Велигденско послание |
21.04.2016. | |
† А Г А Т А Н Г Е Л ПО МИЛОСТА БОЖЈА МИТРОПОЛИТ ПОВАРДАРСКИ, НА СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ, МОНАШТВОТО И ВЕРНИТЕ ЧЕДА НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА, ОДНОСНО ПОВАРДАРСКАТА ЕПАРХИЈА, А ПО ПОВОД ВОСКРЕСЕНИЕТО ХРИСТОВО - ВЕЛИГДЕН, ИМ ИСПРАЌА АРХИПАСТИРСКИ БЛАГОСЛОВ И МИР ОД БОГА Возљубени наши духовни чеда!
Драги браќа и сестри православни Македонци! Да ги очистиме нашите срца и души за да Го видиме Христа и така удостоени, заедно се ангелите да Го воспеваме, да Му благодариме и да Го славиме Бог Троица и Неговата Света промисла, Кој за секоја душа подготвил катче во Небесното живеалиште. Бистриот поток на новото учење за братството и мирот, за љубовта и правдата, за чистотата и светоста, спасоносно се разлева низ светот и ги напојува човечките души, ги освежува и ги бодри скршените срца, ја воскреснува напуштената и заборавена надеж и го воздигнува и насочува човековиот поглед кон Небесниот престол. Христос воскресна од мртвите и донесе радост во нашите срца. Настапи нова светлина во душата и се обнови целото човечко битие. Човекот, по Воскресението стана нова твар, започна нов продуховен и обновен живот. Од ова ново битие извираат како реки на жива вода духовните плодови на љубовта, радоста, мирот, долготрпението, добрината, милосрдието, верата, кротоста и воздржувањето. Драги браќа и сестри! Во оваа радосна Светиклиментова година, кога го одбележуваме 1100 - годишниот јубилеј од блажениот покој на најголемиот македонски духовен великан Свети Климент, добро е ние православните Македонци, преку лична пожртвуваност и преку личен подвиг да го следиме неговиот свет пример. Па така преобразени, осветени, просветлени и уподобени на Божествениот Учител - Господ Исус Христос, преку сведоштво со живот, подобно на Св. Климент - Охридскиот просветител и чудотворец, да бидеме современи просветители на македонскиот народ, кому повеќе од било кога му е потребен духовен патоказ за избавување од мракот на неверието, незнаењето и омразата. Годинава ќе ја одбележиме и 1000-годишницата од смртта на Св. Јован Владимир, кој маченички пострадал во Преспа и од чие житие сите ние како македонски народ и македонско општество можеме да извлечеме поука колку можат да бидат уништувачки себичноста, предавството, братоубиствената војна, раздорите и слугувањето на туѓи интереси. Да воскресне Бог и да бидат поразени Неговите непријатели, нека изчезне злото, нека престанат поделбите и недоразбирањата меѓу нашиот македонски православен народ. Во овие празнични денови, исполнети со духовна радост и величие да се сплотиме како свет и осветен македонски народ, да си простиме еден на друг, братски и со љубов да си подадеме рака, да воспоставиме нов почеток во нашите животи, втемелен врз мирот и љубовта Христова. Да му благодариме на Бога за добрините што ни Ги направил, да го благословиме Неговото име, за Него да ги отвориме нашите срца. Да се облечеме во Неговиот живот и во Неговата личност, делото на нашите раце нека носи мир и благосостојба во нашите семејства и во нашата сакана татковина Р. Македонија. Господ Исус Христос, заради духовната слобода на човештвото, пострада на Крстот, а нашите славни предци - храбрите македонски јунаци, со многу жртва и пркос кон неправдата и злото, жртвувајки ја својата младост и својата иднина, се изборија за нас денешните генерации Македонци да можеме во мир и слобода да растеме, да твориме, духовно да напредуваме и да живееме. Скапо ни се платени мирот и слободата низ вековите, па затоа да се потрудиме со сите сили да ги сочуваме овие бесценети дарови, негибнати и неизвалкани, и како такви да ги предадеме на нашите деца, на идните генерации Македонци. Христос воскресе! Навистина Воскресе! Христос воскресе! Навистина Воскресе! Христос воскресе! Навистина Воскресе! |
< Претходно | Следно > |
---|