Светите апостоли Петар и Павле |
15.07.2014. | |
На денот кога Светата православна црква го чествува споменот на светиот апостол Петар, во сите поголеми храмови на Повардарската епархија беше отслужена света Божествена Литургија.
Светиот апостол Петар 12/07/2014 Син Јонин, брат на Андреј Првоповиканиот, од племето Симеоново, од градот Витсаида. Беше рибар и прво се викаше Симон, но Господ благоизволи да го нарекува Кифа или Петар (Јован 1, 42). Прв од учениците јасно ја изрази верата во Господ Исус, велејќи: „Ти Си Христос, Син на Живиот Бог“ (Матеј, 16, 16). Љубовта кон Господ му беше голема, а во верата се утврдуваше постапно. Кога Го изведоа Господ на суд, Петар трипати се одрече од Него, но само еден поглед на лицето Господово го исполни со срам и покајание. По слегувањето на Светиот Дух стана неустрашлив и снажен проповедник на Евангелието. После една негова беседа во Ерусалим се обратија околу три илјади души. Го проповедаше Евангелието ширум Палестина и Мала Азија, Илирика и Италија. Вршеше големи чуда: лечеше болни, воскреснуваше мртви, дури и од неговата сенка се исцелуваа болните. Имаше голема борба со Симон Волхот, којшто се прикажуваше за бог, а всушност беше слуга сатанин. Најпосле го посрами и го победи. На заповед на свирепиот цар Нерон, којшто беше пријател на оној Симон, Петар беше осуден на смрт. Откако го постави Лин за епископ на Рим и го посоветува и утеши стадото Христово, Петар радосно појде да прими смрт. Кога виде пред себе крст, ги замоли џелатите да го распнат главечки, бидејќи се сметаше себеси за недостоен да умре како неговиот Господ. Така се упокои и прими венец на вечна слава великиот слуга на великиот Господ. Светиот апостол Павле 12/07/2014 Родум од Тарс, од племето Венијаминово. Прво се викаше Савле, учеше кај Гамалиил, беше фарисеј и гонител на христијаните. Во христијанската вера беше обратен преку чудо од Самиот Господ, Којшто му се јави на патот за Дамаск. Крстен од апостолот Ананија. Му се даде името Павле и беше приброен кон службата на големите апостоли. Со пламена ревност го проповедаше Евангелието секаде, од границите на Арабија до Шпанија, меѓу Евреите и незнабожците. Го нарекоа апостол на незнабожците. Колку што беа страшни неговите страдања толку беше натчовечко неговото трпење. Низ сите години на неговото проповедање како на тенок конец висеше ден за ден меѓу животот и смртта. Откако сите денови и ноќи ги исполни со страдања за Христа, откако на многубројни места ја устрои Црквата и откако ја достигна таа мера на совршенство што можеше да рече: „не живеам веќе јас, туку Христос живее во мене“, беше убиен со меч во Рим, во времето на царот Нерон, кога и апостолот Петар. Собор на Светите славни и сефални апостоли 13/07/2014 Иако секој од Светите големи апостоли има свој посебен ден за празнување во годината, сепак овој ден Црквата го одреди како соборен празник на сите заедно, а со нив и Павле. Ова се имињата и деновите на посебното празнување на Дванаесеттемина: Петар - 29 јуни и 16 јануари; Андреј на 30 ноември; Јаков Заведеев на 30 април; Јован Богослов на 26 септември и на 8 мај; Филип на 14 ноември; Вартоломеј на 11 јуни и на 25 август; Тома на 6 октомври; Матеј евангелистот на 16 ноември; Јаков Алфеев на 9 октомври; Тадеј на 19 јуни; Симон Зилот на 10 мај; Матиј на 9 август; Павле на 29 јуни. Да спомнеме уште за начините како секој од овие најсвети и најполезни луѓе во историјата на светот го заврши својот живот на земјата: Петар беше распнат на крст главечки; Андреј беше распнат; Јаков Заведеев го убија со меч; Јован Богослов се упокои чудесно; Филип беше распнат на крст; Вартоломеј – распнат, па одран и заклан; Тома беше избоден со пет копја; Матеј го изгореа во оган; Јаков Алфеев – распнат на крст; Тадеј – распнат; Симон Зилот – распнат; Матиј го каменуваа, па мртов го расекоа со секира; Павле го убија со меч. |
< Претходно | Следно > |
---|