Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Насловна arrow Цркви и манастири arrow Ваташка парохија - цркви и манастири
Ваташка парохија - цркви и манастири

село Ваташа



 

- централна парохиска црква „Успение на Пресвета Богородица”. Црквата се наоѓа во самото село, десно од патот во правец на излезот кон Моклиште. Изградена е во XIX век. По својата архитектурна форма таа е трикорабна со рамни дрвени таваници на страничните кораби, додека централниот кораб е со четири слепи калоти, од кои средните две се поголеми и покриени со фрески. На иконостасот има царски двери во резба изработени во 1818 година од непознат автор. Иконите датираат од XIX век, поточно од 1828 година, изработени од зографот Крсте од Велес.

 

- Манастир Свети Никола”. На три километри јужно од селото Ваташа, во убав шумски предел се наоѓа манастирот Моклишки посветен на Св. Никола. Над влезот на црквата од внатрешна страна сочуван е натпис во кој се спомнува Никола и неговите синови од селото Тимјаник кои ја изградиле црквата. Манастирската црква е изградена во 1594/95 година исто така запишана во натписот. По својата архитектурна форма таа е еднокорабна црква со полуобличаст свод. Подоцна кон западниот дел е подигната припрата преку која се влегува во црквата од северната страна. Фрескоживописот во црквата е од времето кога била подигната и манастирската црква. Првобитно сите внатрешни површини биле зографисани, но подоцна фреските биле многу оштетени со опаѓање на малтерот особено на северниот ѕид. Во XIX век од непознат зограф биле фрескоживописани оштетените површини, кога биле изградени и манастирските конаци. Истите се обновени во поново време. Денес манастирот е во добра состојба.

 

село Горниково



            - црква „Св. Мина”. Црквата била изградена во 1837, а живописана 1877 година, од зографот  -  Хаџи Крсте од Велес, според зачуваниот натпис кој се наоѓал над западната врата од надворешната страна на црквата. Според својата архитектурна форма таа била трикорабна градба со нагласен среден кораб што се надвишувал над страничните. На западната страна имало нартекс кој се одвојувал од наосот на црквата со два реда колони. Фрескоживописот во црквата потекнувал од два временски периоди: олтарната апсида и горните партии на наосот, во главниот кораб, биле од 1837 година, кога била подигната црквата, а другиот - во долните зони и оној во тремот бил од 1877 година. Пред две децении оваа црква се урнала од дотраеност, само дел од иконите биле пренесени во црквата „Св. Димитрија” во Кавадарци.

 

село Драгожел



          
           
- црква „Св Никола”. Нема никакви податоци кога е изградена и живописана оваа црква. Но, според нејзината архитектурна форма се претпоставува дека е во XIX век. Таа е трикорабна со дрвени таваници - карактеристични за селските цркви од XIX век, во Тиквешијата, Гевгелиско и на други места во Македонија. Средниот кораб се надвишува над страничните. Наосот на црквата е одвоен од припратата преку две колонии кои лично се поврзани. Црквата има отворени тремови на северната и западната страна. Внатрешноста на црквата е покриена со фрески. Црквата е запуштена.

 

село Куманичево



             - црква „Св. вмч. Димитриј”. Не е познато кога е изградена и живописана оваа црква. Според својата архитектурна форма црквата е трикорабна со дрвени таваници, а отворени тремови има на јужната и западната страна. Сета внатрешност на црквата е покриена со фрески. На иконостасот е сочуван натпис: Сеи свети образи исписа Петре и сен его Глигор из Дебарску державу село Тресонче 1878.

 

село Бојанчиште



             - црква „Св. Богородица”. Подигната е во XIX век, а живописана е во 1865 година. Ова го дознаваме од сочуваниот натпис што се наоѓа на западната страна од гредата меѓу наосот и припратата. Натписот гласи: „1865 месец маја на ден 12 мајстор Спасе от Деборската каза и Доне брат Негров од село Гари”. Црквата е еднокорабна со изведена рамна дрвена таваница. Има изграден трем од јужната и западната страна. Црквата е фрескоживописана од зографите Спасе и Доне, брат Негров од селото Гари - Дебарска каза. Состојбата на фрескоживописот е во состојба на распаѓање а самата црква дава изглед на запуштен објект.

 

село Мрежичко



 
            - црква „Св. Димитриј”. Црквата има облик на трикорабна градба и е од поново време. Фрескоживопис нема. На иконостасот има икони од руски зограф, а се наоѓаат и неколку икони од XIX век.

 

село Рожден



             - црква „Св. Спас”. Јужно од Кавадарци на околу 35 километри се наоѓа планинското село Рожден. Црквата е лоцирана на северозападниот дел од селото над едно возвишение. Изградена е во 1872 година а живописана е по две години 1874, од зографите Петре и син му Глигор од село Тресонче. Овој податок може да се види од натписот кој се наоѓа над јужната врата од внатрешната страна во црквата. Црквата е скоро пред уривање.

 

село Бунарче



             - црква „Св. Димитриј”. Подигната е во XIX век. Фрескоживописот е уништен, а црквата е скоро пред уривање. Иконите од иконостасот се пренесени во Галеријата на Ново Село, Штипско. Други податоци нема.

 

село Страгово



          
               
Во селото Страгово се наоѓаат две цркви, едната посветена на Св. Атанасиј која се наоѓа во самото село а другата јужно од селото каде што се селските гробишта - како гробјанска црква посветена на Св. Димитрија. И двете цркви се наоѓаат во многу лоша состојба.

