Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Проповед во Бигорската обител
Проповед во Бигорската обител
14.09.2016.

Во името на Отецот, Синот и Светиот Дух. Амин!

Sample ImageДенес, Светата Православна Црква го празнува светиот Јован Претеча и Крстител - најголемиот човек, кој некогаш се родил од жена. Ова се зборовите што за него ги кажа нашиот Спасител, Господ Исус Христос - Кому денес Му се поклонуваме, Го славиме, Му пееме, Му благодариме, Кому се надеваме, Кого верно Го следиме и Кому се угледуваме и уподобуваме. Светиот Претеча и денес од пустината ги повикува нашите срца и души на покајание. Манастирот, драги мои, е пустината во која се собираме да го најдеме духовниот мир и спокојство. Овде на ова свето место Го наоѓаме и се сретнуваме со Христа Бога и преку молитвата лице в лице со Него разговараме.

Токму за тоа сме собрани во оваа Света Обител, во овој Свет манастир посветен на оној кој од пустината како лав го креваше својот глас и упорно нè повикуваше и велеше: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно.“ Овие зборови, и денес со иста сила и значење нè повикуваат на покајание и преумување. Да извикаме, драги браќа и сестри, од длабочината на нашата душа: „Боже, Господи, помогни ни, спаси нé Господи, очисти нé Господи, умртви ги сите страсти во нас, за да можам од длабочината на срцето да ти пеам Господи, од длабочината на срцето да ти се поклонувам, да ти благодарам...“ Пустината, драги мои, е облакот во кој се наоѓа Духот Божји, и со тој облак Христос Спасителот наш, ги исполнува срцата и душите на оние кои вистински го бараат Божјиот мир и благослов. Овде во овој свет храм, во оваа Света македонска обител го чувствуваме присуството Божјо, се сретнуваме со Живиот Бог, Вистинскиот Бог, Богот на правдата, вистината и љубовта... Светиот апостол Јован Богослов ни вели: „Бог е љубов“, и Таа Љубов која создава и исполнува сé се чувствува овде меѓу нас. Спасителот наш, Господ Исус Христос го исполнува нашето срце со љубов, и токму заради неа се нарекуваме вистински браќа и сестри... Денес, четирите момчиња, новите храбри Христови војници, го допреа во нивните срца Христос, ги осветли Бог нивните умови, ги просветли Светиот Дух нивните души и им го подари Христос најголемиот дар - дарот на љубовта и истрајноста во добродетелта. Им го даде Господ Бог, настојателот на оваа света обител, високопреподобниот архимандрит Партениј да ги крепи и придружува на патот кон светоста и преку неговите душеполезни совети и напатствија да им го осветлува патот во пустината. Пустината и нејзината тишина ни помагаат во молитвата, пустината смирува, нé соединува со Господа Бога и ни ги отвора духовните очи за да ја видиме Вистината...

Возљубени мои браќа и сестри, Бог промислува за секого и за сè... Верувајте ми, примајќи го ангелскиот чин, овие храбри момчиња, не ја дадоа сега заклетвата, туку уште во утробата на нивната мајка, Господ Бог Кој знае сè, Кој е секаде Присутен, Кој е Семоќен, ги благословил и им го опрелил патот на покајанието и добродетелта. Овие благословени оци се нашите духовни амбасадори, тие се нашите претставници пред Праволавниот свет, овие се нашите молитвеници, нашите застапници за духовен напредок и преуспевање на нашата света македонска земја. Тие секојдневно и постојано ќе коленичат пред овие свети икони, за да се спаси душата на македонскиот човек, да напредува во доброто нашата света македонска земја и да се сочува нашата прекрасна и убава македонска нација. Манастирите се, драги мои, места каде се соединуваме со Христа Бога на начин кој не можеме да го опишеме. Славниот свети Јован Крстител кога Го крштеваше нашиот Спасител Господ Исус Христос, го виде Третото Лице од Божествената, Едносуштна и Неразделна Троица - Светиот Дух, како во вид на гулаб слегува врз Господа Бога. Колку многу гулаби денес слегоа врз нашите глави, драги мои, колку гулаби ги прегрнаа нашите умови, нашите срца, нашите души, во овој прекрасен храм, во ова прекрасно општежитие, во овој прекрасен молитвен дом? Влегувајќи во него срцата ни се исполнуваат со љубов, отворајќи ги неговите порти срцата ни се исполнуваат со радост и треперат и пеат по божествените ноти на молитвата: „Господи ти се молам прости ни, помогни ни, спаси нè, очисти нè Господи...“ Свети Јоване биди милостив, моли се за нас грешните и недостојните, спаси нè свети Јоване како прв апостол, маченик и евангелист... Светиот Јован Крстител е првиот од избраните кој го објави доаѓањето на Спасителот, кој Го посочи Месијата, кој прв повика на покајание. Свети Јован е и првиот маченик зашто прв пострада и ја посведочи Вистината и Правдата, прв ја објави вистинската вера, прв се жртвуваше за Љубовта... Следејќи ги зборовите од денешната служба и самите можеме да ја разбереме суштината, значењето и смислата на неговата жртва. Тој со радост ја примил смртта зашто знаел дека таа не е залудна, а ќе биде плодородно семе од чиј плод мнозина идни генерации духовно ќе се нахрануваат и во доброто ќе се воспитуваат...

