на името на Македонската православна црква. Од Македонија се бара апсурдното и невозможното. Европа и денеска, за жал, покажува вакви регресивни симптоми. Амбасадорите, кои овде ни ги испраќа, се однесуваат како амбасадори и адвокати на грчките интереси. Колку се политички слепи, дрски и лицемерни ни сведочи и тоа што отворено и бесрамно нѐ нарекуваат „Вашата земја“, што според мене е налудничав нацизам, преоблечен во наводна дипломатска смиреност и студенило. Македонија и македонскиот народ поминале низ многу тешки периоди во својот историски развој, а сигурни сме дека ќе ги преброди и современите предизвици и искушенија. Така ќе биде зашто правдата и вистината се на наша страна, а каде што се правдата и вистината, таму е и силата Божја. Нашите славни предци и борци за национална слобода и самобитност нѐ научиле дека човекот има потреба од татковината и од народот, но и обратно дека татковината има потреба од човекот. Денес, живееме во време кога токму татковината има потреба од нас. Татковината не може да се одбере, да се купи, да се замени или напушти. Татковината е првиот благ и топол мајчински збор, татковата прегратка и закрила, домашното воспитување, секојдневниот поздрав на соседот, научената лирска песна или херојско четиво на училиште, удобното и топло место за живеење, пријатната сигурност на домот, прославувањето на празниците, спортските победи, семејните веселби, раѓањето на новиот живот, именувањето и поимањето на светот, себедоживувањето на она што си. Искрената и нормалната љубов му ја открива на човекот неговата татковина, т.е. неговата духовна врска со родниот народ, неговата национална припадност, кое е негово земно прибежиште. Да ја имаш татковината е среќа, а можеш да ја имаш само со љубов. Не случајно луѓето на омразата, современите лицемерни бунтовници и револуционери, се мртви во љубовта. Тие, во својата себичност, лишувајќи се од татковината, во светот почнаа отворено да ја шират безличната пропаганда на омразата. Во светот, под нивно влијание, се почна упорно и жестоко гонење на љубовта. Под водство на луѓе со налудничави идеи се организира напад на нормалното и традиционално сфаќање на семејството, се редефинира она што е морално, се поттикнува одрекување од татковината, задушување на верата, религијата и црквата. Татковината Македонија е најдоблесниот, најубавиот, највозвишениот отпечаток врежан во моето битие. Татковината е наследство, кое неминовно се прима и кое се носи насекаде и на секое место. Јас, во исто време ја бранам, но и ја создавам и ја облагородувам мојата татковина, а наедно креирам нови вредности, кои потоа ги предавам на идните генерации. И затоа кога на кој било начин ќе биде нападната мојата татковина, јас со сите сили, како што знам и умеам, ја бранам и заштитувам. Научен сум од своето славно минато дека само со силен отпор овие вредности и скапоцености може да се зачуваат од грабливите посегнувања. Сега, во овие тешки моменти за нашата татковина, повеќе од потребно е да се обединиме на секое духовно и интелектуално поле. Само со заедничка моќна и народна сила, ќе можеме да ја зачуваме иднината на нашата татковина Македонија. Да не заборавиме дека борбата за татковината е и борба за нашето национално опстојување. Незаинтересираноста и млакоста во однос на ова прашање, лесно може да доведе до тоа да го загубиме сето она што со многу труд, мака и пожртвуваност било стекнато од страна на нашите сакани предци. Има многубројни пишани докази, кои сведочат дека отсекогаш сме биле Македонци и дека нашата татковина е Македонија. Текстот е објавен во дневниот весник „Нова Македонија“ на 22. 21. 2016 |
< Претходно | Следно > |
---|