Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Излагање на свештеничко собрание, отец Игор Пармачки
Излагање на свештеничко собрание, отец Игор Пармачки
29.05.2015.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух! Амин!

Свештеник Игор Пармачки

(Говор одржан на свештеничкото собрание на 28.05.2015 година, во манастирот „Св. Ѓорѓи“ во Неготино)

Sample ImageВаше Високопреосвештенство, почитувани отци, драги браќа и сестри православни христијани! Живееме во време во кое човекот може да се пофали со најголеми технолошки достигнувања, време кое го одбележува најголемиот човеков напредок, време во кое можеме да се пофалиме со намалена смртна стапка, време во кое планетата е исполнета со најголем број на жители, но и време во кое човекот и покрај сите тие достигнувања на научен план, сѐ уште се бори со своите суеверија кои го опкружуваат и му го загрозуваат мирот. Во нашава современост и модерно време вистинската вера во Воскреснатиот Христос уште не може да го најде своето вистинско место во срцето на современиот човек. Човекот со својата свест е ист уште од неговото создавање. Во неговото битие е всаден стремежот за барање на Бога, душата на човекот тежнее кон својот Создател, секој човек е боготражител. Потрагата по изворот на животот, но и потрагата по причините во животот нѐ следи секогаш и не престанува, но, сепак, има и луѓе кои се православни верници, кои веруваат во Бог, и луѓе кои се празноверни. Всушност, поимот суеверие тоа и значи – празноверие. Сведоштво за празноверие наоѓаме уште во Стариот Завет, кога нашите прародители Адам и Ева трагично исчекорија од Божјата промисла и се втурнаа во авантурата на гревот, чии последици и денес ги чувствуваме. Стремежот за натприродното, несфатливото, за изворот на животот човекот не го изгубил, но без просветлување на умот не може да го најде вистинскиот пат. Затоа во текот на старозаветната историја во континуитет имаме Божји откровенија, а со воплотувањето на Логосот нам Бог ни го откри целото провидение за да го најдеме вистинскиот пат. Христос ни ја покажа, и секојдневно ни ја покажува светлината за да не залутаме по широки патишта кои водат во погибел. Секој човек има слободна волја дали ќе оди во светлина, или ќе талка во мрак и магла.

Православието, пред сѐ е ортодоксен (православен, правоверен) живот, а не само ортодоксно учење. Православието не е оганизација, надворешна форма на однесување, туку вистински конкретен живот, духовно искуство и духовен пат на усовршување во Воскреснатиот Христос.

Има безброј примери на суеверија распространети помеѓу нашиот народ. Секој од нас може да посведочи за најразлични празноверија. Од сѐ и сешто се прави суеверие. Најголем број суеверија се дел од паганското минато, пагански ритуали, обичаи, верувања, кои навлегле во христијанството и се одомаќиниле. Факт е дека корен и суштина на секое суеверие е недовербата во Бог. Зошто инаку би имале потреба да чукнеме три пати во дрво, ако имаме доверба во Бог, дека Тој нема да дозволи ништо лошо да ни се случи! Најстрашно е што луѓето ја мешаат верата со суеверието. Верата подразбира правилно верување во Отецот и Синот и Светиот Дух, личен подвиг во исполнување на Божјите заповеди, учество во Светите тајни на Црквата и градење на личносен однос со Бог. Во тој подвиг секогаш според верата содејствува и Божјата благодат, таа благодат не го остава човекот да се чувствува осамен, несигурен и не само тоа, туку секогаш е заштитен, охрабрен, радосен и полн со надеж и животна светлина, и не само кога му е добро, туку и во најголеми несреќи.

