Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Слово на освет на камен темелник, Велес
Слово на освет на камен темелник, Велес

СТЕФАН,

Архиепископ охридски и македонски

Sample ImageДенес нè собра прекрасен повод: најпрво на заедничка молитва во реновираниот – обновен храм, посветен на Мајката Божја, а сега овде на молитвениот собор за благословување и поставување на камен-темелник за нов храм во Велес, посветен на св. Јован, претходникот и крстителот Господен. На покана од Неговото Високопреосвештенство, Митрополит г. Агатангел, дојдовме со Митрополит дебарско-кичевски г. Тимотеј, за заедно со сите вас да се радуваме во Господа, да се радуваме за денешниов историски чин – за почетокот на новиот храм, на началото на уште едно богоугодно дело во Повардарска епархија. Се собравме за да продолжиме една долга традиција на нашиот народ, традиција присутна со векови по сите краеви од македонската земја.

Отсекогаш, откако името Христово е прифатено во душите на нашите прадедовци, откако крстот Христов е највисокиот и највредниот украс на македонската земја, се градело во слава на Бога и на Неговите светии. Остатоците од ранохристијански базилики во Стоби, Баргала, Хераклеа, Охрид, Скупи, Костурско, Мегленско и Серско, и во многу други места по македонската земја сведочат и колку одамна и колку многу нашиот народ Го сакал Бога и Неговите светии. Манастирите на св. Климент и св. Наум, на северниот и јужниот брег на Охридското Езеро, па средновековните храмови во струмичките Велјуса и Водоча, во скопско Г. Нерези, во Курбиново на Преспа, на Трескавец и Варош – Прилепско, Св. Софија, Св. Богородица, Св. Јован Канео и многуте други во Охрид, Лесновскиот, Марковиот и Слепченскиот манастир, па градбите подигнати во преродбеничкиот период скоро во секој македонски град и крај, како и во времињата потоа, па сѐ до денес, се градело и се гради и верувам дека тоа богољубие и црквољубие меѓу нашиот народ ќе продолжи да трае вечно. Нашиот народ, и во славните времиња, во времињата на духовна и национална слобода, како и во времињата на ропствата и туѓите владеења, во периодите и кога му било тешко и во времињата кога бил сиромав – секогаш за Бога можел и за Бога имал.

Највелелепните цркви и манастири, највредните икони и фрески, се создавани не кога имал и можел најмногу нашиот народ, туку кога духовно бил најсилен и духовно најбогат, кога бил најцврст во верата и најголем во надежта и љубовта. Нашиот народ градел светињи кога бил најсвесен дека сѐ што има е од Господа – и животот, и имотот, и сѐ што со нив добиваме на овој свет. Нашиот народ знаел да разбере дека сѐ му е дадено од Господа Бога и сѐ се потпира врз крајаголниот Камен – врз Бога, знаел да препознае и лозје и лозари, и наследник на лозјето, и да му даде секому она што му треба, и секогаш да го чува и зачува она што е за Бога. Токму тие градби ја прават Македонија земја-црква, тврдина на верата и долина Господова. Затоа и секоја нова градба на храм, на црква по македонската земја е надградба над древните и длабоки христијански темели, продолжеток на вековната традиција на сакрални дела во Македонија.

            Велес и Повардарието имаат свое место во духовниот растеж и свој придонес во негувањето и чувањето на духовните вредности на нашиот народ. И порано, и сега! Велес е град со бројни и вредни светињи – од Св. Димитриј и Св. Пантелејмон до Св. Спас и Св. Богородица, како и бројните црквички и манастири во околината, до онаа новата посветена на св. Кирил и Методиј и до оваа на св. Јован што денес ќе започне со градба. Така е во Велес, но така е и во Кавадарци, така е и во Валандово. Со доаѓањето или враќањето на Митрополит Агатангел во Повардарската митрополија се случи и трае духовната и градителска ренесанса во оваа епархија. Велешките цркви не се какви што беа: и Св. Пантелејмон, и Св. Богородица, и Св. Спас, се изгради Св. Кирил и Методиј, а се започнува со Свети Јован; во Кавадарци се изгради прекрасен храм посветен на св. Петка, Полошкиот манастир кој го знае од порано – сега нема да го препознае – со нови конаци и таму како и во Соглевскиот манастир; и манастирот Св. Атанасиј кај Неготино со конаците е целосно возобновен, како и црквите во Гевгелија, а се градат нови и во Валандово и Богданци. Цела епархија е како градилиште! И нека продолжи да биде така!

            Но, позната е и онаа мудрост: градете нови, но чувајте ги и старите градби! Колку што е тешко да се подигне едно ново дело, да се изгради и украси еден храм, уште потешко е да се чува и зачува, и од времето, но и од луѓето. Сведоци сме колку е потребно да се вложи во заштитата на градбите, на фреските и иконите од разните штетни влијанија и од забот на времето, но уште повеќе да ги заштитиме и зачуваме од рацете на разните љубители и трговци на старини и сакрални вредности. Колку само ракописи и стари книги од Македонија денес ги красат библиотеките и музеите на соседните и на некои европски земји? Колку икони и свети предмети се плен на крадци и колекционери од нашите цркви и манастири, и порано и сега, насекаде, а особено во северозападна Македонија? Во тој поглед ни треба поголема ангажираност и на црковните и особено на државните служби за заштита и безбедност. Време е поорганизирано и додека не е доцна да најдеме начин и место каде и како истите би биле побезбедни. Ова особено треба да се направи во осамените манастири и напуштените села. А светињите се дел од нашиот идентитет. Секое губење или отуѓување на светите дела создавани од нашиот народ, е губење и отуѓување на дел од нашиот идентитет и од нашата светост. Затоа, да градиме нови, но да вложиме грижа и за древните вредности. И не само да правиме нови храмови или да ги чуваме старите, туку да ги ползуваме за она за што ги градиме или за што ги изградиле нашите постари генерации. Црквите се за тоа – со својата содржина, со својата порака да нѐ богатат во Бога, да нѐ воспитуваат и водат во верата и духовниот живот. И да нѐ заборавиме – убави цркви се само полни цркви! Да доаѓаме во храмовите, и нашето присуство да биде највредниот украс во нив! Особено е потребно присуството на помладите генерации. Храмот бил и останува најдобрата училница на животот, на моралот и духовните вредности. Колку поблиски до Бога, толку поблиски со вистината. А трае само она што е вистина! Црквата Христова тоа         

Мајката Божја со свети Јован и сите светии нека ни помогнат да ја разбереме и да живееме со вистината, да живееме со Црквата и со Бога!

Милостивиот Господ нека го благослови денешниов почеток и, дај Боже, навреме да се гради и изгради новиот храм! Нека е благословен и почетокот на новата школска година. Амин!       

 
< Претходно   Следно >