Трибина на тема „Постот во Православието“, Гевгелија |
24.02.2015. | |
На 19.02.2015год. во Градскиот театар во Гевгелија, од страна на здружението на граѓани „Православен Источник“ од Гевгелија, беше организирана трибина на тема „Постот во Православното Христијанство“. На Трибината говореше отецот Љупче Миланов, парохиски свештеник од Гевгелија.
Дали постот значи нејадење и гладување? Ако е така, ако постот значи нејадење и гладување, тогаш тој во ништо нема да се разликува од диетите за слабеење и за лекување на одредени психо-соматски болести. Но, не е така, смислата на постот не е во нејадењето и гладувањето. И во првата заповед што Бог им ја дарува на луѓето никаде не слушнавме: „Немој ништо да јадеш, гладувај“. Напротив, во неа Бог вели: „Од секое дрво во градината можеш да јадеш, освен...“ од едно, од дрвото за познавање на доброто и злото. Од тука гледаме дека смислата на постот е во послушанието. Оној што пости, тој е и послушен, кон Христос и Црквата Негова. Зашто е речено дека човекот не живее само од леб (Матеј 4,7). Затоа, постејќи, христијаните не гладуваат, туку само се воздржуваат од извесна храна. Со таков пост пости телото на човекот, тоа е телесниот пост. Но, постои и друга страна на постот, духовна. Ако телото пости со телесен пост, духот пости со духовен пост. А со телесниот и духовниот пост, пости целиот човек, двете негови природи и телесната и духовната. Зошто треба да постиме? Спомнавме дека постиме од послушание, ако телото е послушно и пости, се умртвуваат телесните страсти, а во мерата на бестрастие на нашето тело, духот станува пободар и постејќи духовно, умот наш стражари над срцето и го чува во чистота, да не се случи на било каков начин во него се зачне и развие некоја грешна желба. Постиме за да живееме, за да бидеме во заедница со Бога. Ако постот бил потребен во Рајот, тогаш колку повеќе ни е потребен денес, кога повторно танцува Иродијада. Без постот нема живот, смртта во светот влезе како последица на непостењето. „Во оној ден кога ќе вкусиш (т.е. кога ќе престанеш да постиш) ќе умреш“. Заради непостењето луѓето станаа смртни. Заради непостењето и пред да го напуштиме телото, нашите души пребиваат во смртната сенка. И обратно, со постот стануваме учесници во вечноста. Човекот се обновува за живот вечен. Се обновува и осветува секој дел од човекот. Преку постот, се осветуваат духовните очи, се осветува духовниот слух. За слушање на Божјата правда и на евангелските пораки, за гледање на Создателот преку неговите созданија и дела. За да не бидеме како оние за кои псалмопејачот Давид вели: очи имаат и не гледаат, уши имаат и не слушаат. Преку постот, очистувајќи се од страстите, умот будно стражари над срцето и не дозволува во него да се зачне и израсне било какво дејство погубно за човекот. Поради непостењето Адам беше протеран од рајот, а поради постот, пак, свети Јован Крстител беше наречен најголемиот од оние што се од жена родени. Ако Адам беше протеран од рајот, поради прекршувањето на заповедта за постот, тогаш, ние неговите потомци по тело, треба поучени од грешката на нашиот прародител, да го негуваме и држиме постот како некој скапоцен бисер, за преку него повторно да станеме жители на рајот, на духовниот Едем, за што и нѐ создаде Бог. Зошто постот е толку важен и нераскинлив дел од животот на секој христијанин? Затоа што постот, вистинскиот пост, во себе ги содржи сите добродетели: телесниот подвиг, смирението, милосрдието, покајанието, послушанието и секоја друга добродетел, а пред сѐ, молитвата. Затоа можеме да кажеме дека постот е и збир на сите добродетели. Затоа, Светата Православна Црква грижејќи се за добродетелниот живот на христијаните, уште од апостолските времиња, а по примерот на нашиот Господ Исус Христос, го востановила постот, го определила времето за пост и која храна христијаните да ја јадат за време на постот. За време на телесниот пост, Црквата утврдила и пропишала христијаните да се воздржуваат од јадење на: месо, маст, сирење, јајца, млеко, а понекогаш, според важноста на постот да се воздржуваат и од јадење на масло и риба. Во поглед пак на времето за телесен пост, Црквата утврдила да се пости во среда и петок и во четирите големи пости Велигденскиот, Петровденскиот, Богородичниот и Божикниот, како и во