 

            - црква „Св Атанасиј”. Точни податоци нема кога е изградена и живописана црквата, но се претпоставува дека е во XIX век. Според својата архитектурна форма таа е трикорабна црква со голема олтарна апсида на источната страна.

 

            - црква „Св. Димитриј”. Податоци кога е изградена нема. Таа е обична градба, која нема никакви симболи на верски објект, а внатре нема фрески ниту пак постари икони.

           

село Крњево



          
           
Нема црква. Овде се евидентирани само остатоци од рано христијанска базилика.

 

село Чемерско



             - црква Св. Спас. Подигната е во XIX век. Била изгорена, па повторно обновена на старите темели. По својата архитектонска форма е трикорабна. Во црквата има  неколку икони од XIX век.

   

село Бохула



 

            - црква „Св. Атанасиј”. Црквата е изградена и зографисана во 1879 година. Овој податок се дознава од натписот кој е испишан над јужната врата од внатре и кој гласи: Ктитори и приложници Димко Иереа, Ризо Ното Неде Гоџобашија Стоја Атанаси Митруши Вангелович от село Терново Никола питроп Темелко мали големи из руку братија Ваггели Никола Костадини Атанасовиќ зуграфа от село Крушево в лето 1879 декември 20. Според својата архитектурна форма, црквата е трикорабна, со тремови од јужната и од западната страна. Внатре корабите се покриени со дрвени таваници и се обоени. Живописот во црквата е од 1879 година, а царските двери кои се наоѓаат на иконостасот се изработени во копаница во 1870 година од непознат автор а годината е запишана на левото крило во долниот дел. На иконостасот има икони од  XIX век, изработени од Петре Дебранец од село Тресонче.

 

село Радња



           

            - црква „Св. Димитриј”. Изградена е во XIX век. Денес е во рушевини.

            

село Горна Бошава



 

            - црква „Св. Илија”. Изградбата на црквата е започната пред околу 10-тина години. Црквата се уште е во изградба. Камен темелникот е поставен и осветен од тогашниот администратор на Повардарска епархија г. Тимотеј.

 

село Конопиште



 
             - црква „Св. Стефан”. Селото Конопиште се наоѓа на околу 30 километри јужно од Кавадарци. Црквата Св. Стефан се наоѓа сред село. Не се знае точната година кога е изградена но се претпоставува дека е изградена во средината на XIX век. Познато е дека црквата била зографисана во 1879 година според еден натпис кој се наоѓа над северниот влез на црквата од внатрешната страна, од браќата Вангел, Никола и Коста од Крушево. Според својата архитектурна форма црквата е трикорабна со полукружно олтарна апсида на источната страна. Реновирана е во 2002 година.

 

село Градиште



          
           
- црква Св. Богородица. Некогашното село Градиште кое денес не постои се наоѓало на десната страна од реката Црна, на патот за Мрежичко. Црквата Св. Богородица е изградена и живописана во XIX век, иако нема сочувано никакви податоци. Според својата архитектурна форма црквата е еднокорабна со кров на две води. Црквата е пред распаѓање.

 
село Грбавец



 
            - црква Св. Петка. Изградена е во XIX век. Има облик на еднокорабна градба. Фрески нема, а иконите се од XIX век. Други податоци нема.

 

 
село Клиново



 
            -цркви Св.Архангел Михаил - стара и нова. За старата црква не се сочувани никакви историски податоци, ниту пак постои запис или натпис во црквата за да се дознае кога била изградена и живописана. Црквата била во функција до 1860 година, кога во нејзина непосредна близина била изградена нова црква со големи димензии и посветена исто така на Св. Архангел Михаил. Според својата архитектурна форма старата црква е еднокорабна со полукружна олтарна апсида на источната страна. Градена е од плочест камен. Од старите фрески сочуван е само еден фрагмент во олтарната конха со претстава на Св. Богородица Ширшаја од небесата. Живописот најверојатно е од крајот на ЏВИИ век.

            Новоизградената црква во село Клиново е исто така денес напуштена. Во неа нема фрескоживопис. Други податоци нема.

 
Село Драдња



 

            -Пештерна црква Св. Никола. Пештерната црква посветена на Св. Никола е позната и како Маркова црква и се наоѓа на околу 1.5 км. југозападно од селото Драдња во стрмен и карпест предел, во сува пештера со длабочина од околу 20 метри, висока околу 9 метри, која наликува на готска катедрала. Оваа црква е двоспратна и се состои од приземен дел кој служел за поминување, и кат - просторот на црквата - капела, на кој се искачувало преку дрвени скали од внатрешната страна на пештерата. Влезниот дел е висок околу 125 см, што значи дека треба да се наведниме за да влеземе внатре. По својата архитектонска концепција црквата е еднокорабна градба, ѕидана од камен со различни големини и форми, делумно клесани. Покрај обичен, користен е и камен бигор - за засведување на кровната - сводна конструкција и плитките ниши. Како сврзно средство при градењето е користен варов малтер. Пропорциите на објектот се доста интересни односно ширината на црквата се состои два пати во должината, а три пати во висината. Со ова храмот има пропорции на тесни, високи еднокорабни цркви на источното христијанско градителство. Живописот е изведен во приземјето и катот. Иконографската програма е сведена според димензиите на црквата. Според досегашните проучувања се смета дека црквата е изградена и живописана во XIV        век.

 

 

 
< Претходно   Следно >