Македонското име и неправдата (1 дел) |
22.12.2016. | |
Но, Господ Бог секогаш чекори со правдољубивите и вистинољубивите, неговата правда е вечна правда, а неговиот закон е чиста вистина. Светиот цар и пророк Давид вели: „Праведноста и правдата се основа на твојот престол, милоста и верноста одат пред твоето лице“. (Псалм 88, 14). Па така, се победи силата на нечестивите, се уништи намерата на несправедливите. Слабиот и дотолчен македонски народ, надевајќи се единствено на божјата правда, не потклекна пред горделивите и алчни моќници на овој свет. Се воздигна народот од пепелта на уништувањето и со сигурни чекори побрза, со благодарност, да го воздигне разрушеното, но и да создаде нови вредности што ќе ја втемелат неговата светла иднина. Веднаш по создавањето на современата македонска држава, Македонецот мораше да им докажува на суетните непријатели дека постои. Македонскиот народ беше доведен во положба, досега невидена ниту забележана во историјата на човештвото. Има ли поголема апсурдност и безумие од тоа некому да му го докажуваш очигледното? Има ли поголема лудост од тоа да мораш да докажуваш дека си жив? Сопствениот идентитет и сопственото име не се здобиваат со декрет, директива или со некоја договорена декларација. Сознанието за себе, за своето постоење, односно за својот национален идентитет, е добиено тогаш кога сме се родиле, односно кога сме растеле во пазувите на нашите родители, но и тогаш кога во текот на живот сме ги учеле и осознавале неговите основни предизвици и несогледливи можности. Сето ова се случува спонтано, а не организирано. Според тоа, сознанието за себе, за сопствениот идентитет, не може да го урне ниту еден организиран систем, ниту едно ропство, ниту пак кој било геноцид и истребување. Станувајќи делумно свесни за оваа апсурдна состојба, организаторите на преименувањето прибегнаа кон амбициозен цинизам, па преку уцени, закани и плиткоумни притисоци, и однатре и однадвор, испланираа и дрско предложија самоукинување на македонскиот народ. Државата Македонија, покрај тоа што политички е присилена да преговара за своето име, паралелно преговара и за сопствениот идентитет и за својот јазик, иако никој нема право, ниту мандат, во името на поединецот, односно во туѓо име, да преговара за овие нешта. Националниот идентитет и посебност не можат да бидат лична своина на кој било македонски политичар, а уште помалку некој однадвор може на дрзок начин, да му кажува на другиот кој е и што е. Овој пеколен план, кој очигледно доведе до ќор-сокак и кој настојчиво и самоуверено се спроведуваше во сите овие децении од нашата независност, предизвика деструктивни појави од невидени размери, кои како апсурден проблем постепено проникнуваа во сите пори на македонското општество. Со проблемот за името и неговата апсурдност, не беа засегнати само државните претставници и раководители, туку и спортските репрезентации, бизнисмените, претставниците на Македонската православна црква и преостанатите верски заедници, новинарите, разните здруженија на граѓани, луѓето од културата. Во овој вител на апсурдноста беше обземен и обичниот, конкретниот поединец, кој требаше да трпи и да проголтува секакви напади и понижувања, кои во голема мера личат на холокаустот од Втората светска војна. Откако бескрупулозно беше удрено по најсветото и највозвишеното, на вообразената и суетна опскурност воопшто не ѝ беше проблем насилно да дејствува и по историјата, јазикот и националниот идентитет, надевајќи се дека со тоа ќе го зададе завршниот и конечен смртен удар на македонскиот организам. Најпрво, нивниот план се движеше кон теренската реализација на смисленото, па во тој контекст беа избирани и разместувани „подобните и благонадежните“ на сите стратегиски и клучни места во нашето општество, почнувајќи од богати невладини организации со сомнителни цел и етика, потоа „независни“ експерти и аналитичари, па сѐ до политичари што дури и победуваа на избори, станувајќи притоа власт во државата. Текстот е објавен во дневниот весник „Нова Македонија“ на 21. 21. 2016 |
< Претходно | Следно > |
---|