Апостол Павле
Свети Јован Златоуст
Што е човекот, и од каков благороден род е нашата природа, и за какви
добродетели е способно ова суштество, најдобро од сите луѓе покажа апостол
Павле. Откако стана апостол, па сè до сега, со силен глас тој Го правда Господа
пред сите што го обвинуваат заради ваквото устројство на човечкото суштество;
поттикнува на добродетел, им ја затвора устата на бесрамните богохулници, и
покажува дека помеѓу ангелите и луѓето не постои големо растојание, ако сакаме
да обрнеме поголемо внимание на себеси. Апостолот Павле не добил поинаква
природа, ниту пак имал поинаква душа, ниту живеел во некој друг свет, туку
одгледан на оваа земја и на истиов простор и според истите закони и обичаи, ги
надминал сите луѓе што постоеле откако постои светот. Каде се, значи, оние што
велат дека добродетелта е тешка, а порокот лесен? Павле не се согласува,
велејќи: „Нашите лесни страдања ни носат вечна слава (2. Кор. 4,17). А ако
страдањата се лесни, дотолку повеќе се такви - внатрешните задоволства.
И кај апостол Павле не е достојно за одушевување само тоа што заради
големата ревност не ги чувствувал напорите што земал на себе поради
добродетелта, туку и тоа што ì бил верен на добродетелта не заради награда.
... И кога го снаоѓаа опасности, страдања и секакви навреди, тој и
тогаш ликуваше, и пишувајќи им на Коринтјаните им велеше: „Затоа уживам во
слабостите, во навредите, во гонењата” (Кор. 12,10). Сето тоа тој го нарекуваше
оружје на правдата, покажувајќи дека и од тоа извлекува голема корист, и
непријателите не можеа од ниедна страна да го фатат. Од сите страни удиран,
навредуван, напаѓан, тој, како во триумфален поход, подигаше победнички
споменици по целата земја, и со тоа се украсуваше, и Му вознесуваше
благодарност на Бога, велејќи: „Фала Му на Бога Кој секогаш ни дава победа” (2.
Кор. 2,14).
Заради проповедта на Евангелието тој повеќе трчаше по навреди и
понижувања отколку ние што трчаме за почести; по смртта повеќе отколку по
животот; по сиромаштво повеќе отколку по богатството; по напори повеќе отколку
другите по одмор; по тагата повеќе отколку другите по молитвата против
непријателите.
Така тој го преврте поредокот на нештата, или подобро речено, ние го
превртевме, а тој го сочува таков каков што Бог го востановил. Оти сè што е
првобитно е природно, а подоцнежното - обратно.
За него беше страшно и опасно само едно: да се навреди Бог, и ништо
друго. Исто така, повеќе од сè тој сакаше: да Му угоди на Бога. Не велам дека
тоа го сакаше повеќе од што и да е на овој свет. Немој да ми зборуваш за
градови, народи, цареви, оружја, богатства, сили, власти, оти сето тоа тој не
го сметаше ни за пајажина, туку замисли го она што е на небесата и тогаш ќе ја
согледаш силата на неговата љубов кон Христа. Опиен од оваа љубов, тој не им се
восхитуваше ни на ангелите, ниту на архангелите, ни на што и да е слично, оти
во себе имаше нешто поголемо од тоа: љубовта Христова, и со неа се сметаше
себеси за поблажен од сите, а без неа не сакаше да биде ниту со господствата,
ниту со поглаварствата, ниту со властите.
Со оваа љубов тој повеќе сакаше да биде меѓу последните и казнетите,
отколку да е без неа меѓу најголемите и славните. Единствената казна за него
беше: да бидеш лишен од оваа љубов. Тоа е за него животот, тоа е стекнување на
доброто. Сè друго што не се однесува на ова тој не го сметаше ниту за жално ниту
за непријатно, туку сè што е видливо тој го презираше како сува трева. ... Во затвор живееше како да е на небо, а раните и ударите ги примаше
порадосно отколку што другите ги примаа наградите. Самите напори и трудот ги
сметаше за награда, поради што и ги нарекуваше благодат. Погледни: за него наградата значеше - да се
ослободиш од телото и да бидеш со Христа, а подвиг - да останеш во телото. Па
сепак, тој попрво го избира ова второто, и вели дека тоа е за него
најнеопходно. ...