Светите Оци велат дека светиот Јован Крстител е првиот Евангелист... Да, драги мои, тој прв почна да Го проповеда Христа, прв почна да зборува за вистината, за правдата, за љубовта, светиот Јован Крстител е првиот и единствениот во тоа време кој не се плашеше јавно да ги разобличи гревовите на царот и за тоа да плати со живот... Според преданието, кога му ја отсекле главата на свети Јован, тој уште зборувал, и кога ја однеле пресечената глава кај нечестивата Иродијада, и тогаш не престанувал да ја советува да се покае, да го напушти злото, да го избегне срамот и да ја заслужи почитта на народот Божји. Тој е првиот кој пострада маченички за добродетелта, и даде пример на многу идни маченици и сведоци на вистината дека со радост и трпение треба да се издржи во видливата и невидлива борба со злото и нечестието... Бог е Оној што ќе нé крепи и поддржува, Оној Кој трпеливите и истрајните во молитвата ќе ги запише во диптихот на вечното Небесно Царство. Ако вистински го сакаме Христа, Царот на славата, не треба од ништо да се плашиме, ако е Бог со нас, кој ли ќе е против нас...

Овој празник, кога со благодарност се сеќаваме на несебичната жртва на Претечата - Божјиот крстител и гласник, нека биде темел на нашето лично покајание... Нека биде поттик за почеток на нашето спасение. Денес, на ова свето место да се ослободиме од сите наши маки, тешкотии и овоземни грижи кои го опфатиле нашиот ум, ја заробиле нашата совест, и го обремениле нашето срце... Појдете кај духовниците, кај нашите чесни свештенослужители и отворете го срцето и душата, исповедајте се, очистете се од сите маки, страданија и духовни болести кај нашите духовни лекари, кои се посредници и застапници пред Престолот на Господа Бога - лекарот на душите и телата човечки... Застанете храбро, решително и непоколебливо пред Христа и кажете од длабочината на своите души: „Господи, прости ми, ти згрешив повеќе од блудницата, од митарот, од фарисејот и од разбојникот... Господи ти згрешив повеќе од апостол Петар кој се откажа од Тебе и од апостол Павле кој Те прогонуваше, и затоа, Те молам Господи, помогни ми во мојата слабост, прости ми ги моите бројни прегрешенија, прегрни ме со Својата топла прегратка и спаси ме... “ Да се покаеме драги браќа и сестри за да почувствуваме колку е Добар, колку е Благ и колку нè милува нашиот Спасител Господ Исус Христос. Благодатта и љубовта Божја, неговата неизмерна милост и добрина, нека бидат во вашите срца, во вашите души, во вашите мисли... Денешниот духовен мир и спокојство внесете го и пазете го во вашите домови, сега и секогаш и во сите векови. Амин.

Слово изречено на Светата Литургија на празникот на Отсекување на главата на Свети Јован Крстител во Бигорскиот манастир.

 
< Претходно   Следно >