Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Насловна arrow Ново издание од Повардарската епархија
Sample Image
 
Ново издание од Повардарската епархија
8.08.2014.
Sample ImageСо благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, се подготви и се испечати книгата „Мојот живот со Старец Јосиф“ од старец Ефрем Филотејски. Ова ново издание од издавачката дејност при Повардарската епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“ го преведе јеромонах Атанасиј. Книгата може да се најде во сите храмови на Повардарската епархија или да се порача директно од издаваштвото на Повардарската епархија на тел. 043 221 231.

Во прилог можете да го прочитате и предговорот на оваа книга.

 

Предговор на книгата „Мојот живот со старец Старец Јосиф“

Македонскиот православен читател веќе е запознат со животот и поуките на старецот Јосиф Спилеот, најпрво преку книгата „Изложување на монашкиот опит“, потоа „Старец Јосиф Исихаст“ (издание на Повардарската епархија), и сега, третата книга „Мојот живот со старец Јосиф исихаст и спилеот“. Секој човек е голема тајна, особено духовните луѓе, кои знаат сѐ за светот, најчесто се нецелосно сфатени од оние кои живеат во светот. Дел од животот и поуките на овој духовен светогорски великан од минатиот век беше разоткриен преку двете претходни книги, а со оваа која ја имате пред себе, ќе се разјаснат уште многу аспекти од неговата личност. Но колку и да издадеме нови книги, сепак, не можеме до крај да ја разоткриеме неговата личност. Многу нешта ќе останат сокриени од нас, а ќе му бидат познати само на Бог. Неговиот духовен живот, неговите подвизи, борби, победи, падови и станувања, ќе останат врежани во ѕидовите, даските, прозорите, предметите на неговата скромна ќелија, кои без зборови, туку само со благодатта, присутна во неговата ќелија, ќе сведочат за светоста на овој голем духовник.

Авторот на оваа книга, отец Ефрем, некогашниот игумен Филотејски, а сега наречен Аризонски, слободно можеме да го наречеме и современ апостол на Америка. За неговиот неколкугодишен престој во Америка, тој од пустината направи вистинска оаза, американското тло го засеа со семето на монашкиот живот, па благодарение на него, денес во Америка има околу 20 православни манастири, кои се вистинско жариште и расадник на духовниот живот. Извор на жива вода среде пустината! И самите американски архиереи и свештеници сведочат дека, пред неговото доаѓање тие безуспешно го повикувале народот во црква, честопати правејќи различни човекоугоднички манифестации, а тој повикувајќи го народот на пост и молитва, со бденија и покајание, ги наполни црквите и манастирите, не само со родени од православни семејства, туку и со луѓе од други вероисповеди, кои биле допрени од благодатта Божја, токму преку овој старец, и затоа примиле крштение. Ете какви горостаси се родија и израснаа по молитвите на старец Јосиф Спилеот. Она што старецот Ефрем го научи од него, тоа и го пренесе во Америка, и тоа духовно семе роди изобилен плод, и како квасец ја зафаќа Америка и ја охристовува.

Во оваа книга, напишана од раката на неговото духовно чедо и современ апостол на Америка – отец Ефрем Аризонски, без дотерување, без криење или претерување, се опишани многу детали од житието на старецот Јосиф. Многу негови заблуди, грешки, промашувања, кои се неизбежен дел од житието на било кој светител. Не е страшно човек да падне во било кој грев, но страшно е ако остане во него, ако не се покае. И старецот Јосиф, со Божја помош, се покажал победник над сите демонски сплетки, и денес ни служи како блескав пример за монашки живот, како ориентир, како светилник среде разбеснетото световно море, кои со своите силни бранови ни го попречува патот кон Христос, и по секоја цена се труди да нѐ одвлече и дезориентира.

Читајќи ги овие поуки и живеејќи според нив да ги добиеме молитвите и благословот на овој прекрасен светогорски старец, па уподобувајќи се на него, како што и тој се уподобил на Христа, заедно со него и со сите светии, да се најдеме во Царството небесно, радувајќи се на средбата и заедницата со Бог и со ближните, која ја започнуваме уште овде и сега, а која продолжува во вечноста. По неговите свети молитви Господ да нѐ помилува и спаси. Амин.

Митрополит Повардарски

+ Агатангел

 

 
< Претходно   Следно >