Младинскиот црковен хор на Повардарската Епархија „Св. Кирил и Методиј“ со благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, за прв пат зема учество на меѓународениот фестивал на духовна музика „Достојно ест“ во Поморие, Р. Бугарија. За да се учествува на овој фестивал беше потребно да се исполнат одредени барања за кавалитет на хорот, кој го одредува селекциона комисија составена од еминентни професори по музика и свештени лица. Хоровите земаа учество во три категории: црковни хорови, световни хорови и клиросни пеачи. Фестивалот се одржа од 11. 06 – 15. 06. 2014 год. во времетраење од пет фестивалски денови, во кои имаше постојани ангажмани на хоровите и диригентите. На првиот фестивалски ден се одржа Водосвет и Литија пред Храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ на која учествуваа сите гости на фестивалот, како и граѓаните на Поморие. На вториот фествалски ден во претпладневните часови се одржа средба на диригентите, на која се дискутираше на Тема „Улогата на црковното пеење во современото општество“ водена од протоереј Кирил Попов. Во 20:00 часот нашиот хор настапи на отворена сцена со композиции по слободен избор, и ги исполни следните композиции: „Возбраное војеводе“ македонски напев – аражман: Ирина Денисова, солист - Мики Миовски; „Ангел вопијаше“ – Петар Динев; „Сијахамба“ – црнечки спиритуал и „Орал дедо“ – Драган Шуплевски. На третиот фествалски ден, хорот настапи со дваесетминутна програма на духовни композиции во Храмот на „Рождество на Пресвета Богородица“. На наше големо задоволство настапот на хорот беше проследен со бурни аплаузи. Хорот се претстави со следните композиции: „Архангелски глас“ – Д. Бортњански; „Величанија Кирилу и Методију“ – Т. Скаловски; „Достојно ест“ – П. Динев; „Богородице дево“ – С. Рахмањинов; „Ниње сили небеснија“ – Лвовски; „Разбојника благоразумнаго“ – А. Ведељ. Последниот ден од фестивалот, хорот пееше на Света Божествена Литургија во црквата „Света Богородица“ во Несебар. Истиот ден, сите хорови пееја на затворање на фестивалот по една композиција, каде што секој диригент доби диплома за одредени специфики за неговата работа со хорот. Нашиот хор доби диплома за Вдахновено исполнување на сложен пеачки репертоар. Се надеваме дека достојно ја преставивме нашата земја и нашата црква. Им благодариме на сите оние кои материјално ни помогнаа да го реализираме учеството на овој фестивал. Известува: диригент Веселинка Маџарова-Андова
|