Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Насловна arrow Свети Никола, Мирликиски Чудотворец
Sample Image Sample Image Sample Image
Sample Image
 
Свети Никола, Мирликиски Чудотворец
21.12.2016.

 

Sample Image

 

„Вистината на сè како правило на верата, образец на кротоста и учител на воздржливоста те покажа на стадото твое; заради тоа си го придобил со смирението – возвишеното, а со сиромаштвото – богатството; оче свештеноначалниче Никола, моли Го Христа Бога да ги спаси нашите души“ (тропар на свети Никола Мирликиски Чудотворец).

Sample Image На 19. 12. 2016 година, кога го прославуваме споменот на светиот Никола Чудотворец архиепископ Мирликиски, ревносниот поборник на вистината и учесник на Првиот вселенски собор, во храмот посветен на овој светител во Велес, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Повардарски г. Агатангел, во сослужение на повеќе свештенослужители. На Литургијата присуствуваа мноштво верници, кои дојдоа да го чествуваат светиот Николај, чиј култ во цела Македонија, и воопшто во целиот православен свет е многу голем.

Sample ImageOвој славен светител, когошто и денес го слават по сиот свет, им беше единец син на своите богати и угледни родители, Теофан и Нона, жители на градот Патара во Ликија. Бидејќи им беше син единец даруван од Бога, тие Му го посветија на Бога, принесувајќи Му така дар. Знаењето за духовниот живот Св. Николај го стекна преку својот чичко Николај, епископот Патарски, и се замонаши во манастирот „Новиот Сион“, основан од тој негов чичко. По смртта на родителите Николај им го раздаде наследениот имот на сиромасите и ништо не задржа за себе.

Додека беше свештеник во Патара тој многу се прочу со делата на својата милостиња, иако ги криеше грижливо, за да го исполни зборот Господов: „Да не знае твојата лева рака што прави твојата десна рака“ (Матеј 6, 3). Кога се предаде на самотност и на безмолвие, мислејќи така да проживее до смртта, му дојде глас одозгора: „Појди на подвиг меѓу народот, ако сакаш да бидеш од Мене овенчан.“ Веднаш потоа според чудесната Божја Промисла беше избран за епископ на градот Мир во Ликија. Милостив, мудар, неустрашлив. Св. Николај му беше вистински добар пастир на своето стадо. За време на гонењето на христијаните под Диоклецијан и Максимијан го фрлија во затвор, но тој и во затворот ги поучуваше луѓето на законот Божји.

Присуствуваше на Првиот Вселенски Собор во Никеја и од голема ревност за вистината го удри еретикот Ариј. За ова дело го отстранија од Соборот и од архиерејската служба, сѐ додека на неколкумина од првите архиереи на Соборот не им се јавија Самиот Господ Христос и Пресвета Богородица и не го објавија своето благоволение кон Николај. Чувар на Божествената вистина, овој чудесен Божји светител беше и одважен заштитник на правдата меѓу луѓето. На двапати спаси по тројца луѓе од незаслужена смртна казна.

Милостив, вистинољубив и праведен, одеше меѓу луѓето небаре ангел Божји. Уште за време на животот луѓето го сметаа за светител и го повикуваа на помош во маки и неволји и им се јавуваше во сон и на јаве на тие што го повикуваа, еднакво лесно дали се блиску или далеку, и им помагаше. Од неговото лице блескаше светлина како од лицето Мојсеево, па и со самата своја појава им носеше на луѓето утеха, мир и добра волја. На старост малку се разболе и се упокои во Господа, многустрадален и многуплоден, за вечно да се весели во Небесното Царство продолжувајќи да чудотвори на земјата, помагајќи им на верните и прославувајќи Го својот Бог. Се упокои на 6 декември 343 година.

 
< Претходно   Следно >