Предговор на книгата „Исус Христос – чудо на светската историја“ Секое време и место си има свои херои, свои славни личности, на кои народот се угледува, од кои учи и се поистоветува со нивните животи и дела. Историјата ни дала многу славни личности на кои вреди да се угледаме, многу мудреци од кои можеме да учиме, но сите тие се со свои ограничувања и недостатоци. На многумина од нив им поминало времето, забот на заборавот го изгризал нивниот спомен, а некои паднале и во заборав. Во древните митологии наоѓаме многу интересни ликови на херои кои народот ги нарекол „богови“, кои оставиле трага во историјата и во науката, но кои имаа свое времетраење. Еден и единствен лик кој остана да постои и ќе постои споменот за Него додека постои и светот - е Господ Исус Христос. Неговата слава е неспоредлива, Неговите зборови се живот вечен и затоа ќе останат вечно, како сведоштво за сите генерации. Во историјата имало периоди кога луѓето доброволно или присилно се оддалечувале од верата, но по неколку години или децении пак се враќале кон верата и кон Црквата, привлечени од сладоста на Божјата благодат која постојано пребива во Светата Православна Црква. Господ Исус Христос е центар на нашиот живот, Глава на Црквата, вистинско Сонце на правдата, Царство Небесно, Рај. Он е Патот по кој одиме, но и целта на нашето патување. Сите пророци пред Него укажуваа на патот, Самиот Он дојде да ни биде Пат. Надвор од Него има само беспатија, само слепи улици кои не водат никаде или водат во пропаст. Христос е светлина на светот, која го просветлува секој кој е во заедница со Него, а оние кои се надвор од Христос и Неговата Црква залутуваат во мракот на гревот и заблудата. Новиот Завет е откровение за Неговиот живот, Неговата личност, чуда, поуки и ветувања. Читајќи ги житијата на светителите и почитувајќи ги нивните слова, често пати како да забораваме дека Христос е најзначајната личност во животот на Црквата, во животот на секој православен христијанин, затоа и секој ден си спомнуваме на Него, велејќи во својата скришна соба: Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме мене грешниот. Како што вљубените мислат секој ден еден на друг, така и верниците секојдневно си спомнуваат на Господ Исус Христос. Молитвата е наша секојдневна храна, секојдневно дишење, но полезно е и да знаеме нешто повеќе за личноста на нашиот возљубен Господ и Спасител Исус Христос. Токму книгата која ја имате пред вас е такво објаснување, кое се потпира врз аргументи од Светото Писмо. Во неа се говори за детството и младоста Христова, за Неговото растење, Неговиот општествен живот, Неговата безгрешност и совршена светост, Неговата универзалност и добродетелност, Неговите страдања кои ги претрпе заради нас и нашето спасение. Во неа се побиваат и заблудите кое се распространиле околу личноста Исусова, се разбира, користејќи докази од Новозаветните книги. Во неа ќе најдеме многу размислувања од познати и светски признаени авторитети, кои со своите проникливи умови стигнале до Христос, и се увериле дека Он е завршеток на секоја потрага, дека Он е самата воплотена Вистина, и нема друга вистина надвор од Неговата личност. Со надеж дека оваа книга ќе ви помогне во откривањето на нови хоризонти во личноста Христова, од длабочината на мојата душа ви ја препорачувам оваа мала, но многу полезна книга. Митрополит Повардарски + Агатангел
|