Проповед на Петровден - Протоереј Ристе Јанушев |
14.07.2016. | |
Во името на Отецот, Синот и Светиот Дух. Амин. Свети апостоли Петар и Павле Ваше Високо преосвештенство, чесни отци, браќа и сестри! Денес светата Православна Црква чествува за светите славни и сехвални Апостоли Петар и Павле. Споменот за нивните ликови и нивните дела ги исправа пред нас овие духовни горостаси, кои најмногу од сите се потрудиле во евангелското благовестие. ...„Затоа поминувајте го времето на својот живот во страв (Божји)... (I Петр. 1, 17) - ни порачува светиот aпостол Петар, кој е чуден пример на жива вера во Христа, на пламена љубов кон Неговата света волја. Тој бил брат на апостолот Андреј Првоповикан и бил оженет со сестрата на апостолот Варнава и со неа имале еден син, но при првиот повик за апостолско служење тој смирено се поклонува пред својот Божествен учител Господ Исус Христос и со цело срце ја прифаќа и исполнува Неговата волја. Кога ќе го види чудото со мноштвото уловена риба, Симон Петар ги преклонува колената пред Христа и Му вели: „Оди си од мене, Господи, оти сум човек грешен!... и му рече Исус на Симона: „Не бој се, отсега ќе ловиш луѓе!... оставија сè и тргнаа по Него.“ (Лк. 5, 8-11). По оваа средба апостол Петар секогаш ќе пројавува изразена приврзаност и преданост кон Господ Исус Христос. Во Гетсиманската градина како лав се втурнува во толпата наоружена со ножеви и колци, предводена од предавникот Јуда, само за да го заштити Христа (Мт. 26, 51). Кога се разгласила веста за Воскресението на Господа, неговата огнена љубов го заитува кон Христовиот гроб и тој трча за прв да се увери во вистината (Јн. 20, 3). На брегот на Тиверијатското Море воскреснатиот Христос им се јавува на учениците. Светиот апостол Петар веднаш се втурнува од коработ во водата и плива кон брегот за да се сретне со Господа. На прашањата од Христа „Симоне Јонин, ме љубиш ли?“ трикратно ја исповеда својата огнена љубов кон Него: „Да Господи, Ти знаеш дека Те љубам.“ (Јн. 21, 7-17). Има само еден момент кога се исполнуваат зборовите на Господа: „Оваа ноќ, уште пред да пропее петел, три пати ќе се одречеш од Мене“ (Мт. 26, 34), кога апостол Петар ќе се одрече од Христа. Но, за ова апостолот стократно се покајал, паднал на земјата и горко плачел, за што сведочат и евангелистите (Мар. 14, 72), (Мт. 26, 75). Во светото предание се раскажува, пак, дека до самата негова смрт, апостол Петар, секоја ноќ секогаш кога ќе слушнел пеење на петел, горко плачел и неброено пати се каел. Поради ова, во неговите зборови „...Поминувајте го времето на својот живот во страв (Божји) (I Петр. 1,17) има двојна потврда за небесното вдахновување и сопственото искуство. Според небесното вдахновување, простиот рибар Петар станал учител на народот, столб на верата, силен чудотворец. Според сопственото искуство тој дознал дека сета негова мудрост и сила се од Бога, и дека оттука треба во себе да има страв Божји. Никаков друг страв, туку страв Божји. Во прологот се вели: „безумниот се плаши само тогаш кога ќе светне молња и кога ќе пукне громот, а мудриот се плаши од Бога секој ден и секој час. Творецот на молњата и на громот е пострашен од обете, а Он не се појавува пред тебе одвереме-навреме како молњата и громот, туку е непрестајно пред тебе и не се оддалечува од тебе. Затоа не е доволно само одвреме-навреме да се има страв Божји, туку треба да се дише со страв Божји... Сè додека не се утврдил во стравот Божји, Петар бил само Петар, а не апостол, и јунак, и учител на народот и чудотворец...“ На Педесетница, по слегувањето на Светиот Дух над апостолите, светиот апостол Петар со пламена љубов проповеда пред многу илјаден народ за Распнатиот и Воскреснатиот Исус Христос. Од тогаш тој е неуморен проповедник низ Палестина, Сирија, Мала Азија, во Антиохија и најпосле во Италија. Тука во Италија, направил многу чуда, ги разобличил демонизираните магови на мрачните сили, исцелувал и воскреснувал мртви со името на Господа Исуса Христа. Св. Јован Златоуст за апостолот Петар вели „и станал уста на апостолите, од која се леело огнено слово.“ Пострадал во времето на богоборниот цар Нерон, во 67-та година; осуден на распнување, и тоа по негово барање со главата надолу, бидејќи се чувствувал недостоен да умре како Господа Исуса Христа, го предал својот дух и душа на Господа. Светиот апостол Петар, рибарот Симон од Витсаида, е прв од учениците на Господа Исуса Христа, кој изразил непоколеблива вера во Христос и Неговата мисија, затоа и од Христа го добива името Петар - Кифа што значи камен, карпа, или поточно, неговата вера во Христа Бога била тврда како најтврдиот камен. Светиот апостол Петар е писател на две посланија, кои во црквата се обележени како Соборни Петрови Посланија (прво и второ) и се вброени во книгите од Новиот Завет. * Исто така славно било служењето и на другиот избраник Божји, светиот Апостол Павле. Тој не бил очевидец на Господовите дела како Св. Ап. Петар. Како многу учен човек и високопозициониран во Римската Империја, историјата првенствено ни го претставува како Савле од Тарс, гонител на Христијаните. Но, по Божја промисла, знаеме како по патот за Дамаск, Господ на чудесен начин го повика во апостолска мисија. Господ Исус Христос со заслепувачка светлина го пресретнува на патот кон Дамаск и го прашува: „Савле, Савле зошто Ме гониш?