Беседа во Крсопоклоната недела |
6.04.2016. | |
ТРЕТА НЕДЕЛА ОД ВЕЛИКИОТ ПОСТ(КРСТОПОКЛОНА НЕДЕЛА) „На крстот твој се поклонуваме Владико, и светлото Воскресение Твое го славиме“. ВО ИМЕТО НА ОТЕЦОТ И СИНОТ И СВЕТИОТ ДУХ! Ваше Високопреосвештенство, чесни отци, драги браќа и сестри православни христијани.
Во делот на нашето спасение потребно е и лично да учествуваме, бидејќи без наш напор, не е можно да се спасиме. Токму за овој наш дел во учеството за спасението се зборува во денешното евангелско четиво, кога Господ Исус Христос нè повикал со зборовите: „Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене“ (Мр. 8,34). Од овие Христови зборови согледуваме дека пред нас се поставени три суштински барања: да се одречеме од себе, да го земеме крстот свој и да одиме по Христа. Самопожртвуваноста е основно евангелско барање од нас. Во друга прилика Господ Христос рекол: „Кој не го земе крстот свој и не оди по Мене, не е достоен за Мене“ (Мт. 10,38). Христијанскиот живот се состои во целосно и самопожртвувано одење по Христа, односно, во исполнување на Неговите спасоносни барања. Во денешно време и,воопшто, во животот, да се оди по Христа, да се оди по Неговиот пат на доброто, да се остварува Неговиот морален идеал во просторно – привремениот свет, воопшто не е лесно. За да се оди по Христа не е доволно само да се одречеме одсамите себе. Освен ова, потребно е да сме подготвени на секаква жртва, па дури и да се жртвуваме себе си заради остварување на возвишените начела на Христовиот морален идеал. А токму таа пожртвуваност можеме да ја потврдиме со смиреното носење на својот крст, односно, со сите неволји, тешкотии и жалости кои нè сретнуваат во животот. Не е можно да се оди по крстоносецот Господ без својот личен крст. Сите кои одат по Христа задолжително одат со својот крст. Таквиот животен крст, исполнет со секакви и секојдневни неприлики, толку многу е сраснат со вистинскиот христијанин, така што, таму каде што е христијанинот,таму е и крстот, а каде што го нема тој крст, таму нема ни вистински христијанин. Според зборовите на големиот руски подвижник, свети Теофан Затвореник, вели „Олеснувања од секаков вид и живот во утехи не приличат на вистинскиот христијанин. Христијанинот е како болен човек врз кого треба постојано да се извршуваат операции, а потоа да се прават редовни преврски, а зарем сето тоа може да помине без болка? Христијанинот сака да се избави од ропството на силниот непријател, а зарем тоа може да помине без борби и рани? Христијанинот е должен да оди спротивно на целиот светски поредок кој го опкружува, а тоа не може да се изврши без неприлики и тешкотии! Затоа, да се радуваме што го чувствуваме крстот врз себе, бидејќи тоа е знак дека одиме по Господа, по патот на спасението, во рајот. Затоа, да истрпиме уште малку, зашто крајот ќе дојде брзо, а потоа следуваат (победничките) венци!“ Сознанието дека секој има свој крст е добро и спасоносно за животот на православните христијани, но стравот кај секого дека неговиот крст е најтежок, го прави животот тежок, па дури и очаен, па наместо христијански јунаци и подвижници, имаме морални инвалиди и духовно слаби личности. Добро да размислиме! Зарем е можно, Господ Бог да ни додели тежина, која не сме во состојба да ја носиме? Никогаш! Господ Бог ни дава крст, кој можеме да го носиме. Неговата тежина единствено ја одредува Бог, и тоа само од љубов кон нашето спасение, или со други зборови кажано, Бог ни предава крст кој постојано нè потсетува на својата душа и на Творецот –Бог. А ние, пак, само ако сакаме, можеме да го направиме својот крст да биде лесен, многу лесен –потребно е храбро да го подигнеме крстот на својот грб, со цврсто убедување дека смирено и храбро ќе го носиме. И нема да помине многу време, а ние ќе ја почувствуваме татковската грижа на Небесниот Отец за сите нас. Тогаш ќе го сфатиме своето страдање, својата борба против искушението и злото. Тогаш зад својот крст ќе го здогледаме божествениот лик на Спасителот Господ и ќе ја почувствуваме Неговата милостива десница. Штом ќе достигнеме толку висок степен на духовно напредување кон Христа, ќе исчезне сиот страв и секоја помисла на тежината на својот крст. Тој ќе постане не само лесен, туку и скапоцен украс на нашиот живот.Откако сето ова го знаеме, можеме слободно да констатираме дека крстот е чуварна целата вселена, крстот е тврдина на верните, слава за ангелите и победа над демоните. Драги браќа и сестри, секој од нас да го носи својот крст без спротивставување, бидејќи вистинскиот христијанин не се противи на својата должност. Само со крстот ќе ги победиме сите искушенија, бидејќи пред нас не е смртта, туку блаженството, бидејќи пред нас не се солзите, туку пофалните песни за Бога, зашто пред нас не е ропството, туку царството небесно. Преку крстот го добиваме смирението, постот и покајанието. Заради тоа крстот ни ја означува универзалноста на Христовото учење преку кое доаѓа спасението. За крај дозволете ми оваа проповед да ја завршам со еден стих од (Кор. 1,18) кој вели „Словото за крстот е безумство за оние што гинат, а за нас кои се спасуваме- сила Божја“. Нека светлината на Чесниот крст Ве просветли сите Вас сега секогаш и во вечни векови. Амин. Протоереј м-р. Горан Панзов |
< Претходно | Следно > |
---|