Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Насловна arrow Ново издание од Повардарската епархија
Ново издание од Повардарската епархија
21.01.2016.
Sample ImageСо благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, се подготви и се испечати книгата „Флавијан“, од рускиот протоереј Александар Торик. Ова најново издание од издавачката дејност при Повардарската епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“ го преведе свештеник Игор Пармачки. Книгата „Флавијан“ е роман, односно подолго раскажувачко дело кое литературно опишува измислени ликови, но кои се базираат на вистинити настани. Оваа книга во својот работен поднаслов го содржи и терминот бестселер, затоа што самото дело доживеа огромен интерес кај читателската публика ширум светот, а со самото тоа и многу преводи на различни јазици.

Книгата може да се најде во сите храмови на Повардарската епархија или да се порача директно од издаваштвото на Повардарската епархија на тел. 043 221 231.

Во прилог можете да го прочитате и предговорот на оваа книга.

Книгата која ја имате пред себе е синтеза од катихизис и романизирано житие. Во неа имињата се измислени, настаните се литературно обработени, но сепак се базирани врз вистинити настани и личности. Во оваа книга нема измислени настани. Но, пред да се запознаеме со содржината на книгата редно е да кажеме неколку зборови за авторот на оваа книга.

Авторот, протоерејот Александар Торик е роден во 1958 година, во близина на Москва; во 1965 со родителите се преселил во Уфа, каде што завршил основно осмогодишно образование и Педагошка школа со специјалност – наставник по ликовно и цртање во средно училиште. Во 1977 година се вратил во Москва, каде што студирал две и пол години. Во таа година поверувал во Бог и почнал да оди во московскиот храм на „Свети Никола“. Од 1982 година почнал да оди заради духовно обучување во Троице-сергиевата лавра.

Во 1984 година бил ангажиран како олтарник во црквата Покров на Пресвета Богородица во селото Алексино, во близина на Москва каде што старешина во тоа време бил знаменитиот отец, протоереј Василиј Владишевскиј. Во 1985 година започнал да го води црковниот хор сѐ до октомври 1989 година, кога бил ракоположен во ѓаконски чин и испратен да служи во Ново-голутвинскиот Светотроицки женски манастир. Во 1991 е ракоположен во свештенички чин и испратен да служи во храмот на Свети Сергиј Радоњешки во Новосергиево. Во 1997 година бил подложен на онколошка операција, и со милоста Божја и искуството на лекарите преживеал. Во 2001 година бил награден со протоерејски чин, но поради здравствени причини, на негово барање, добил инвалидска пензија. Во 2004 година излегува првото издание на „Флавијан“, кое доживеа многу преводи и изданија на повеќе јазици. Денес тој живее во селото Новосергиево и се занимава со книжевна дејност.

На почетокот од своето свештеничко служење се соочил со неукоста и неупатеноста на народот, и морал речиси секој ден да зборува на исти теми. Па како плод на тие разговори, и за да создаде еден вид катихизис, кој ќе биде соодветен за секој човек, тој ќе ја напише првата книга „Воцрковување“, во вид на брошура, па потоа „Флавијан“, без некој план или намера за понатамошни книги. Но откако се покажа дека оваа книга е многу прифатена и омилена кај верниот народ, тој започнува и втора книга со наслов „Животот продолжува“, која е наменета за поупатени луѓе. Бидејќи ќе останат многу теми отворени и необјаснети, ќе напише и нова книга, како продолжение и дополнување на претходните две со наслов „Искачување“. Во нив се опишани интересни и актуелни содржини, низ разговори, разни ситуации, за секој читател лесно да ја разбере поентата. Има прекрасни објаснувања за секој почетник во верата, за секој кој сака да научи нешто за православната вера, за богослуженијата во храмот, за Божествената Литургија, за подвижничкиот живот, за демонските искушенија, за секојдневните борби, за чудата кои се дел од верата, и кои се напишани врз основа на вистински настани. Понатаму читаме за покајанието и промената на човекот, за монаштвото, за духовниот раководител, за светогорското монаштво и за светогорските манастири, за искушенијата од ова време, како проблемот со болните монашки заедници и лошото влијание кое го вршат во народот, како што е проблемот со новите лични карти и пасоши, знаците на антихристот, со секташки ориентираните духовници и секташките заедници кои тие ги формираат и за многу други современи теми од животот на Црквата.

Главниот лик, отец Флавијан, иако секој би помислил дека се работи за самиот автор, всушност, не е тој, туку е инспириран најмногу од ликот на протоерејот Василиј Владишевскиј, човек со голема побожност, љубов и комуникативност – особини кои треба да ги поседува секој пастир Христов. Но не само од него, туку во ликот на Флавијан се вклучени особини и од многу други духовници, кои оставиле голем впечаток кај авторот на оваа книга.

Кога човек ќе почне да ја чита, едноставно, не може да ја остави без да ја дочита. Никој не останува рамнодушен по прочитувањето и верувам дека многумина ќе се воцрковат токму со нејзина помош, а, пак, црковните луѓе може да научат исто така многу нови нешта од неа.

Книгата е полезна за секој човек, за секој љубител на пишаниот збор, им ја посветувам на богољубивите свештенослужители, на преподобните монашки заедници и на сите браќа и сестри кои имаат барем малку вера, барем малку жив интерес за животот во нашата Света Црква.

Митрополит Повардарски

+ Агатангел


 

 
< Претходно   Следно >