Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Насловна arrow „Старец Силуан“ најново издание на епархијата

 Sample Image
 

Возљубени,

Би сакале да Ве известиме дека од денес, 01. 06. 2022 година, документарно-биографскиот филм за Митрополитот Агатангел, „Печат на едно време“ можете да го гледате и на нашиот youtube канал.

  Линк до филмот: https://www.youtube.com/watch?v=TXOnztkGvT4


 
„Старец Силуан“ најново издание на епархијата
23.09.2014.

 

Sample Image

 

Со благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, се подготви и се испечати книгата „Старец Силуан“ од Архимандрит Софрониј (Сахаров). Ова ново издание од издавачката дејност при Повардарската епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“ го преведе свештеник Љупче Миланов. И ова најново издание на нашата издавачка дејност е прекрасно богоугодно четиво, кое го опишува животот на Старецот Силуан, чиј подвиг во верата стана вистински патеводител за духовниот живот на многу монаси и верници.

Книгата може да се најде во сите храмови на Повардарската епархија или да се порача директно од издаваштвото на Повардарската епархија на тел. 043 221 231.

Во прилог можете да го прочитате и предговорот на оваа книга.

Предговор на книгата „Старец Силуан“

Во времето кога цела Русија е вознемирена и разбунтувана, кога започнуваат револуциите и прогонот на Црквата, младиот Семјон веќе пребива во тивкото пристаниште на спасението, во градината на Пресвета Богородица – на Света Гора Атонска. Неговите сонародници се борат со видливи непријатели, а тој, пак, со своите страсти и со невидливите демонски сили. Овој духовен гигант и украс на Црквата Христова ќе помине цели 46 години на Света Гора подвизувајќи се „до крв, за да прими дух“.

Уште од младоста ја спознал горчината на гревот, но ја вкусил и радоста на покајничкиот плач, која никогаш не го напуштила. Иако млад, сепак станал сад на благодатта, со автентично духовно искуство од присуството на Светиот Дух, па затоа многумина доаѓале кај него да разговараат за теми од духовниот живот. Неговото знаење не е академско знаење стекнато од книги, туку попрво е Богопознание и откровение Божјо. Академските богослови најчесто знаат да зборуваат за Бог, а овој богослов на Светиот Дух лично зборувал со Бог, а кога зборувал за Бог, тогаш тоа биле зборови боговдахновени, зборови од личен опит. Неговите поуки и размислувања се проникнати од љубовта кон Бог и кон ближниот, а од неа произлегува и неговото длабоко сочувство и сострадание за луѓето кои живеат во светот.

Во подвижничкото наследство на Светата Православна Црква старецот Силуан ќе остави голема трага, и ќе остане запаметен особено по неговата богооткриена мисла „држи го умот во адот и не очајувај“. Раководејќи се според ова, многумина зачекорија по патот на спасението и стигнаа до ветеното ни од Бога Царство небесно.

Сиот негов живот и учење е една молитва за целиот свет, желба да се прегрне сиот свет, да се доближи до Бога и да Го познае Бога, бидејќи богопознанието е живот вечен. Во сета негова љубов кон ближниот, тој, иако далеку од луѓето кои живеат во светот, сепак многу страда, бидејќи, колку е поголема љубовта, толку е поголемо и страдањето.

Остава впечаток неговото инсистирање да се љуби секој човек, па дури и непријателите. Љубовта кон непријателите ја става како мерило за вистинитоста на нашата вера и за автентичноста на нашиот подвижнички живот: „Оној, пак, што не го љуби својот непријател, не Го познава Бога“; „Ако се молиш за своите непријатели, мирот ќе се всели во тебе. А кога ќе ги возљубиш непријателите, знај дека уште поголема благодат ќе живее во тебе“.

Поуките за духовниот живот, научени не во студентска клупа, туку во подвижничкото училиште на Светиот Дух, ќе останеа скриени и недостапни за нас, доколку за ова, по многу молби, не се погрижеше неговото духовно чедо, и автор на оваа книга – архимандритот Софрониј Сахаров од Есекс. Благодарение на него, голем дел од неговите поуки и богословие се собрани во оваа книга, која набрзо, откако ја виде светлината на денот, стана вистински патеводител за духовниот живот на многу монаси и верници.

Со одлука на Цариградската патријаршија, на 1 април 1988 година, старец Силуан е причислен кон хоровите на светителите, а неговиот свет спомен се слави на 11/24 септември.  

Неговите молитви и благослов да бидат со сите кои се поучуваат од неговиот живот и поуки, и да нѐ водат кон исполнување на нашата цел во животот – заедницата со Бога. Амин.

Митрополит Повардарски

+ Агатангел

 
< Претходно   Следно >