Беседа на Томина недела - отец Виктор Димовски |
30.04.2014. | |
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух,
Ние не треба да го потценуваме овој свет апостол и да го нарекуваме „неверен“, туку напротив, треба да го величаме и да го славиме како пример на подвиг што треба да го следиме. Тома, не дека не верувал во воскресението Христово, но заради својата збунетост и од претпазливост, затоа што многумина во тоа време измислувале разно разни приказни, тој посакал да Го допре Христос и лично да се увери во Него. Но најмногу заради својата неопислива љубов и ревност кон својот учител. Не сакал да слуша од друг (од неговите пријатели), туку лично да го види и дури да се допре до Него. Се чувствувал хендикипиран, бидејќи кога апостолите Го виделе, тој не Го видел и како да сакал со нешто да го „предизвика“ за пак да дојде и тој да го види. Тој се дерзнал да Го предизвика Христос за повторно да дојде и да му се открие и нему. И се разбира, Христос бидејки безмерно ги сака сите, а посебно оние кои Него го сакаат и го бараат, му се открил и му дозволил да се допре до Неговите свети рани. Тома е единствениот кој се допрел до Христос по Неговото воскресение. Примерот на св. Ап. Тома, треба и ние да го практикуваме. Треба да веруваме во сите зборови кои свештениците, епископите, монасите и духовниците ги проповедаат, меѓутоа сето тоа треба да се трудиме во пракса, да го спознаеме и со тоа го потврдиме. Да не се задоволуваме само од кажанот, туку и ние како св. Ап. Тома да го „предизвикаме“ Христос за тој да ни се открие и ние лично го доприме. Да го гушнеме, да го имаме постојано и да не го испуштаме повеќе. Тоа можеме да го направиме само во очистено срце. Врата за влез во Црквата е основен услов за да го познаеме Него, да се допреме до Него и го наследиме животот вечен е да се крстиме. Еден е Бог, а со тоа една е и Црквата, која е тело Христово, а чија глава е Исус Христос. Не постои една глава со две тела, и обратно, нема едно тело со две глави. Тоа е ненормално. Според тоа една е вистинската Црква. Црквата која Исус Христос, со Својата крв ја основал, натемелена е на верата на апостолите, со крвта на светите маченици запечатена, а со учењето на св. Отци формулирана. Светата Црква е единственото место каде што реално можеме да го допреме Бог. Тоа најпрво се прави со светата тајна крштение. Со трикратното потопување во името на Отецот и Синот и Светиот Дух и потоа со помазувањето со мирото за даровите на Светиот Дух, ние се соединуваме и „облекуваме“ во Бог. Единствен услов за крштевањето е да се верува и Православно да се исповеда таа вера во Бог, затоа и крштевањето е едно и тоа мора правилно да се изврши. Оној кој Православно не ја исповеда верата тој не е ни крстен. Покрај православното исповедување на верата, треба да имаме и православно живеење, православна практика на православната вера. Ако ние не ја практикуваме верата каква што е, тогаш се заблудуваме и сме надвор од патот и вистината. Тогаш почнуваме и да ја менуваме верата и прилагодуваме според нас и нашите страсти, па ќе почнеме да ги испревртуваме Евангелските зборови, давајки им друго значение. Ќе почнеме да ги менуваме догмите на верата, а за светите канони ќе велиме дека се непотребни и невозможни во ова наше „современо“ време. Тогаш само формално ќе се нарекуваме Православни, а според нашиот живот ќе бидеме далеку од Православието, односно, неправославни. Православната пракса пред се е да Го исповедаме и возљубиме Господа со сето свое срце, со сиот свој ум и сиот свој разум и да го возљубиме својот ближен како самите себе. На овие два закона, кој всушност е еден, се базираат сите Божји заповеди, десетте Божји заповеди, каноните на Црквата, правилата итн. Покрај исполнувањето на Божјите заповеди, односно добродетелите, потребно е и практикувањето на непрестајна молитва. Молитвата е заедница и разговор на човекот со Бога. Кога човекот разговара со Бог и го призива Неговото име тогаш тој е и со Бог, зашто таму кадешто е името, таму е тој кого го призиваме. На тој начин заедничариме, Бог е во нас и ние сме во Бога и носиме одговорност за нашето живеење. Како можеме да тврдиме дека разговараме и заедничариме со Бога, а да мислиме на разни глупости, и да вршиме недолични дела. Тоа е невозможно. Ако непрестајно го изговараме, призиваме, името Божјо „Господи Исусе Христе, помилуј ме грешниот“ тогаш и непрстајно нашиот ум ќе е со и во Бога и ќе се заштитеме од секакво ѓаволско влијание. Затоа е потребно заради нашата сигурност, а и од љубов кон Бога, непрестајно да се молиме. Бог прв не возљуби, дури и Својот единороден Син го даде за нас и нашето спасение, тогаш и ние треба да Го возљубиме Господа со сето свое срце, сиот свој ум и сиот свој разум и на тој начин стануваме и учесници во Божествениот живот и наследници на вечното царство, и тоа уште сега и овде. Не да го чекаме, туку уште сега и овде да го прифатиме. Поради нашите слабости, сите ние грешиме, а бидејќи Бог е Љубов, го дал покајанието и исповедта, за повторно враќање и присоединување кон таа заедница со Него. Покајанието и исповедта се исто така едни од средствата со кои го допираме Бог. Покајанието и исповедта е враќање од грешниот пат, од грешното заедништво со демоните на темнината, кон Бога, кон вистината, љубовта и вечниот живот. На тој начин ние повторно се допираме до Бога. Откако неразумно сме се одделиле од Бог, сега како разумни се каеме и враќаме кон Него. Да не дозволиме ниедно искушение, ниеден ветар, ниедна соблазна, ниедно учење надвор од Црквата или световен закон, или световно задоволство и понуда да не оттргне од вистината Божја, односно од покајанието, љубовта и молитвата. И најсигурно од се е светата Причест. Ако не се причестуваме, Господ Исус Христос рекол дека нема да имаме живот вечен. Затоа секој којшто го јаде Телото Негово и ја пие Крвта Негова, тој ќе има живот вечен и Бог е во него и тој е во Бога, и тогаш јасно и гласно ќе може да речеме, како апостол Тома: Господ мој и Бог мој. Браќа и сестри, да му заблагодариме на св. апостол Тома за неговиот карактер, што дозволил и ние денеска да се радуваме заедно со него и да веруваме во неговото православно исповедување на Бог и да живееме според Евангелието Христово и затоа блажени се оние кои не виделе, а поверувале. Сепак, поблажени се оние кои виделе, допреле, почуствувале и поверувале… Амин.
|
< Претходно | Следно > |
---|