Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Велигденско послание
Велигденско послание
14.04.2015.

 

† А Г А Т А Н Г Е Л

 

ПО МИЛОСТА БОЖЈА

МИТРОПОЛИТ ПОВАРДАРСКИ,

НА СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ, МОНАШТВОТО И ВЕРНИТЕ ЧЕДА НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА, ОДНОСНО ПОВАРДАРСКАТА ЕПАРХИЈА, А ПО ПОВОД ВОСКРЕСЕНИЕТО ХРИСТОВО  - ВЕЛИГДЕН, ИМ ИСПРАЌА АРХИПАСТИРСКИ БЛАГОСЛОВ И МИР ОД БОГА

 

Драги мои духовни чеда,

Денес, на Христовата Пасха, на празникот достоен за најголем восхит и веселие, на денот создаден за вечна духовна радост, на почетокот на секоја наша духовна победа, пред нашите очи заблескаа сјајните ѕвезди на Христовата светлина, изгреаја јасните зраци на божествената благодат, ни се предадоа клучевите од небесните и царски порти на богатата Божја духовна ризница! Долгата и темна ноќ ја изгуби силата пред сјајот на изгрејсонцето, мрачната смрт е уништена, животот за сите е откриен и достапен, сѐ е исполнето со неисцрпна светлина, Сонцето над сонцата се простира над сите и над сѐ, Родениот пред зората, пред почетокот на сѐ, Бесмртниот и Великиот Христос ни се прикажува посветол од секоја тварна светлина.

Денес, драги браќа и сестри е Велигден - голем празник и вечно жив споменик на Божествената сила и совршенство. На овој Велик и Голем ден воскресна Богочовекот, се прослави и преобрази созданието Божјо, благоизволи Бог од страдањето да се роди исцеление, од смртта - бесмртност, од мртвилото - живот, од поразот - здравје, од паѓањето - напредок! Еве вака Бог го извршува Своето големо дело, од невозможното го прави неочекуваното, зашто за Неговата света волја сѐ е можно.

Возљубени мои духовни чеда,

Ако Јудеите ја празнуваа Пасхата во спомен на ослободувањето од тиранијата на египетскиот фараон и избавувањето на првородените од смртта, ние христијаните, својата Пасха, односно својот премин, го празнуваме како совршено ослободување од власта на нечестивиот и од силните стеги на духовната пропаст и урнисување. Ние го имаме Небесниот и од Бога Испратениот Агнец, Кој се принесува како жртва за нас и Кој нѐ ослободува од силата на гревот и бесмислата и нѐ изведува од земјата на минливото и нѐ воведува во државата на вечното. Воскреснатиот Христос е нашата Пасха, нашиот спасоводен премин, нашето торжество духовно, нашето просветување преку новоизгреаната светлина, нашиот светол украс на свадбената поворка! Затоа, оној кој е благочестив и богољубив нека се наслади од ова светло предложение и од овој свет принос. Кој е благоразумен слуга, нека влезе во радоста на својот Господар! Христос воскресна и смртта ја уништи! Христос воскресна и демоните пропаднаа! Христос воскресна и Адам се спаси! Христос воскресна и сѐ земно, подземно и надземно се радува!

Возљубени следбеници на Воскреснатиот Спасител,

На денот кога го празнуваме Воскресението, ја славиме всушност непобедливата сила Христова, која е светлина и живот. Светлината и животот секогаш одат заедно. Каде има сонце, таму има и живот. Животот не може да опстојува во темнина. Христос е нашето сонце на правдата и затоа Неговата воскресенска светлина нека се пробие во најдлабоките делови од нашите души, нека ги облагороди во целост нашите срца, нека ги умудри делата на нашите раце и нека ги просветли нашите животи. Воскресението Христово е духовната скала од земјата до небото, патоказот кон вечното Царство на мирот и радоста во Светиот Дух. Синот Божји зеде тело човечко, живееше меѓу нас, пострада, беше распнат и на крајот воскресна, се вознесе и седна оддесно на Отецот, прославувајќи ја човечката природа. По славното Христово Воскресение, човековиот живот добива сосема нова смисла и вреднување.

Верни чеда на Македонската православна црква,

Секогаш, при сите наши постапки и дела, да го имаме предвид Воскреснатиот Христос и Неговите вечни пораки и примери за мир на земјата, трпеливост во искушенијата и разбирање, љубов и почит кон нашите ближни. Никогаш да не заборавиме дека не ни се ближни само блиските роднини и пријатели, туку сите луѓе на овој свет, без разлика на нивната националност или убедување. Христијанската воскресенска љубов е еднаква и за пријателите и за непријателите, впрочем заради тоа е уникатна и преобразувачка нејзината моќ и влијание во духовното раснење на секој човек, без разлика од која средина и да доаѓа. Бидете бодри во духот, ведри во мислите свои, исполнителни и ревносни во секојдневните обврски. Љубете ја својата земна татковина Р. Македонија и нашата заедничка мајка Светата Македонска православна црква. Никогаш не пропуштајте да чините добри дела, при тоа не заборавајќи дека нашите свети предци скапо ја платиле нашата слобода. Не смееме да дозволиме да бидеме запаметени како генерација која за бадијала ги распродала своите вековни духовни достигнувања и национални придобивки во име на некакви повисоки и апстрактни цели, промовирани од лажни авторитети.

Втемелувајќи се во Божествената љубов и вистина, трпеливо градете ја семејната заедница, радувајте се на своите телесни рожби, кои се нашето најголемо и бесценето богатство. Во една таква духовна и молитвена насоченост празнувајте ги престојните Велигденските празници, а Семоќниот Бог, нека ги услиша нашите молитви, нека биде присутен во сите наши мисли и дела, нека нѐ крепи во здравјето и нека биде сопатник во нашите напори да бидеме подобри луѓе.

Христос Воскресна!

Навистина Воскресна!

Во Велес, на Велигден, 2015-то лето Господово

 
< Претходно   Следно >