Денес многу често може да сретнеме луѓе, кои за себе велат дека се православни христијани, и тоа се декларираат како големи верници, а посетуваат разни јасновидци, бајачи, курсеви по космичка енергија, читаат хороскопи, се јавуваат на телефони кај познати претскажувачи на иднината, извршуваат најразлични ритуали по црквите и манастирите научени од разни гатачи. „И рече Господ: ,Овој народ се приближува кон Мене со устата своја, и со јазикот свој Ме почитува, а срцето негово му останува далеку од Мене, и почитувањето нивно пред Мене е само научено човечко правилоʻ“. Навистина трагично. Но тоа се случува кога некој е во мака, не го познава вистинскиот излез и пат, или секој од нас не сака да ги прифати страдањата, кои Бог за нас ги промислува и тоа заради нашето спасение. Секој од нас како да сака животот да го помине убаво без мака и страдање, а ако ги нема страданијата, како би се спасиле, со што би ја посведочиле верата со која се фалиме и се нарекуваме ортодоксни (правоверни) христијани?

Постојат повеќе видови на суеверија, кои, ако би сакале да ги запишеме, би ни требало многу време. Речиси и да не постои село или место каде нема да слушнеме за најразлични суеверија: палење на одреден број свеќи во црква, начин на палење, начин на оставање пари на иконите, оставање на други предмети или делови од облека во црква да преноќат итн. Овие појави најчесто се научени од бајачи, гатачи, гледачи, или како што знаат да кажат луѓето, од постарите така научиле. Во Евангелието според светиот евангелист Матеј се вели: „Се залажуваат дека Ме почитуваат, а всушност ги шират своите човечки обичаи, како да се Мои заповеди!“ Често пати луѓето неопитни во духовниот живот лесно примаат демонски помисли и учења согласувајќи се со ѓаволот. На пример, младите не треба да се венчаат во престапна година, а при тоа не обрнуваат внимание дека, при венчавањето, сакајќи да ја одбегнат престапната година, се венчаваат во пост. Така луѓето внимаваат на престапни години, на полни месечина, на црни мачки дали го пресекле патот, на  несреќни броеви. Некои на парастос или на Духовден чекаат во виното да се појави ликот на покојниот. После венчавка младите не треба да одат на погреби или мајка со мало дете не треба да оди на погреб, па макар тоа да е и на некој од најблиските - мајка или татко, - зашто не чинело. Значи се исполнуваат еден куп правила од типот: не допирај, не стапнувај, не целивај, не кажувај, не погледнувај, не се свртувај и што ли уште не. Еден цел систем на забрани кои противречат на здравиот духовен живот и побожност, забрани кои човекот го држат во заробеништво. Колку е страшно да си мислиш дека ако го сретнеш свештеникот на улица тоа е несреќа, наместо да се побара благослов од него, душата на тој човек е стегната од страв во ропство на ѓаволот. Замислете, свештеникот на погреб не треба да се врти назад, зашто во кој прв ќе погледнел, тој бил следен за умирање - каква заблуда, колку треба да му биде помрачен умот на човекот за да верува во едно такво суеверие.

 Не може истовремено да му служиме на Бога и на Мамона. Христијанската среќа не доаѓа од носењето на мартинки на рацете. Верата во Воскреснатиот Христос нема ништо заедничко со мартинките. На два господара истовремено не може да им се служи, или ќе му служиме на Бог, или на ѓаволот, секој слободно нека си избере по кој пат ќе оди. Носењето мартинки е демонски обичај, затоа што луѓето веруваат дека мартинките откако ќе ги стават на рацете на први март, не смеат да ги вадат сѐ до доаѓањето на пролетта и сѐ додека не расцвета првото дрво. Потоа мора да се закачат на некое дрво и со некаква вера дека желбите за добро здравје и среќа ќе се исполнат. Оваа појава особено е популарна во градинките каде воспитувачките заради некаква забава на децата ги практикуваат мартинките, притоа не водејќи сметка дека со тоа се демонизираат децата. Ние христијаните на рака носиме бројаница, украсена со крст која ни служи за молитва, и наместо да се поучуваат децата во верата, тие ги китат со црвени конци, а да не спомнуваме дека на денот на вештерките се маскираат во најразлични демонски маски. Колку е само страшно! Христијанската среќа и здравје извираат од личната заедница со Бог, а не од некакво безлично душегубно суеверие. Без личен подвиг и саможртва преку слободната волја во градење личен однос со Бог, без љубовно исполнување на Божјите заповеди и без учество во Светите тајни, нема здравје и среќа. Без тоа се живее во ропство на страстите и со гордост, во стравот и темнината на гревот.