Но, зошто
зборувам за опасностите и за другите неволји? Тој непрестајно тагуваше, и
заради тоа велеше: „Кој ослаби, и јас да не ослабам? Кој се соблазни, и јас да
не се распалам?”(2. Кор. 11, 29). Некој ќе рече дека и во тагата има
пријатност. На пример, многумина кога ќе ги загубат децата имајќи слобода да
плачат наоѓаат утеха во плачот, а ако ги спречат во тоа, тие страдаат. Така и
Павле, пролевајќи солзи ден и ноќ, наоѓаше утеха во нив, оти никој толку не
жалеше заради своите недела. Како ли се чувствувал кога гледајќи ги Евреите
како не се спасуваат се молеше самиот да биде лишен од вишната слава, само за
тие да се спасат? Очигледно дека за него далеку понеподносливо е нивното
неспасение, оти да не било потешко, не би се молел за нив.
Со што
можеме да го споредиме оној кој што плачеше за сите коишто живеат во вселената,
и воопшто за сите народи и градови, и за секој поединец, со какво железо, со
каков дијамант? Како можеме да ја наречеме таквата душа? Златна или
дијамантска? Таа е потврда од секаков дијамант, повредна од секакво злато и
скапоцени камења. Дијамантот го надминува со својата цврстина, а златото со
својата скапоценост. Со што да ја споредиме? Со ниту едно од постоечките нешта.
Кога
дијамантот би станал злато и кога златото би станало дијамант, би се добило нешто
слично на Павловата душа. Но, зошто да ја споредуваме со дијамант и злато?
Стави го сиот свет наспроти неа, и ќе видиш дека Павловата душа е поважна од
него. ...
Но ако светот не вреди
колку него, тогаш кој? Можеби небото? Не, и тоа е малечко, оти, кога тој самиот
и на небото и на она што е на небото му ја претпостави љубовта Господова, тогаш
дотолку повеќе Господ, Кој е толку подобар од Павле што е како добрината од
порочноста, Он ќе им го претпостави Павле на мноштво неба. Господ не нè љуби
како ние Него, туку толку повеќе, што тоа не може да се искаже со зборови.
Погледни со што се удостои Павле уште пред идното воскресение: го вознесе во
рајот, на третото небо, му откри такви тајни коишто не можат слободно да им се
зборуваат на оние што имаат човечка природа. И сосема разбирливо, оти тој, уште
додека одеше по земјата, се правеше како да живее со ангелите, попречен од
смртно тело, покажуваше ангелска чистота; подложен на толку неволји, се грижеше
да не биде пониско од вишните Сили. Како птица леташе по вселената, и како
бестелесен ги презираше опасностите и напорите, и како оној кој веќе го
достигнал небото презираше сè што е земно, и беше непрестајно бодар како оној
кој општи со бестелесните Сили.
Иако
ангелите честопати им беа доверувани на разни народи, ниту еден од нив не го
устрои народот што му беше доверен како што Павле ја устрои вселената. ... На
архангелот Михаил му беше доверен народот јудејски, а на Павле - и земјата и
морето, населените и ненаселените краеви. Го велам ова не за да ги навредам
ангелите, далеку од тоа, туку да покажам дека човек, иако човек, може да биде
заедно со нив и да стои до нив. И зошто ова не им беше доверено на ангели? За
да нема никаков изговор за небрежноста, и за да нема оправдување за леноста во
различната природа. ... Слушни што вели самиот Павле: „Добра војна извојував,
трката ја завршив, верата ја зачував; сега ме чека венецот на правдата, што во
оној ден ќе ми го даде Господ, праведниот судија; но не само мене туку и на
сите кои се радуваат на неговото доаѓање” (2. Тим. 4, 7-8). Гледаш ли како тој
сите ги повикува да заедничарат во Бога? Да се погрижиме сите да станеме
достојни за ветените богатства; да ја согледаме не само големината и
превосходноста на неговите дела туку и на неговата ревност со која што ја
стекна таквата благодат, и на сродноста на природата, според која тој го имаше
истото што го имаме и ние. На тој начин и она што е тешко изводливо - ќе ни
биде лесно и пријатно, и ако се помачиме за ова кратко време, ќе се удостоиме
да добиеме неменлив и бесмртен венец, по благодатта и човекољубието на нашиот
Господ Исус Христос, Кому нека е слава и власт, сега и секогаш, и во сите
векови. Амин.
|