Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Слово кон Митрополитот Агатангел
Слово кон Митрополитот Агатангел
10.10.2016.

Проповед по повод 10 годишнината од назначувањето на Митрополитот Агатангел

 за архиереј на Повардарската Епархија

Во името на Отецот Синот и Светиот Дух!

Ваше Високопреосвештенство,

Пастироначалнику на оваа богоспасувана Повардарска Епархија,

чесни отци, драги браќа и сестри.

„Постојат разни дарови, но духот е еден и ист.

Има разни служби, но Господ е еден и ист.

И разни сили постојат, но Бог е еден и ист, кој врши се во се. А, на секого му се дава во него да се појави духот за полза“. (1. Кор.12.4-7)

 

Sample ImageВо Телото Христово благообразно и со Божји поредок, сите духовни чинови произлегуваат од Епископот кој е символ на единството на Црквата. Во Црквата Христова се се случува преку благословот од Епископот и со негова согласност. Затоа Црквата како Тело Христово секогаш доживува свое единство и тоа како совршена реалност, а не како нешто што треба да ни се случи во иднина. Епископот физички не може да биде присутен на секое место од својата епархија, но баш заради тоа и преку тоа, се гледа возвишеноста на неговиот чудесен призив, да биде секаде присутен и со своето служење и раководење беспрекорно да функционира секоја црковна служба. Тој со својот архипастирски призив не е само управител и координатор, туку најмногу е чувар на единството на црквата. Затоа Епископот како Божји домоуправител треба да е чесен, кроток, мирољубив, без маани, праведен, побожен и издржлив и кадарен да ја изучува оваа наука на здрави основи.