Во појавите на нездрав духовен живот спаѓаат и читањето хороскоп, гледање на кафе, толкување на сонови, призивање на духови - нешта кои многу често ги слушаме на Светата Тајна Исповед. За пророкувањето и толкувањето на соништата свети Јован Синајски вели: „Демоните на суетата се пророци во сонот. Бидејќи тие со своето лукавство според одредени знаци заклучуваат што ќе се случи, ни го јавуваат тоа однапред, за ние да се восхитиме кога тие виденија во сонот ќе се исполнат на јаве, со што би почнале за себе високо да мислиме – како веќе да сме близу до дарот на прозорливост. Таквиот човек често станува пророк во очите на оние кои му веруваат на демонот; а за оние кои демонот го презираат таквиот човек е лажливец. Како дух, демонот гледа што се случува во воздушниот простор и кога забележува дека некој на пример умира, тој тоа на лесноверните им го претскажува во сон. Демоните, меѓутоа, ништо не знаат за иднината по предзнаење. Впрочем, и лекарите се во состојба да ни претскажат смрт! Ставот на Црквата ни е посведочен во Светото Писмо уште во Стариот Завет: „Кога ќе влезеш во земјата, која Господ, твојот Бог ти ја дава, да не свикнеш да правиш гнасотии, какви што вршеа тие народи; да не се најде пред тебе човек што го тера синот свој или ќерката своја преку оган, заради очистување, или да претскажува, да гата, или како маѓепсник да биде, чародеец, ни гледач на утробата, ниту, пак, како што се гледа по знаци, ни таков што повикува мртви; зашто, секој, што го прави тоа е гнасен пред Господа, и токму поради тие гнасотии, твојот Бог ги изгонува од пред тебе. Биди непорочен пред Господа, твојот Бог“ (5.Мој. 18, 9-13). Впрочем и тие што претскажуваат иднина или гледаат, или се занимаваат со чародејства, како и оние што примаат такви услуги се во еднаква духовна темнина, и за нив важат следните канони кои ги пропишале светите отци:

 Шести Вселенски собор, канон 61:

Оние кои се предаваат на гатачи, или кон таканаречените стотници (волшебници), за од нив да дознаат нешто што сакаат да им се открие, согласно она што е веќе претходно кажано од Отците за нив, нека подлегнат на канонот за шестгодишно каење. Оние, пак, кои ќе останат упорни во тоа, и не сакаат да престанат да ги избегнуваат таквите погубни и незнабожечки гадотии, одредуваме потполно да се отфрлат од Црквата, како што заповедаат светите канони. „Зошто каква заедница има правдата и беззаконието? Какво согласие има меѓу Христа и Велијар?“

Помесен собор во Анкира, канон 24

 Оние кои гатаат и ги следат незнабожечките обичаи, или доведуваат во своите куќи некои гатачи заради изнаоѓање вражања, или заради очистување, нека се подложат на канонот за петгодишно каење поминувајќи ги одредените степени: три години припаднување со огласените и две години молитви со верните, но без Причест.

Од правилата на свети Василиј Велики, канон 83

 Тие кои се занимаваат со пророкување и ги следат обичаите на незнабошците, или воведуваат некои во своите куќи заради пронаоѓање волшебства и заради очистување, нека подлегнат на канонот од шестгодишно каење, една година плачејќи и една година слушајќи, и три години припаднувајќи, и една година стоејќи со верните на молитва, па така да бидат примени (во Светата Литургија на Причест).