деновите: спроти Богојавление – Водокрст (18 Јан.), на празникот Отсекување главата на свети Јован Крстител (11 Септ.) и на Крстовден (27 Септ.). Во однос на постењето во среда и петок, блажениот Петар Александриски вели: „Никој да не нè обвинува што ги држиме средата и петокот, денови во коишто ни е заповедано да постиме; во среда - поради заговорот што го направил Јуда за предавството на Господа, а во петок - поради тоа што Он за нас пострада“. Додека свети Атанасиј Велики, пак, за оние што не постат во среда и петок вели: „Тој што самоволно се разрешува од пост во среда и петок, Го распнува Господа Исуса Христа исто како Јудеите, оти во среда се состанаа да Го убијат, а во петок Го распнаа“. Тоа се деновите определени од Црквата за телесен пост за сите христијани без исклучоци, и за млади и за стари, и за болни и за бремени, без исклучоци, за сите луѓе, па дури и за оние што се на смртна постела. Еве што се вели во 69-апостолско правило за оние што не постат во среда и во петок, или, пак, за време на Велигденскиот пост: „Ако некој епископ, свештеник или ѓакон, или ипоѓакон, или чтец, или псалт, не пости во светата Четириесетница пред Пасха или во среда или петок, освен ако не е спречен од телесна немоќ, нека биде расчинет, а ако е мирјанин (граѓанско лице) да се отстрани од Црквата“. Но, доколку некој од оправдана причина не може да пости онака како што пропишала Црквата, можно е да му се ублажи постот, но никако целосно да му се разреши и тоа ублажување на постот исто така не смее самиот да си го определува, но да биде со благослов од неговиот духовен отец откако ќе се исповеда. За оние, пак, што се дрзнуваат самите да се разрешат од постот, светите отци велат: „Никој да не мисли дека може самоволно да се разрешува од пост по своја волја, како што има многу случаи кај свештениците и монасите, сами да се разрешуваат од постот, па и мирјаните ги наговараат со зборовите: ,Јади кога јас сум разрешилʻ или, пак, мирјаните сами без причина да се разрешуваат од пост. За оние кои јадат месо и сирење во Велигденскиот пост, во среда и петок, 132-то правило од Номоканонот заповеда: „Две години да не се причестува, па кој и да е“. Оној, кој не ги постел Петровденскиот, Богородичниот и Божикниот пост, 228-то правило од Номоканонот вели, во црква не се примаат дури ни нивните деца, ако и тие не постат“. Но, како што спомнавме дека самите без благослов од духовниот отец, не смееме да си го ублажуваме постот, исто така треба да внимаваме и да не си наметнеме некое потешко бреме, т.е. построг пост од оној што Црквата го одредила, без благослов од нашиот духовен отец. Затоа што на тој начин лесно можеме да паднеме во прелест од која ќе нема кој да нѐ избави. Кога луѓето ќе слушнат дека започнува некој од наведените пости, се возбудуваат мислејќи дека се излегува од еден голем период на мрсење и дека влегуваме во еден период на голем пост. Од еден живот што вообичаено минува низ мрсните денови од годината и дека влегуваме во еден друг начин на живот што се иззема од вообичаениот тек на животот низ годината. Ние, не го делиме истото мислење, затоа што христијаните се секогаш во пост. Како прво, доколку за телесниот пост Црквата утврдила одредени денови, кога започнува, а кога завршува, за духовниот пост нема такво правило. Тој трае секој ден од седмицата, триста шеесет и пед дена во годината, за време на целиот наш живот. Од духовниот пост, никој, никого, никогаш не може да разреши, па дури и ангел од небесата да се симне нема власт да разреши од духовниот пост. Како второ, доколку и ги преброиме деновите во годината, во кои се пости, а во кои се мрси, ќе видиме дека секогаш се повеќе посни, отколку мрсни денови. Затои и велиме дека христијаните секогаш постат и дека само привремено Црквата допушта да се мрси. Секогаш пред почетокот на некој од телесните пости, треба да посветиме особено внимание на духовниот пост. Бидејќи во тие денови демоните стануваат многу силни, напаѓаат со сите расположливи средства, та, ако е можно, на било кој начин да нè убедат да не постиме. И доколку им одолееме на таквите искушенија и не ги послушаме, со текот на времето тие ќе заслабнат и ќе ја немаат истата сила, затоа што тој род се истерува само со пост и молитва (Матеј 17,21). |
< Претходно | Следно > |
---|