Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Насловна arrow Ново издание од Повардарската епархија
Ново издание од Повардарската епархија
11.08.2016.

Sample Image

Со благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, се подготви и се испечати книгата „Животот на Пресвета Богородица и нејзините чудотворни икони“. Ова ново издание од издавачката дејност при Повардарската епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“ го преведе дипломираниот теолог Гонца Запрова Анастасова. Во оваа книга, како што гласи и самиот наслов, се опишани сите најзначајни моменти од земниот живот на Богомајката, како и сите чудеса на Пресвета Богородица кои се поврзани со нејзините икони.

Книгата може да се најде во сите храмови на Повардарската епархија или да се порача директно од издаваштвото на Повардарската епархија на тел. 043 221 231.

Во прилог можете да го прочитате и предговорот на оваа книга.

 

Предговор на книгата

Примајќи на Себе човечка природа, Бог преку раѓањето од Пресвета Богородица влегува во одреден момент на човечката историја. Исус Христос е историска личност, која се раѓа во конкретна епоха, и во конкретно место од мајка, чијшто родослов води до племето Давидово. Според тоа, Самиот Исус Христос е јудеец по раѓање. Самото Негово име е синтеза од два јазика, од две традиции: Исус – е еврејско име (Јешуа) и означува „Спасител“, а Христос е грчка придавка и означува „помазаник“. Соединувајќи ги овие две имиња, Светата Црква истовремено укажува дека Он е историска личност – човек, и Помазаник Божји, Син Божји, односно – Богочовек. Да се зборува за Христос, без да спомне Пресвета Богородица е незамисливо, како што не може да се зборува за Богородица, без да се спомне Нејзиниот Син, а наш Спасител, Господ Исус Христос. Темата за Богородица, потврдена во борбата против несторијаните, е тема пред сѐ христолошка, така што, секој кој го одрекува Богомајчинството на Марија Дева, го отфрла и воплотувањето на Синот Божји, во личноста на Богочовекот Исус Христос.

Во Светото Писмо има малку спомнувања за Пресвета Богородица. Во Стариот Завет се спомнува во пророштвото на пророкот Исаија, кој вели дека „девојка ќе зачне и ќе роди син“, алудирајќи на Марија Дева. Во Новиот Завет има неколку стихови во кои се спомнува „Мајката на Исуса“. Во Евангелијата според Матеј и Лука детално се зборува за Марија, Мајката на Исуса во врска со раѓањето на Исуса од неа (Мат. 1,18-25; Лука 1,26-38). Во Евангелието според Лука, Марија и Јосиф се спомнуваат во раскажувањето за проповедта на дванаесетгодишниот Исус во храмот (Лука 2,41-51). Сите три синоптички Евангелија содржат раскажување за тоа, кога Мајката и браќата Исусови дошле кај Него и го молеле да се сретнат со Него, но Исус, укажувајќи на учениците кои седеле до Него, им рекол: „Мојата мајка и Моите браќа се оние, што го слушаат словото Божјо и го исполнуваат“ (Мат. 12,49-50; Марко 3,31-35; Лука 8,19-21). Во Евангелието според Јован Мајката на Исуса присуствува на првото чудо Исусово во Кана Галилејска (Јован 2,1-11). Во истото Евангелие се зборува за тоа, дека Мајката на Исуса стоела под Неговиот крст (Јован 19,25-27). Со овие стихови се исцрпува спомнувањето на Мајката Божја во Евангелијата. За нејзината улога во апостолската заедница не се зборува ни во Делата апостолски ни во Посланијата на апостолите.

Во вториот век свети Иринеј Лионски вели дека, како што Христос станал нов Адам, така и Марија станала нова Ева, за да го поправи и исцели непослушанието на Ева и да му го отвори на човештвото патот кон спасението. Црковните писатели од 2-3 век нееднаш го спомнуваат девството на Пресвета Богородица. Па така, во втори век, свети Игнатиј Богоносец го спомнува девството на Марија во бројот на трите тајни кои биле скриени од ѓаволот: „Од кнезот на овој век било скриено девството на Марија и нејзиното раѓање, како и смртта на Господа, три достославни тајни, кои се извршиле во Божјото молчење“. Свети Јустин Философ во полемиката со Трифон Јудеецот настојува на тоа дека Исус е роден од девојка, а не од млада жена. Ориген го заштитува девственото раѓање на Марија од нападите на незнабожецот Целс.

Свети Јован Златоуст (4 век) во толкувањето на Евангелието според Матеј вели дека Јосиф „не сакал да ја познае Дева откако таа чудесно станала Мајка и се удостоила да роди на нечуен начин и да произведе необичен плод“. Златоуст го смета како доказ за нејзиното девство фактот што, умирајќи на Крстот, Исус ја доверил мајка си „како немажена“ на својот ученик, а за поимот „браќа“ смета дека е употребен во смисла на „роднини“.

Разјаснувајќи го терминот „Богородица“, светиот Јован Дамаскин пишува: „Светата Дева ја прославуваме како Богородица во посебна и вистинска смисла. Бидејќи како што Родениот од неа е вистински Бог, така и Онаа која го роди вистинскиот Бог, од неа воплотениот – е вистинска Богородица. Ние велиме дека Бог се родил од неа не во таа смисла, дека Божеството на Словото од неа добило почеток, туку во тоа, дека Самото Божјо Слово, пред вековите, надвор од времето од Отца родено, Кое беспочетно и вечно со Отецот и Духот пребива во последните денови (Евр. 1,2) заради нашето спасение се всели во утробата на Света Дева и од Неа без промена се воплоти и се роди. Бидејќи Светата Дева не роди прост човек, туку Бога вистинскиот, не просто Бога, туку Бога воплотениот, не таков кој од небото донел тело и кое поминало низ неа, како низ канал, туку Кој прими од неа едносушна со нас плот, и кој ја прими во својата Ипостас... Оттука, справедливо и вистински Светата Марија ја нарекуваме Богородица“.

Почитувањето на Пресвета Богородица е дел од Свештеното Предание на Црквата, жив духовен опит од самиот нејзин почеток, па до крајот на вековите. Со пророчките зборови „и ете отсега ќе ме ублажуваат сите родови“, самата Мајка Божја ни укажува дека нејзините верни чеда, оние кои вистински и правилно веруваат и живеат, ќе се познаваат по тоа што ја почитуваат и Мајката на нашиот Спасител, Господ Исус Христос.

Оваа книга ја издаваме во нејзина чест, за да може секој подобро да го изучи нејзиниот живот, да научи нешто за најзините празници и нејзините чудотворни икони. 

По Нејзините топли мајчински молитви, Господ да ни ја закрилува Црквата, да ни го умножува духовното стадо, и да ги спаси сите кои правилно Го слават Бога и Неговата Пресвета Мајка, Пресвета Богородица.

Митрополит Повардарски

+Агатангел

 

 
< Претходно   Следно >