Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Насловна arrow Рождество на Пресвета Богородица
Sample Image
 

Книга за обновата на црквата: https://drive.google.com/file/d/1hBFC8O74jBKwvAMSja0WVp4BrHU-QbYz/view?usp=sharing

 


 
Рождество на Пресвета Богородица
23.09.2014.

 

Sample Image

 

Sample Image На празникот на раѓањето на мајката над сите мајки, мајката од чија утроба се роди Спасителот на светот, која што прва го слушна гласот на ангелот како и довикува: „Радувај се, благодатна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените!“, многуброен народ доаѓа  да ги посети Божјите храмови низ целиот свет и со молитвено поклонение и молитви кон Божјата Мајка да го побара нејзиното застапништво пред престолот на Господ Бог, Исус Христос.

Во градот Велес, Света Архиерејска Литургија се отслужи во храмот „Успение на Пресвета Богородица“, а со која чиноначалствуваше Митрополитот Повардарски г. Агатангел, во сослужение на свештенослужители од велешкото архиерејско намесништво. Црквата беше исполнета со верни души кои молитвено го побараа застапништвото на Мајката Божја пред престолот на Спасителот, за здравје и спасение на нивните души. Многумина од присутните верници пристапија кон Светата Тајна – Евхаристија и се причестија со Светите Христови дарови.

Во предвечерјето на празникот на Рождеството на Мајката Божја, Светата владичица наша Богородица, во храмот посветен на Нејзиното успение во Велес се отслужи Вечерна богослужба. На богослужбата, во присуство на многуброен народ, кој дојде на молитвено поклонение пред Мајката Божја, богослужеа свештеници од Велес, а во присуство на Митрополитот Повардарски г. Агатангел. На вечерната богослужба беше прочитан и Акатистот кон Пресвета Богородица. На крајот од Богослужбата беа прекршени и благословени славските лебови.

Рождество на Пресвета Богородица

Пресвета Дева Марија се роди од своите стари родители, Јоаким и Ана. Татко Ѝ беше од племето Давидово, а мајка Ѝ од родот Аронов. И така Таа по татко беше од царски, а по мајка од архиерејски род и со тоа го предобразуваше Оној Којшто од Неа ќе се роди, како Цар и Првосвештеник. Нејзините родители беа веќе остарени, а немаа деца. И затоа беа посрамени пред луѓето и скрушени пред Бога. И во својата скрушеност Му се молеа на Бога со плач, да ги израдува во нивната старост и да им подари едно чедо, како што некогаш ги израдува старецот Авраам и старицата Сара подарувајќи им го синот Исак. И семноќниот Бог Којшто гледа сѐ ги израдува со радост што ги надминуваше сите нивни очекувања и најубави соништа. Бидејќи им подари не само ќерка туку и Божја Мајка; ги озари не само со привремена радост туку и со вечна. Бог им даде само една ќерка, којашто подоцна им роди само еден внук - но каква ќерка и каков внук! Благодатната Марија, прославена меѓу жените, храм на Светиот Дух, олтар на Живиот Бог, трпеза на небесниот леб, кивот на светоста Божја, дрво со најсладок плод, слава на родот човечки, пофалба на женскиот род, источник на девственоста и чистотата - тоа беше од Бога даруваната ќерка на Јоаким и Ана. Родена во Назарет, а после три години одведена во храмот ерусалимски, од каде што се врати подоцна пак во Назарет, за наскоро да ја чуе благовеста на Светиот архангел Гавриил за раѓањето на Синот Божји, Спасителот на светот, од Нејзиното пречисто и девствено тело.

 
< Претходно   Следно >