Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Проповед во Неделата на Православието
Проповед во Неделата на Православието
2.03.2015.

  

Во името на Отецот, Синот и Светиот Дух  

Ваше Високопреосвештенство,

почитувани отци, благочестиви христијани, драги браќа и сестри!

Sample ImageВо текот на вчерашниот ден во храмовите на нашата епархија на наша голема духовна радост, кон Светите Тајни Исповед и Причест пристапија голем број верници кои во изминатата седмица преку постот и молитвата ги подготвиле своите души и тела за подостојно примање на светата благодатна тајна Причест. А еве веќе денес насекаде низ целата православна Екумена се прославува споменот  на една од најголемите победи во историјата  на човештвото и  православието, а тоа е победата на свештенството, монаштвото и верниот народ над иконоборството. Денес е величенствениот ден кога светите икони и мошти триумфално биле вратени во храмовите каде што припаѓаат и каде што им е местото.

Во време на владеењето на царот Лав III  Исавријанец, според сведоштвото на Астериј Амасијски, некои свештеници и верници стружеле од бојата на иконите па ставале во светата причест, некои служеле света литургија наместо на престол врз светите икони, се случувало некои од нив иконите да ги земаат за кумови при  светото крштение или за старци при монашкиот потстриг. Поттикнат од сево ова, а воден од заповедта која ни е дадена во Стариот Завет да не правиме идол од ништо што е на земјата под водата или горе на небото да не им се поклонуваме и служиме царот Лав III заедно со своите истомисленици во 726 год. ги забранил за употреба и ги  исфрлил светите икони од храмовите. Гонењето на христијаните особено се зголемило кога на царскиот престол дошол Константин Копроним, синот на Лав III, кој бил уште посуров од неговиот татко и за негово време се промениле три патријарси кои во целост му биле потчинети, а прогонувањата на иконопоклониците се споредувале со гонењата што се случувале во времето на Диоклецијан. Константин свикал и икноборечки собор на кој успеал да го отфрли и почитувањето на Мајката Божја забранувајќи Таа  да се нарекува „СВЕТА“. На овој собор на анатема биле предадени заштитниците и исповедниците на православието од тоа време:светиот патријарх Герман, преподобниот Јован Дамаскин кој напишал три апологии за одбрана на иконите и светиот Георгије Кипарски. Царот со неговите истомисленици сурово го измачувале верниот народ, на иконописците им ги гореле рацете, на монасите им биле кршени главите врз иконите тие за на крајот да ги исфрлат и  иконите од храмовите но сепак не успеале да ги победат и исфрлат живите икони од богоподобните луѓе кои со голема вера во Бога и во исправноста на иконопочитувањето стоички успеале да ги издржат сите страданија за верата Христова. Зборот икона е грчки збор кој во буквален  превод значи слика, а во теологијата се толкува со слика која го предобразува Христовиот лик, или уште го означува христоподобниот лик на светителите на кого всушност ние и му се поклонуваме и го славиме, што било нагласено и во оросот за почитувањето на иконите донесен на Никејскиот собор каде што се вели: „Кој се поклонува на иконата се поклонува на лицето /ликот,образот/ на оној кој на неа е насликан. Во 787 година царицата Ирина по инсистирање на Цариградскиот патријарх Тарасиј, свикала Вселенски Собор за да се воспостави повторно нарушеното единство во православната црква и да се исцелат раните кои иконоборците му ги нанеле на телото на црквата Христова. На соборот кој се одржал во Царската палата во Царигардската патријаршија од 24 Септември до 23 Октомври учествувале над 300 епископи кои по вдахновение од Светиот Дух донеле многу одлуки со кои  едногласно и свечено го потврдиле непрекинатиот дух на вистинската вера и живото апостолско и светотоечко предание за иконите, кои за да ги разработиме би ни требало многу време и простор но сепак би сакал, во оваа пригода да чуеме само мал дел од посланието кое патријархот Тарасиј и  соборјаните го испратиле до царицата Ирина и младиот цар Константин во кое се вели:

„Ние православните од Апостолите и Отците сме го примиле преданието дека пред светите икони се поклонуваме и ги целиваме зашто кога некој нешто сака, тогаш тој на тоа и му се поклонува и го целива, и како што ние со внимание и љубов се однесуваме кон луѓето кои ги почитуваме и сакаме, така треба да се однесуваме и кон личностите кои се насликани/изобразени/на светите икони“ би сакал на кратко да ви го причитам и оросор кој е донесен на тој Вселенски Собор кој гласи вака:

„Светиот и голем Вселенски собор, по благодат Божја и одлука на побожните и христољубиви цареви наши Константин и Ирина, мајката негова, собран по втор пат во сјајната митрополија Никејска во областа Витанија во светата Божја црква наречена Софија (Премудрост), следејќи го преданието на Соборната Црква, го одреди следното: Христос Бог Наш Кој ни ја даруваше светлоста на своето познание и не избави од темнината на идолопоклонското безумие, ја верил за Себе својата Света Соборна црква, „која нема оскернение или порок“(Ефес, 5,27.) и ветил дека како таква ќе биде чувана, и на своите свети ученици им го потврдувал тоа велејќи: „Јас сум со вас во сите дни до свршетокот на светот“ (Матеј 28,28.)ова ветување не им го дал само ним, но и на нас кои преку нив поверувавме во Името Негово.