Но сепак едно најголемо суеверие кое постојано се затскрива под плаштот на црковните празници е курбанот, маѓиски, пагански обичај кој многу е раширен помеѓу верниците. Курбан или колење на јагне во случај на осветување темели за куќа и прскање со крвта, е чиста ѓаволска работа со што уште на почетокот го внесуваме ѓаволот во сопствениот дом. Во случај на храмова слава може да наидеме на човек што се заколнал да даде курбан. Тогаш ќе видиме невино јагне украсено со свеќи на роговите кое го влечат околу црквата, во екстремни случаи го внесуваат во црква и го положуваат пред олтарот, за потоа ритуално да биде заклано и тоа во дворот на црквата, со убедување дека на Бог му принеле жртва, а всушност направиле сквернавење на местото со пролевање на крвта на јагнето, а можно е да се наруши некој ден кога се пости. На крај ќе си направат крст со крвта на челото за да се знае кој го дал јагнето и да му биде за здравје. Таквите обично преокупирани со ритуалите не стасале ни „Отче наш“ да ја научат, односно, не ни сакаат, бидејќи тоа им е тешко. Тоа колење на курбан со цел да му се принесе жртва на Бог за да нѐ чува од несреќи е маѓиско и идолопоклоничко, и не е во согласност со учењето и преданието на Светата Црква. Живиот Бог Кого го знаеме и заради кого се прават такви ритуали, од тој аспект гледано, повеќе наликува на некаков џелат кој чека да погрешиме за да нѐ казни, или наликува на суров господар кој од нас бара жртви и покорност, и ни најмалку не наликува на нашиот Бог на љубовта, како што го опишува светото Евангелие. Во Делата на светите апостоли се вели. „О, ти, кој си полн со секаква лага и злоба, сине ѓаволски, непријателу на секаква правда, нема ли да престанеш да ги искривуваш правите Господови патишта“ (Дела 13,10). Во тој контекст гледано дарувањето и не е лошо и е во согласност со подвигот на милосрдието во срцето на човекот. Па и дарувањето на јагниња во еден храм е добро, меѓутоа треба да се внимава тоа дарување да биде дадено и понатаму луѓето задолжени за тоа да го планираат дали ќе биде направен ручек, а не ние да ставаме ред за што ќе се користи. Ако биде направен ручек и се подели за закрепнување на гостите кои често пати доѓаат оддалеку - тогаш е во знакот на братољубието. Традицијата на носење јагниња во црква од нашите претци не останала за да се прават ритуали, туку затоа што на тој начин ја помагале Црквата кога немале ништо друго да подарат. Но, да внимаваме, секое отстапување од законот на љубовта, братољубието и пожртвуваноста претставува живот во страв, во суеверие. Таму каде што се нема вистинска претстава за Бог, луѓето влегуваат во помраченост, сметајќи дека со своите одредени постапки го задоволуваат Бог, а за возврат Он ќе им исполни одредени нивни молби. Животот на христијаните не треба да биде исполнет со страв кој потекнува од најразлични суеверија.

Нема страв бидејќи нашата цел е нелицемерна љубов кон ближниот и кон Бог, а љубовта го изгонува стравот и таму каде е љубовта, таму е и слободата. Светиот апостол Павле до Галатјаните вели: „Стојте така во слободата, со која Христос нѐ ослободи, и не се подавајте пак под ропски јарем!“ Слободата е најголемиот дар која Бог му ја дарува на човекот. Делата на телото се познати, тоа се: служење на идоли, маѓии, непријателства... А вие, браќа, повикани сте во слобода, но слободата ваша да не ви послужи како повод за угодување на телото...

И само уште едно надополнување од 61 канон од Трулскиот собор каде се вели: „Тоа што тие пагански наноси и намети се враќаат и повторуваат, не е доказ за нивна „жилавост“ или „слабост“ на Црквата, како што мислат неверниците, туку доказ за слободата на човекот, која ни благодатта Божја во Светите Тајни не ја принудува, ниту поробува. Бидејќи Бог не делува на сила, ниту ги спасува оние кои не сакаат. Според зборовите на свети Григориј Богослов, „Спасението е на оние кои сакаат, а не на присилените“. Само совесната волја, прекалена во подвизите на доброто, и осолена од благодатта на новиот живот во Светиот Дух, може да ја препознае вистинската вредност на христијанскиот подвиг“. Амин!

 
< Претходно   Следно >