Манастир „Св. Архангел Михаил” - Чичево |
28.11.2007. |
Манастир „Св. Архангел Михаил”. На
четири часа одење јужно од Велес, односно на 16 км., помеѓу селата Горно и Долно
Чичево, во месноста Клепа, се наоѓа манастирот Св. Архангел Михаил. Спрема неговиот
летопис тој е подигнат како мала црквичка во периодот од 1695 до 1705 година од
калуѓерот Михаил со помош и заштита на велешкиот Агобег. Годината на подигањето
на манастирот се потврдува и од бронзениот печат на манастирот (Орле) кој како таков
манастир никаде не постои, а во неговата содржина е вградено името на Св. Архангел
и сликата на Архангел Михаил. Околу рачката на печатот е гравирана и годината 1705.
Мајстор на печатот бил Симон Костадинов, кој е и пишувач на натписот. Од овој податок
произлегува дека првобитната црква не ќе е подигната порано од почетокот на XVIII
век. Во втората половина на XIX век, старата манастирска црква била обновена, реновирана
и зографисана од зографот Хаџи Крсте во 1861 година, и така го добила денешниот
облик и изглед. Тогаш манастирот добил нова куполна црква, светла и голема висока
камбанарија крај неа.
|