Денес, драги браќа и сестри, оваа наша Свети Климентова црква ја прославува 10 годишнината од повторниот избор и назначување за Епархиски Архиереј на Повардарската Епархија Митрополитот г. Агатангел. Тој впрочем, се одликува со сите овие атрибути за кои претходно говорев. Тој е шести архиереј по хиротонија во Синодот на МПЦ.  За делата негови ќе проговориме понатаму, но како што е редот да ја опишеме неговата свештенослужителска лична карта. Роден е 11. 03. 1955 година од благочестивите родители Иван и Елица во Скопје. Иако, останува сирак без мајка во најраното детство, неговиот татко со голема љубов, вера и храброст ги издигнува него и неговите двајца браќа низ макотрпноста и сложеноста на животот, потпирајќи се на Бога и на неговата Света промисла. Малиот Атанас слушајќи го гласот на Создателот во себе и разгорувајќи ја неговата желба за богоугоден живот, се запишува во Македонската православна богословија „Св. Климент Охридски“. По матурирањето во богословијата, на 07. 01. 1979 година е ракоположен во ѓаконски чин со благослов од Неговото Блаженство г.г. Доситеј и митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил, а два дена подоцна ракоположен е во свештенички чин, во неговата парохиска црква „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Чаир, каде останува на парохиска должност до 1983 година. Таа година, пред Велигден заминува на мисионерска дејност во Австралија, во црквите Св. Богородица Бризбејн, во Мелбурн, во црквата Св. Димитрија во Спрингвејл и Св. Никола во Престон. Во периодот од 1988 до 1990 година, свештеникот Атанас Станковски е архиерејски заменик на тогашниот митрополит г. Тимотеј, кој го произвел во протоерејски чин. По враќањето од Австралија, протоерејот Атанас Станковски најпрвин работи како библиотекар на Богословскиот факултет, а потоа и како референт во канцеларијата на САС на МПЦ.  Желбата за парохиската дејност ја активира во 1995 година во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Во меѓувреме тој со голем елан и интелектуален пристап го дооформува успешно своето образование со дипломирање на Богословскиот факултет. По Божја промисла, на 05. 02. 1998 година прота Атанас Станковски станува нов богослужител преку монашкиот призив со ново име Агатангел Битолски. Се исполнува неговата желба за монашки подвиг, со Божја промисла тој како искален, смирен богослов, кој влегува во чинот на монаштвото со голема љубов, смирение и трпение. Овие добродетели САС на МПЦ ги забележува кај него и на 12. 07. 1998 година го хиротонисува за викарен епископ на Скопската митрополија, со титула Епископ Велички. На 13. 02. 2000 година е избран и востоличен како Митрополит Повардарски. Но, заради потребата на црквата и големата љубов и разбирање што ја поседува овој Епископ, прифаќа само по неколку месеци односно на 10. 11. 2000 година да биде избран и назначен за епархиски архиереј на Брегалничката епархија. Неговата интронизација за митрополит Брегалнички се случува во Соборниот храм Св. Никола на ден 26. 11. 2000 година, каде храмот беше претесен да го собере насобраниот народ Божји. Но, Божјата промисла, драги браќа и сестри, е навистина голема и чудна и така на денешен ден пред 10 години, во Соборниот храм Св.вмч.Пантелејмон во Велес, нашиот дедо владика како што и милува народот да му се обрати, е интронизиран за Митрополит Повардарски. Црквата никогаш не била и нема да биде беспомошна кога е во прашање жртвата, љубовта и активното учество на Митрополитот Повардарски г. Агатангел. Љубовта спрема Бога тој не ја одвојува од љубовта спрема својот народ. Вистинското служење на Господа, за него е како дарувано заедништво на Бог и луѓето, проследени со дарот на духот Свети. Вистинското трагање за духовниот живот, стабилноста и трајните вредности на Црквата Христова, сите ние заедно, креативно ги пратиме преку делото и творештвото на Митрополитот Агатангел. Тој за време на својата пастирска дејност како Епископ и Митрополит со љубов и чисто срце ги проценува потребите на својот народ. Патриотизмот и родољубието не е нешто страно на него, туку вистинско дејствување и исполнување на библискиот принцип. Тој Македонската Православната Црква секогаш ја гледа како народна црква, па преку литургискиот принцип на стабилност, смирение и воздигнување ја издига на вистинските апостолско-древно христијански традиции. Затоа нашиот верен народ може да си ја препознае својата жива црква и својот добар пастир. Црквата за Епископот претставува вистински израз токму преку Светата Евхаристија. Тој како престојател на Божјата Евхаристија го благословува нашиот народ и верните чеда на Повардарската епархија. За да се исполни Евхаристичкиот живот во црквата, би сакал да изложам неколку богословски мисли и размислувања на темата за местото и улогата на епископот во светата Евхаристија. Прво треба да го прифатиме размислувањето на Светата Православна Црква за Епископот како икона на Господа Христа и второ да го претставиме вистинскиот израз на ова сфаќање во поредокот и извршувањето на самата Света Евхаристија. Овие два факта се содржани токму во ликот и делото на Високопреосвештениот Митрополит наш Агатангел, во чија чест сме собрани, во неговото Епископско делување и начин на служење на Светата литургија. Самиот Христос присуствува преку Епископот. Дури и во Светата литургија постојат многу значајни елементи кои се поврзани за Епископот кој го изобразуваат, иконизираат, доаѓањето и воспоставувањето на Царството Божјо преку Светата Евхаристија. Ќе напоменеме само неколку од тие елементи. Прво влегувањето на Епископот во Светата литургија денес го нарекуваме Мал вход. Второ седењето на Епископот на горното место тронот, претставува основна икона на есхатолошкиот Христос на кој сите свети отци инсистираат, зошто Епископот е и глава на таа помесна црква. Трето проповетта на зборот Божји. Четврто Големиот вход покажува исто така дека Епископот е икона Христова, зошто само тој не зема  учество во входот каде што се носат чесните дарови, туку на царските двери истите ги прима, ги внесува.

Сите живи членови на оваа наша Повардарска епархија, го препознаваат ова во ликот на нашиот Митрополит и затоа на цел глас извикуваат: „Најнапред спомни го Господи Високопреосветениот митрополит наш Агатангел. За да може овие дела Епископот да ги исполни од Господа добива посебна благодат зошто со човечка сила е невозможно да се изврши така големо и тешко дело.

