Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Насловна arrow Ново издание од Повардарската епархија
Sample Image Sample Image Sample Image
Sample Image
Sample Image
 
Ново издание од Повардарската епархија

Sample ImageСо благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, се подготви и се испечати книгата „Светите и блажени јуродиви заради Христа“. Ова ново издание од издавачката дејност при Повардарската епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“ го преведе ѓаконот Бобан Ѓорѓиевски. Оваа книга е уште едно полезно и богоугодно четиво кое има за цел да ни го претстави подвигот на јуродивите светители, преку нивните житија.    

Книгата може да се најде во сите храмови на Повардарската епархија или да се порача директно од издаваштвото на Повардарската епархија на тел. 043 221 231.

Во прилог можете да го прочитате и предговорот на оваа книга.

Предговор

Според зборовите на великиот светител Серафим Саровски, никој не смее без призив од Светиот Дух да се зафаќа за овие три работи: за игуменство, за отшелнички живот и за јуродството заради Христа. Да се биде јуродив, т.е. доброволно да се прифати патот на лудоста заради Христос е огромен призив и подвиг, и не може секој да биде повикан за ова, ниту некој може по своја волја да стане јуродив. Во житијата на блажените јуродиви ќе најдеме зачудувачки и застрашувачки подвизи, кои се несфатливи за обичниот човек. Често пати ни доаѓа да се запрашаме, дали е навистина тоа можно? Дали навистина постоеле такви луѓе со таква сила на духот?

Житијата на светителите ни сведочат дека постоеле такви светители уште од првите векови, но ваквите светители ни денес не исчезнале од лицето на земјата. Нивното присуство во одреден историски контекст и простор е најсилна проповед за Евангелието на нашиот Господ и Спасител Исус Христос. Нивното прифаќање на Евангелието е слободно, затоа што тие се сосема бестрасни, целосно ослободени од било која страст, а постојано пред очите на светот се покажувале како да се грешни, сладострасни, за да не се случи некој да ја препознае нивната светост и да ги пофали. Нивниот живот е полн со откажувања, јуродивиот не се приврзува за ништо овде на земјава, ни со живеалиште, ни со луѓе, туку постојано е како скитник кој пророчки ги поправа грешниците, да се покајат и да се вратат на патот кон спасението. Тие се слободни од било какви ограничувања, било каква конвенционалност, било каква надворешна праведност и самозадоволност. Јуродивиот е бунтовник, провокатор, кој постојано бара од луѓето да се променат, кој не се задоволува од фарисејската вера, туку бара од нас, но и со својот пример покажува, дека не е доволно само да се нарекуваме христијани, туку мораме да се откажеме од својот егоизам, да се откажеме од приврзаноста кон земски работи, да се откажеме од угледот и од пофалбите на светот, ако сакаме да чекориме по патот Христов.

Нивниот животен пат е тесен и трнлив. Честопати се понижувани, тепани, клеветени, а тие сето тоа го прифаќаат како да се достојни дури и за нешто полошо. Кај нив нема себеоправдување, нема сентиментално сожалување ни себесожалување. Тие не се моралисти, но тоа не значи дека се неморални, туку со својот живот и однесување покажуваат дека во секој човек треба да го видиме образот Божји, дека секој човек е икона Божја, и затоа често јуродивите се во друштво со најдолниот општествен слој – со блудните, пијаниците, скитниците, често одат и во куќите на неморал, но таму не блудствуваат, бидејќи се бестрасни, туку ги приведуваат блудниците кон покајание. Па така, благодарение на нивните заложби и грижа, многу од тие девојки заминуваат на покајание во манастир, или стапуваат во брак.

Присуството на јуродивите во црква е вистинска соблазна за оние послабите, а тоа како воопшто да не ги допира нив. Со симболични дејства, со прекинување на Литургијата, со фрлање камења по црквите, тие со пророчки јазик им сведочат на верните да се разбудат од гревовниот сон, да се покајат, да станат уште подобри, но никако не им дозволуваат да бидат задоволни од себе, како фарисеи.

Оваа книга ја објавуваме бидејќи сметаме дека во неа може да се најдат скапоцени совети за нашиот пат кон Христос, но ја објавуваме со извесен ризик, бидејќи, кога почетник во верата ќе ја прочита оваа книга, сигурно ќе биде восхитен од овие примери, и од наивност ќе помисли дека и тој може тоа да го живее, па ќе почне да прави будалести работи, како оние од житијата на јуродивите. На крајот ќе заврши со разочарување. Затоа, на крај, уште еднаш би сакале да нагласиме дека, тешкиот подвиг на јуродивоста не е наш личен избор, туку е призив од Бога, но не кога и како што ние сакаме, туку само кога Бог ќе посака и на начин на кој Он ќе посака да повика некого. Молитвите и благословите на светите и блажени јуродиви светители да бидат со сите кои ги читаат нивните житија и се поучуваат од нив. Амин!

Митрополит Повардарски

+ Агатангел 

 

 
< Претходно   Следно >