Некои пак неразумно одфрлувајќи го тој дар Христов, бивајќи потикнати од непријателите измамници, одстапија од здравата смисла и спротивставувајќи се на преданието на Соборната Црква, ја промашија смислата на Вистината, и како што се вели во книгата Соломонови Изреки „Го оставија патот кон своето лозје...и и со рацете свои собираа бесплодност“(Изреки 9,12.) зашто осудувајќи се да ги клеветат боголепниот украс на свештената посвета, даровите и украсите во харамот, нарекувајќи се себе си свештеници а не бивајќи тоа. За нив Бог преку пророштво вели: „Многу пастири го растурија Моето лозје, го изгазија со нозе делот Мој“(Јеремија 12. 10). Зошто тргнувајќи по луѓе несвештени, кои само својот памет го слушаат, они ја оптужија обручената невеста на Христа Бога  Светата Црква Негова, и не правејќи разлика помеѓу светото и оскернетото, та иконата Господова и на Неговите Светители ги нарекоа слични на дрвените кипови на сатанските идоли.

Затоа Господ Бог наш, не поднесувајќи да ги гледа своите верни слуги, како се упропастуваат од таквата зараза, преку благоволението Свое на повика нас, началниците на свештенството (епископите) од сите краишта, благодарејќи на божественета ревност и согласност на најверните цареви наши Константин и Ирина, за да така  божественото предание на Соборната Црква повторно преку заедничка наша одлука ја добие својата важност. Ние, затоа, со секоја точност испитавме и разгледавме се и имајќи ја за цел Вистината, ништо не одземавме, ниту пак нешто додадовме, туку сето она што е Соборната Црква  несмалено го чуваме.

Ние се држиме неизменливо до сите црковни завети на нас пишани и непишани преданија, од кои што едно е и изобразувањето на иконичниот живопис, зошто е во согласност со историјат на евенгелските проповеди, заради порврдување на вистинското а не привидното отелотворување на Бога Логосот, и служи за едно единствено исползување, зашто работите кои една на друга укажуваат очигледно имаат и взаемни појави.

Затоа што сето тоа е така , ние одејќи по царскиот пат и следејќи го боговдахновеното учење на Светите Отци наши и преданието на Соборната Црква – зошто знаеме дека тоа предание е од Светиот Дух Кој обитава во Неа- одредуваме со сето внимание и точност:

Паралелно со знакот на Чесниот и Животворен крст да се постават и чесните и свети икони -  кои канонски се изработени од боја и мозаици и друг материјал-во светите божји цркви, на светите садови, одежди, на ѕидови и даски, во куќите и по патиштата;и тоа: икона на Господ и Бог и Спасителот наш Исус Христос, и Пречистата Владичица наша Света Богородица. И чесните Ангели , и сите Светии и Преподобни луѓе. Зошто во колку тие постојано се гледаат во иконичното изображение, во толку на оние кои ги гледаат им се поттикнува љубовта и подржувањето на смите изобразени личности. И на нив да им се оддаде почесно целивање и поклонување но не и вистинско служење по верата наша, кое доликува само на Божествената Природа, но како што на знакот од Чесниот и Животворен Крст и Светото Евангелие им принесуваме кадење и кандила така и на нив да го правиме истото како што тоа и било побожен обичај кај древните христијани. Зошто честа која се оддава на иконата (ликот) поминува на Прволикот и кој се поклонува на иконата , се поклонува на личноста на оној кој е насликан на нејзе.

Оној пак кој се осмели поинаку од ова да мисли или да учи, или согласно со поганите еретици да го отфрла црковното предание и измислува некои новитети, или отфрла нешто што од Црквата е предадено, Евангелието или знакот на Чесниот Крст или живописните икони или светите мошти на мачениците, или подло и злобно измислуваат за да порекнат нешто од взаконетото предание на Соборната Црква, или уште како профани (некфалификувани) се служат со свештените садови или чесните манастири- за таквите ако се епископи или клирици да се расчинат, а ако се монаси да се одлачат од причест“.

После еден релативно мирен период од 25 години иконоборечката ерес повторно ја заживеал царот Лав V  кој сметал дека иконоборечките цареви биле посреќни, Конечно во 842 год. кога починал царот Теофил бидејќи синот Михајло бил малолетен, на царскиот престол доаѓа неговата жена Теодора, која во Цариград свикува собор во време на патријархот Методиј на кој биле анатемисани иконоборците и бил потврден догматот за почитувањето на иконите за конечно во месец март 843 година со чинот на подигнувањето на иконите во сите цркви да се востанови празникот на Неделата на Православието во првата недела од Великиот Пост.    

Затоа сите ние денес да застанеме смерно пред иконите и да им го оддадеме должното почитување достоинствено да го испочитуваме нивниот празник кој денес го славиме и стоејќи пред нив на молитва,  да се помолиме светителите кои се изобразени на нив, нашите молитви да ги услишаат и пренесат пред Бога во неговиот мисловен духовен наднебесен жртвеник за да ни се зајакнат нашите духовни и телесни сили па така сите заедно да влеземе што е можно подостојно во големта Воскресенска радост која ни претстои АМИН!  

Отец Драги Гаштарски

 
< Претходно   Следно >