Проповед - Св. Агатангел Битолски |
16.03.2015. | |
Во името на Отецот, Синот и Светиот Дух Амин. Ваше Високопреосвештенство, почитувани отци драги, браќа и сестри! Во ова тешко и страдално време на нашиот македонски народ и на нашата Македонска Православна Црква, би требало нешто да се каже и за маченштвото за верата Христова, за тоа возвишено богоугодно живеење во Христа и носење на Крстот свој до крајот, до крајот на нашиот живот Христа ради, преку мачеништвото за верата. Еден свет отец вака размислувал: „Како што дишењето е неопходно за телото и без него човек не може да живее, исто така и без вдишувањето на Духот Божји, душата не може да живее, што е воздухот за телото, тоа е Духот Божји за душата, што всушност значи да се живее со Него и да се биде исполнет со Него.“ Сите оние кои вистински го вдишувале Духот Божји, преку својот овоземен живот, исплеле еден голем венец околу престолот на нашиот Господ Исус Христос. Еден букет од тој венец, кој изрснал, во мера на висината Христова, и кои го Вдишувале Духот Божји, се и светите маченици Христови. Во животите на светите маченици е запазено сето она што на сите нас ни недостасува. А тоа е токму нивното мачеништво за Христа. Они ги дале своите животи за оној Кој никогаш не го видели. Навистина, многу од нив, а и сите ние, сме слушнале за Христа, но сепак, размислете, дали некој од нас би си го дал, својот живот во рацете на некој човек кој никогаш не го видел. Во тој непознат човек тие, а и ние веруваме, зошто за Него сме слушнале, а и Неговото присуство сме го почувствувале барем еднаш во животот, било при некоја Света тајна, обред или молитва. А они, светите маченици, знаеле за Него, не само што верувале но и знаеле, зошто токму Он во текот на најголемите маки и страдања им бил сопатник и сострадалник, зошто Бог нема да го „остави братот свој“ сам и напуштен, како што ние направивме кога Он страдаше на крстот. Во Светото писмо стои: „блажени се тие кои не виделе, а поверувале“ и уште „царството небесно со труд се зима и силните го грабаат“. Сето ова тие го исполниле, а ние? Колку? колку ние претрпевме, пострадавме бевме навредувани или бемве плукани заради Христа, николку или можеби многу малку. Знаеме дека Господ сето тоа за нас го претрпел, а колку ние возвративме? Апостолот Павле вели: „со скапа цена сте платени, како ли ќе се одкупите„. И навистина, кои сме ние и што сме, да самиот Бог ја пролева Својата Света Крв за нас. кои сме ние и што сме да Сам Бог се всели во прав земен, од кој сме создадени, зошто си го дозволил Он тоа на Себе, секој еден од нас треба да се запраша, а одговорот сите го знаеме, тоа е се од љубов кон нас , за да нас грешните, не очисти од гревот, да не освети и као осветени да не соедини со Себе, да не обожи и да не направи свети и бесмртни. Заради тоа драги мои браќа и сестри, да посегнеме за Христа Кој не повикува кон Себе: „Дојдете кон Мене сите обременети и натоварени и јас ќе ве одморам“. Да ја побараме смислата на животот, смислата на душата, смислата на светот. Да го посветиме својот живот за животот вечен, и ниедно страдање за Христа не е неисплатливо, „оти голема е вашата награда на небесата“. Да не се грижиме толку за животите наши, и да не се плашиме од смртта. Иако без сомнение најтешкиот јарем од сите на земјата е јаремот на смртта, крстот на смртта. Но откако тој најтежок крст, стана крст на Богочовекот Христос, Он процвета во воскресение, и преку воскресението му се дарува на човекот и родот човечки бесмртност и живот вечен. Сето ова го знаеле и светите маченици, св. вмч. Ѓорѓи, св. вмч. Димитриj, св. вмч. Пантелејмон, Св. мч. Спасо Радовишки, св. мч. Злата Мегленска, св. 40 маченици, а и многу други. Е за еден таков светител кој го понесол крстот маченички на себе светиот Агатангел Битолски си спомнуваме денес. Овој македонски светител пострада од Турците во 1727 година. Како што пишува на кивотот во кој денес во Бигорскиот манастир се чува неговата чесна глава, во тој период од нивното петвековно владеење со македонските краишта тие имале необичен и свиреп обичај за време на тридневното празнување на Бајрам насилно да го преведат во својата исламска вера секој христијанин што ќе го нашле. Во страв и трепет пред нивниот незадржлив гнев незаштитените и угнетени христијани се сокривале кој како умеел и можел. Раката на друговерните гонители пак, секогаш успевала да докачи по некоја нејака жртва и да го изврши злото над невиниот човек. Мнозина од уловените македонски христијани гонителите ги наоѓале неподготвени да појдат на маченички подвиг и исходот на спасението на оние што го примале исламот под тешка закана останувал неизвесен. Но, Бог разгоре љубов кај Својот храбар следбеник Агатангел, кој реши да се дрзне, та со помош Божја да му стави крај на нечесното запирање на кревките и неопитни души. Поттикнат од благодатта Божја, свети Агатангел појде во царскиот сарај и со богомудри зборови пред турските големци се заложи тоа насилно исламизирање на невините христијани на Бајрам да запре. Со содејство Божјо светителот успеа да најде милост пред агарјанските првенци и тие, според ферманот приготвен за таа добра намера, го укинаа гонењето на христијаните на Бајрам. Но Бог, за да ја открие вистинската вера на Својот ревнител Агатангел им допушти на неколкумина Агарјани во Битола да му се нафрлат на светиот маж и да го погубат. А свети Агатангел чесно пострада од нив, простум примајќи го својот небесен венец од Христа, Кому Му поверува: „Секој што ќе Ме признае Мене пред луѓето, ќе го признаам и Јас него пред Мојот Отец небесен. А кој се одрече од Мене пред луѓето, и Јас ќе се одречам од него пред Мојот Отец небесен.” (Мат. 29 – 33) И ден денес драги мои постојат луге, луѓе избрани од Бога и посветени во целост со нивниот живот на Него, луѓе кои несебично во целост се предаваат на волјата Господова и ја исполнуваат до крај, луѓе кои работат на нивата Господова и го обработуваат лозјето Негово, луге пастири, учители и творци кои се грижат за стадото нивно и стадото нивно е нивниот живот, зошто од Бога им е доверено на чување. И нивниот живот е маченички, затоа што секој еден кој што ќе го земе крстот Христов за свој на мачеништво се оддава, еден од нив драги мои кој животот свој за патството свое го дава, кој со своите молитви кон мајката Божја непрестано бдее, кој со своите дела неминлив белег остава, а Бог му дал име, име кое го прославил маченик Христов, а не за помалку и на него му е дадено, е нашиот духовен отец, Архипастирот и митрополит наш повардарски г. Агатангел, нека Гопод Бог ги услиша и нашите молитви упатени кон Него од целото негово свештенство и монаштво и патство и му дарува долг живот, во мир цел, чесен, здрав, долговечен, за да правилно раководи со словото на Неговата вистина.
Нека е за многу години именденот, владико свет. Амин!
Отец Драги Гаштарски |
< Претходно | Следно > |
---|