“ Тој одговори: „Кој си ти господине?“, а Господ му рече: „Јас сум Исус, Кого го гониш Ти. Тешко е за тебе да се риташ против Бодило!“ Тресејќи се од страв и од ужас тој праша: „Господи што треба да направам?“ ... А Господ му рече: „Стани, влези во градот и ќе ти се каже што треба да направиш!“ (Дела. 9,4-6). По оваа случка Савле бил крстен од свештеникот Ананиј и станал Господов апостол со име Павле. Во душата на гонителот Савле настанала суштинска преобразба, Савле станува Павле; жестокиот гонител на христијаните станал најревносен проповеднички највдахновен гласник на благовестието Христово. Сè што научил во животот, целото свое знаење и живот ги посветил на служење на црквата Христова. Бил страв и трепет за јазичниците и филозофите кои ретко се осмелувале да спорат и дебатираат со него, бидејќи не можеле да се спротистават ниту на неговата реторичка умешност, а уште помалку на неговата ревност и вера во Христа Бога. Со чувство на вина и вистинско каење заради гонењето на христијаните и Црквата Божја, самиот ќе рече: „...Јас сум најмладиот од апостолите и не сум достоен да се наречам апостол, бидејќи ја гонев Божјата Црква. Со Благодатта на Бога, сум тоа што сум...“ (I Кор. 15,9-10). Божјата сила и благодат во него го вдахновувала и тој говорел пред цареви и управници, пред мудреци, пред Јудејци и Елини. Неговата проповед со моќта и силата на вечните евангелски вистини, придоби илјадници членови во црквата Христова. Неговата ревност за проповедање на Евангелието била непоколеблива „...Тешко мене ако не проповедам ...“(I Кор. 9-10). Овој Божествен апостол по видението Македонец, доаѓа во Македонија и го проповеда Евангелието. Неговите свети апостолски нозе го допреле европското тло за првпат стапнувајќи на македонска земја. Ја покрстил првата Европејка – Македонката Лидија. Ние Македонците со посебен пиетет гледаме кон апостолот Павле. Тој на Македонија ѝ ја носи светлината на Божественото евангелие и нашиот Спасител Господ Исус Христос. Светиот апостол Павле пострадал во Рим во 67-та година од царот Нерон, исто како и ап. Петар. Св. Јован Златоуст за апостол Павле во една своја беседа ќе рече: „...возљубени, и Павле бил човек како нас, и тој ја имал истата природа како и ние. Само што тој покажал голема љубов кон Христа и затоа се издигнал повисоко од небесата и се израмнил со ангелите. И така, не само да му се восхитуваме и не само да се чудиме на неговите подвизи, но да се потрудиме во неговата ревност: „...Затоа ве молам, подржавајте ме мене, како што јас - Христа .“ (I Кор. 4,16). Ни порачува, да го подржуваме, за откако ќе заминеме од овој живот, да се удостоиме да го видиме и да учествуваме со него во неискажливата слава, во која Бог ќе нè удостои да ја добиеме, по благодатта и човекољубието на Господа, нашиот Исуса Христа. Да ги подржуваме светите Апостоли како што тие се предадоа на Христа и од сè срце да им се помолиме: „Првопрестолни меѓу апостолите и учители на вселената, молете го владиката на сите да му дарува мир на светот, а на нашите души голема милост“. Високопреосвештен владико, ја користам оваа прилика, од името на свештенството и верниот народ, овде присутните, и од името на сите ваши духовни чеда во богомдаруваната Ви Повардарска епархија, да Ви честитам за денешната годишнина - 18 години од хиротонијата во епископски чин, на 12.07.1998 год. ; Од тогаш до денес неуморно и целосно се давате на Црквата во сите сегменти од нејзиното живеење. Силен и препознатлив акцент на Вашата личност е нагласениот патриотизам и родољубие, преточени во библиско - евангелско делување секаде каде што за тоа ќе Ви се укаже можност. Преку мисионерско - хуманитарно делување, преку црковните кујни, преку црковното издаваштво, преку градителството и обновата на храмовите и манастирите оставате длабока трага во животот на Македонската Православна Црква. Како ректор на богословијата водите грижа за идните генерации на свештенослужители во Светиклиментовата Црква во нашата Света и Библиска Македонија. Ви посакуваме многу здравје и уште многу години плоден архипастирски живот. Нека нашиот Спасител Господ Исус Христос по молитвите на Светите апостоли Петар и Павле, за кои денес чествуваме, Ви даваат сила и потоа молитва за сите нас, како ваши духовни чеда. На многаја лета Високопреосветен Владико! |
< Претходно | Следно > |
---|