Во овие 10 години од Вашето повторно враќање  при Повардарската епархија Ваше Високопреосвештенство г.Агатангел, покажавте дека Господ Бог во изобилство Ви ја дал благодатта и силата за да ги исполнувате сите должности. Ние сите знаеме за вашата љубов и грижа за нашето спасение. Но исто така и знаеме дека со иста сила и љубов работите на полето на Евангелската доктрина која Ви е патеводителка, инспирирана од љубовта и помошта за човекот, особено за човекот како личност на кому поради тешкотијата и финансиската несреќа му е потребна вистинска помош. Па затоа во 1998 година со благослов на Архиепископот Михаил, ја создадовте и мисионерско-хуманитарната дејност „Ѓаконија“, која духовно ги просветлува, но и телесно ги нахранува и облекува најсиромашните. Оваа Ваша дејност е насочена кон сите оние кои што страдаат од лош сплет на околности и се социјално загрозени семејства. Но, Вашиот предзнак е дека тие се сепак христијански семејства на кои им е потребна помош. И издавачката дејност не Ви е страна. Работите со полна пареа, огромна заложба и упорност, а тоа се гледа преку печатените книги, списанија и брошури. Убаво искажаниот збор топло ги разнежнува срцата и силно ја разгорува љубовта на македонската читателска публика. Преку Вашето изобилно теолошко воспитување и образување ја поседувате мудроста како дар, со кој ја унапредувате православната заедница и единството на Светата Црква. Насекаде во богомдаруваната Ви Епархија Повардарска, која успешно ја раководите во овие 10 години, како еден од најсилните, најторжествените, најдлабоките белези со кои се одликувате е Вашата неимарска, градителска дејност. До денес изградивте повеќе храмови одколку тоа што го поседуваше Повардарската Епархија. Повардарската епархија гледајќи со очите на народот, претставува едно радосно градилиште во кое секојдневно се поставуваат камен темелници за нови цркви, се обновуваат манастири и конаци, се реставрираат и фрескоживописуваат многу цркви и многу манастири. Многу време и простор ќе ни треба да ги наброиме сите, но еве барем само неколку: црквата Св. Кирил и Методиј во самиот центар на градот Велес, е скоро подготвена да го дочека денот на осветувањето, болничката црква Св. Козма и Дамјан, која е вистинско прибежиште на болните, потоа црквата Св. Јован која забрзано се гради, црквата Св. Петка која од параклис стана вистинско молитвено здание, ја изградивте црквата Св. Петка во Кавадарци, која претставува чудесен и прекрасен дом Божји, започнавте со реставрација на црквата Св. Димитриј во Кавадарци, потоа црквата во Неготино, црквата во Богданци која поради запалување на истата се зафативте да ја издигнете неколкукратно поголема од постоечката. Не останавте мирен ниту во Валандово со градење на манастирот и негово осветување, како ни во Гевгелиско каде градите манастир, но и ја реставрирате и црквата Св. Кирил и Методиј. Реставрација доживеа и црквата Св.Спас во Гевгелија, и навистина уште многу дела и многу конаци како што е Согленскиот, конакот во Полошки, во с. Мокрени и насекаде, за сите и за се.                  

Ваше Високопреосвештенство, се покажавте како вистински борец за правдата и мирот. Ја извршувате својата мисија во богомдаруваната Ви Епархија, во црквата човекот најмногу се познава по својот вистински идентитет. Го чувате Вашето паство и Вашата Епархија од најразлични опасности кои светот и световниот живот ги нуди. Го чувате Вашиот народ кој Ви е доверен Вам, од распадот на безличната маса, од опасноста да стане жртва на манипулација на оние кои не го почитуваат законот Божји. Го развивате православното меѓуцрковно единство и дијалогот со останатиот христијански свет. Се водите според Евангелието каде Христос преку дијалог го подучувал народот. Духот на дијалогот стана символ на епохата во која живееме. Во вртлогот од брзина на модерниот свет каде се промовира толку негативно и толку неморално што народот може да го фрли во конфузија, токму ако нема кому да се потпре и од кого да ја побара вистината. Овој народ и оваа црква се радосни што Ве имаат и што можеме да посведочиме евангелски и да ја примиме таа вистина од Вас кој сте нашиот пастир и вистински застапник пред Бога.

Ваше Високопреосвештенство, кога човек говори за Вас, се што ќе каже е премалку. Вашите дела, говорат и тогаш кога се молчи, Вашите молитви ги принесувате за сите Ваши духовни чеда, во лицето на свештенослужителите и народот Божји. Ја чувствуваме сите Вашата татковска љубов и тогаш кога ќе не укорите и тогаш кога ќе не посоветувате и тогаш кога само со еден поглед ќе ни го покажете смирението, трпението и љубовта кон ближниот. Денес сите ние чувствуваме посебна радост и Ви упатуваме искрени честитки на Вашиот јубилеј, кој еве денес заедно како Црква со Епископ, свештенослужители и народ Божји го славиме. Ви посакуваме силно здравје, и уште многу години да работите и творите на нивата Господова. Овој скромен подарок, оваа панаѓија и овој крст што Ви ги подаруваме од името на целата Црква, носете ги и секогаш молитвено споменувајте не во исполнување на довереното Ви дело.

            На многаја лета ВЛАДИКО!

 

Проповедал протоереј м-р Горан Панзов

Црква „Успение на Пресвета Богородица“ – Велес 09. 10. 2016 Лето Господово

 
< Претходно   Следно >