Проповед на Митровден - Митрополит Јосиф |
10.11.2014. | |
Јосиф, Митрополит тетовско-гостиварски
Што славиме ние кога празнуваме некого од светиите? - Токму тоа, го одбележуваме од Бога овеначаното дело и подвиг на мачениците и светиите. И, обично, во Православната црква, кога празнуваме, го празнуваме денот на упокојувањето, денот на страдањето, денот кога Бог го прославил Својот угодник. Пораката од чествувањето на празниците е дека пред Бога нема мртви, туку на денот на упокојувањето, всушност, преминуваме во вечно живеење со Бога. Светиите се најголема потврда за тоа. Ако не беше така, кој ќе ги паметеше апостолите, мачениците, подвижниците и многубројните светии? Целата човекова историја е историја на живи, од Адама па сè до денес! Кој ќе ги знаеше старозаветните пророрци и праведници, кој ќе ги запаметеше и новозаветните богоугодници, ако истите не продолжеа да живеат во небесната Црква и во споменот на нивните следбеници на земјата? Свети Димитриј е жив сведок за тоа веќе многу, многу столетија! Тој со својата маченичка смрт во 306 год., за време на императорот Максимијан, големиот гонител на сведоците за Христа, всушност, сведочел за вистината, по примерот на безброј маченици, со најсилниот документ - со својот живот! А за која вистина може вака да се сведочи? За Христос, нашиот Бог и Спасител, зашто Тој е вистината. Неговото слово, Неговата проповед, Неговите дела, Неговиот подвиг, љубовта со која нè ослободи од најголемото заробеништво - прангите на смртта и нејзините темели - страста и гревот. Ние, кои го носиме името христијанин, коишто живееме со верата на мачениците - сме сведоци за Христа. Некои, со право, можеби, ќе се запрашаат - па како можеме ние денес да бидеме сведоци за Христа?! - Можеме! Можеме и треба да бидеме сведоци за Христа! Ова наше време не бара да бидеме маченици, не бара со животите да сведочиме! Ова наше време бара најмалку што може да направиме - бара да ја знаеме и да ја живееме верата, да живееме по начелата на верата и моралот, бара да живееме по заповедите, бара да одиме по Христа! Сите ние сме повикани да го оправдаме нашето припаѓање на Христа, зашто како вели св. ап. Павле, ние сме „ писмо Христово“ напишано не со мастило, туку со духот на живиот Бог, не на камени плочки, туку врз телесните плочки на срцето (2 Кор. 3, 3).
Возљубени во Господа,
Животот на христијаните претставува постојано страдање, но страдање заради наследство на вечниот живот! Нашиот Спасител, Господ Исус Христос, јасно ни го предочи тоа, велејќи ни: Не дојдов да донесам мир, туку меч (Мт. 10, 34). Што значат овие зборови? - Со Неговото доаѓање, вистиното стана пророштвото (1. Мој. 3, 15) за ставањето непријателство меѓу Богочовекот и родоначалникот на секое зло - ѓаволот. Во овој свет, кој лежи и пребива во зло, нема место за доброто, за чистото, за светото и на тоа се гледа како на непријателство, духовно, па и материјално се војува против него. И затоа велиме дека христијаните - оние коишто се залагаат да ја достигнат апсолутната близина со својот Добротвор, со Бога - постојано страдаат, бидејќи злото и гревот од овој свет ги сфаќа како непријатели, односно како противници на поредокот што сака злото да го воспостави. А христијаните се луѓе кои, подучени од Богочовекот Христос, треба да зрачат со смирение и добрина, односно, за вистината да се залагаат целосно и онака како што доликува - со смирение. Ваквиот начин на однесување, го потврдува и нашиот Господ, кога вели: Ако светот ве мрази, знајте дека Мене светот уште пред вас Ме замрази. Да бевте од овој свет, тогаш светот ќе го љубеше своето; но бидејќи не сте од светот, туку јас ве избрав од светот - затоа светот и ве мрази... Ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат... (Јн. 15, 18-20) Ова значи дека страдањето е неминовна реалност, и тоа секогаш поврзана со Христовото име. Но страдањето не значи загуба, не значи болка, туку напротив, што е токму и парадоксот во овој случај, а што умот на овој свет не го сфаќа, страдањето заради Господ Христос значи добивка и победа. Ви порачувам, учете ја правилно верата, клонете се и бегајте од секое суеверие, што ве обременува, од обичаите што не се христијански, од бајачите и гатачите, од модерните задоволства и сфаќања на работите. Воспитувајте ги децата правилно, во духот на православното христијанство - и со збор, но и со пример. Свети Димитриј, големиот сведок и маченик за вистината, нека ни помага да бидеме целосно оддадени на нашата Света Црква и да го помагаме нејзиното свето дело насекаде каде што е потребно. Амин! Честит празник и за многу години. |
< Претходно | Следно > |
---|