Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Божикно послание
Божикно послание
4.01.2016.

Sample Image

†АГАТАНГЕЛ

ПО МИЛОСТА БОЖЈА

МИТРОПОЛИТ ПОВАРДАРСКИ,

ДО СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ, МОНАШТВОТО И ВЕРНИТЕ

ЧЕДА НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА, ОДНОСНО ПОВАРДАРСКАТА ЕПАРХИЈА, А ПО ПОВОД РОЖДЕСТВОТО ХРИСТОВО - БОЖИК, ИСПРАЌА АРХИПАСТИРСКИ БЛАГОСЛОВ

И МИР ОД БОГА

 

 

 

Христос се раѓа, славете Го;

Христос доаѓа од небесата, пресретнете Го:

Христос е на земјата, вознесете Го.

Пеј Му на Господа, цела земјо, и весело пофалете Го, луѓе,

зашто се воздигна во слава.

 

Најголемиот и најсветиот Небесен Гостин слегнува од небесата и се воплотува од Светиот Дух и Марија Дева. Славете Го, со сето срце, дочекајте Го со голема радост и трепет, брзајте, брзајте да Го пресретнете.

Но, како ќе Го дочекаме, како ќе празнуваме? Не треба да Го дочекаме Лебот на животот „Со стар квас, ниту со квас од злоба и лукавство, туку со пресни лебови во чистота и вистина“ како што тоа го бара од нас апостолот Павле. (1 Кор. 5, 8).

Не треба Христос да го дочекаме со стар квас на порок и нечистотија, чекорејќи во ритамот на злосторството, извалкани од нечистотијата на гревот, лагата и лукавството, туку облечени во светлите одејанија на праведноста, љубовта и вистината.

Но, дали сите така го дочекуваат? Дали се сите во светла и празнична облека, дали на сите им се вознесува духот во големиот порив на љубовта кон Синот Божји, Кој слезе на земјата? Дали целата земја пее во голема веселба? На наша голема несреќа не, туку само малото стадо Христово, во голема радост, го дочекува својот Спасител, а оние кои не се во овчото трло, а го слават Раѓањето Христово, не го слават на пристоен христијански начин, не слават со пресниот леб на чистотата, на вистината, на правдата и на љубовта кон празникот, туку со стариот квасец на чревоугодието на задоволувањето на телесните страсти.

Големите празници за нив се само повод да направат семеен заеднички ручек, на кој ги забораваат вистинските вредности на нашата вистинска православна вера.

Ве преколнувам Вас, браќа и сестри, оваа година да не го дочекате нашиот Господ Исус Христос, Кој се симна од небесата и прими човечко тело од Светиот Дух и Марија Дева, со стариот квас на порокот и лукавството, туку со пресниот леб на чистотата и вистината. Ако така го дочекаме ќе се удостоиме заеднички со Небесните Ангели да ја пееме небесната Божиќна песна: Слава во висините на Бога, а на земјата мир, меѓу луѓето добра воља.

Драги мои, на оние кои се едномислени со мене во умот и срцето, ви го честитам најголемиот празник, празникот на Рождеството Христово, за чие значење, Самиот Господ Исус Христос, рекол: „Јас, како Светлина дојдов во светот, така што никој, кој верува во Мене, да не остане во темнина“. (Јован 12, 46).

За оваа вистинска светлост, која го спасува светот од темнина, Неговиот сакан ученик Светиот Јован Богослов, кој на Тајната вечера му беше приклонет на градите, зборува во своето големо Евангелие, во првата глава: „Во Него беше Животот и Животот им беше Светлина на луѓето. Светлината свети во темнина и темнината не ја опфаќа“. (Јован 1, 4 – 5).

Да ги разбере овие големи зборови може само оној на кого му е достапно разбирањето не само на земната светлина и вистина, туку и на највисоката сесовршена и апсолутна Божествена вистина.

А, во што ја гледаме оваа најголема, сесовршена вистина? Во тоа, поедини луѓе и цели народи да не водат војна меѓу себе, да не се превознесуваат со гордоста, туку да се сакаат, како деца на Еден Отец Небесен.

Еве, оваа Небеска светлост заблеска денес.

Еве, на оваа најголема вистина денес нé учи воплотениот Син Божји.

Верни чеда на Македонската православна црква!

Бескрајно му благодариме на Бога што нé удостои во престојното 2016-то лето Господово да го одбележиме 1100 - годишниот јубилеј од блажената смрт на најголемиот македонски духовен великан Светиот Климент - Охридскиот просветител и чудотворец, основоположникот на Светата Охридска архиепископија, патронот и закрилникот на нашата Македонска православна црква. Во оваа јубилејна светиклиментова година добро е да се потсетиме на великите дела, на огромното духовно наследство оставено од него на идните генерации православни Македонци, но и преку личен подвиг да го следиме примерот на овој наш духовен и национален патријарх. Св. Климент трудољубиво и предадено работеше на македонската духовна почва и закрилувајќи се со Христос - Светлината на светот, ја растеруваше темнината и мракот на незнаењето и неверието, воедно преобразувајќи ја грубоста на мислата и облагородувајќи го карактерот на личноста. Преку својата пастирска дејност, вршејќи апостолско дело, сиот македонски народ го претворил во свет народ, па затоа од Бога бил удостоен со апостолска благодат и апостолско достоинство. Сега прославен со своите величенствени дела и чудеса, заедно со апостолите, мачениците, ерарсите и преподобните ги вознесува своите свети молитви пред Престолот на Севишниот Бог за македонскиот православен народ, кој од него ја проси помошта и закрилата во секојдневниот живот.

Мили наши духовни чеда!

Да го молиме Господа, срцата наши да станат плодни ниви на добродетелта, па во секој од нас да потече извор на мир и братската љубов. Христос е нашата моќ, нашата помош, нашата утеха, нашата радост и нашата надеж. Господи Исусе Христе, заштитувај го со благодатната сила на Твојата правда нашиот боговерен народ и прегрни ја со Својот Свет дух нашата мила татковина Македонија. Чувај го нашето древно и свето македонско име. Запри ги себичноста, омразата, поделбите и раздорите кои водат во пропаст. Умудрувај ги нашите народни првенци, вдахновено да работат за добробитот и напредокот на нашата единствена и љубена земја. Исполни ги нашите домови со љубов и изобилна радост. Земи ги под закрила нашите училишта, просвети ги со спасоносната светлина благочестивите учители, наставници и раководители. Благослови ги со Твоите добрини нашите ученици, оти тие се утрешниот разум и совест на татковината. Домовите на сиромасите вдахнови ги со вера и трпение, на богатите, пак, подари им сила за чинење на добродетели и милосрдие. Господи, биди покрај постелата на болните, заштити ги вдовиците и сираците, на сите нив подари им вера и блажена утеха. Господи, во Тебе е нашата радост, нашата љубов, нашиот живот. Чувај ја бесценетата национална слобода и скапоплатената државна независност. Твојата Витлеемска ѕвезда јасно нека свети над нашата татковина Република Македонија, а ние децата на нејзините жолти полиња, величенствени планини и сини езера многувековно, полни со благодарност и во мир Тебе да те славиме и Тебе да ти се поклонуваме  - Отецот и Синот и Светиот дух - Троица Неразделна и Едносушна! Амин!

Христос се роди!

Христос се роди!

Христос се роди!

 

 
< Претходно   Следно >