Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Слово на Митрополитот на Великопосниот концерт
Слово на Митрополитот на Великопосниот концерт
26.03.2014.

 

Sample ImageПостојат многу начини на кои го прославуваме Бога, на Кој Му ја соопштуваме секоја наша потреба, Му ја доверуваме секоја наша мисла, или пак, Му благодариме за секого и за се.

Еден од начините за изразување на верата во Господа е пеењето, или попрецизно дефинирано, литургиското пеење. Тоа не значи само воведување на песната како медиум во богослужбениот живот на Црквата, туку значи и устројување на еден специфичен јазик со кој се изразува внатрешната состојба на човекот, едно благодарни средство што ги предизвикува и ги покажува молитвените чувства и ги одбива искушенијата, и на крај, еден природен порив да се учествува во Небесната Литургија на ангелските чинови, кои од искона му пеат на Бога: „Свет, Свет, Свет е Господ, Саваот“.

Пеењето во Стариот Завет, често говори за небески суштества кои Го слават Бога и Му пеат пофални песни (Езекил 28, 13; Иса. 14, 11; Иса. 6, 3).

Писателот на книгата Јов пишува: „Каде беше ти кога ги поставував основите на земјата – кажи ако знаеш....кога ликуваа утринските ѕвезди.....? (Јов 38, 4 - 7)“. Утрински ѕвезди е асоцијација за ангелите, жители на небесниот свет, кој е создаден пред материјалниот. Ова значи дека уште од вечноста пеењето служело како израз на Славата Божја.

Музиката и пеењето биле дел од секојдневниот живот на старозаветниот народ и тие се поврзувале со сите сегменти на тогашното општествено и верско живеење. Се пеело во моменти на благодарност, во моменти на радост, кога се богослужело и принесувало жртви, кога се работело во полињата и во домовите, во моменти на погреб, празници итн...

Пренесувајќи го славењето на Бога преку пеењето, старозаветниот народ, од колено на колено го пренесува ова богоугодно прославување на Бога преку песната која произлегува од длабочината на душата, од чистата вера, исполнета со љубов кон Создателот.

Ваквото фалење, благодарење и воскликнување кон Бога се пренесува и во Новиот Завет, продолжувајќи со црковното духовно пеење. Сведоштво за првата и најстара примена на духовното пеење во секојдневниот литургиски живот на христијанството, имаме во Евангелието. Имено кога завршила Тајната Вечера, Господ Исус Христос и апостолите испеале благодарствена песна (Мат. 26, 30; Мат. 14, 26). Уште на неколку места низ Новиот Завет се потенцира дека апостолите ги посетувале синагогите и земале учество во богослуженијата (Мк. 1, 21; Лк. 4, 16) по Христовото воскресение, апостолите ја продолжуваат традицијата со духовното пеење. Во делата апостолски се спомнува: „На полноќ, пак, Павле и Сила се молеа и го славеа Бога“. Светиот апостол Павле, давајќи им насоки на христијаните, за живот, во некои од своите посланија вели: „Разговарајте меѓу себе со псалми, славословија и духовни песни, пеејќи и воспевајќи го Господа во срцата ваши (Ефес. 5, 19; Кос. 3, 16; Евреите 2, 12)“. Свети Прокло, ученикот на свети Јован Златоуст говори: „Откако нашиот Спасител се вознесе на небото, апостолите, пред да се расејат насекаде по земјата..... по цел ден поминувале на молитва, во таинствено свештенодејствие на Телото Господово и.... ја пееле Литургијата“.

А пак, сега, да проговориме за црковното пеење во Македонија, кое во ништо не отстапува од историјата на христијанското пеење. Со проповедта на светиот апостол Павле во Македонија се пренесува и сета дотогашна традиција и содржина на христијанството. Тоа постепено се ширело и усовршувало во нашата татковина.

Денес сме собрани овде, во Соборниот храм на Повардарската епархија „Св. вмч. Пантелејмон“ во Велес за да ја промовираме литургијата за мешан хор на Атанас Бадев - бардот на македонската црковно музика. Бадев е еден од првите во поновата историја на македонскиот народ професионално школуван македонски композитори. Неговата отворена љубов кон велелепното црковно пеење се надзирала уште додека бил ученик. Така, за време на летниот распуст во 1879 г. во неговиот роден град Прилеп, самиот формирал црковен хор, составен од млади ученици.

Литургијата на Атанас Бадев беше широко прифатена од верниот македонски народ и буквално секојдневно беше присутна во македонските православни храмови. Оригиналот на оваа литургија почна да бледнее и со текот на времето добиваше разни варијации. Затоа, трудот на г-ѓа Веселинка Маџарова - диригент и музички педагог на младинскиот црковен хор „Св. Кирил и Методиј“ од Велес, која вешто го дигитализираше оригиналниот нотен запис на оваа литургија, е од непроценливо значење за нас македонските православни верници, но и за македонската духовна музика воопшто. Благодарение на овој труд, од сега па натаму, сите македонски хорови ќе имаат пред себе прекрасно отпечатена книга со литургијата на Бадев.

Нема да биде претерано ако кажеме дека музиката е најубавата уметност, бидејќи за таа да се создаде не требаат зборови или некакви безлични мудрувања, туку единствено ни се потребни чувствата и емотивната разиграност на нашето срце. Преку музиката најсветло и најпластично се претставува човекот и неговата духовна состојба, но и нивото на неговата духовна воспитаност и образование. Црковната музика има за цел да ја слави верата и човековата предаденост кон Бога. Да се биде црковен пејач или композитор значи да се има благослов од Севишниот, да се има способност преку пеењето да се зборува од името на народот Божји, да се има дарба и можност да Му се каже на Бога колку ни е потребна Неговата подршка и застапништво. Црковниот пејач е затоа и важен, бидејќи тој е симбол на соборната молитва на Црквата. Токму заради тоа од древност во црквите се посветувало особено внимание на велелепноста на пеењето, но и на личноста на црковниот псалт и композитор.

 

ЗА ВЕЛИКОПОСНИОТ КОНЦЕРТ

Душо моја, душо моја, стани! Зошто спиеш?

(Кондак од покајниот канон на Свети Андреј Критски)

Кога го пееме кондакот од покајниот канон на Свети Андреј Кристки, кој се пее во време на Великиот Пост, во првата недела поделен на четири дела, а пак, четвртата недела, во четвртокот на утрената богослужба се чита целиот покаен канон, авторот на овој канон, кој  е едно од најубавите негови литературни дела, опоен од чувството на силното покајание, не повикува и нас во овие спасоносни великопосни денови, грешната состојба на нашата душа да ја омекне, ободри и возвиши. Кога го читал канонот големиот руски композитор, Артемиј Лукијанович Ведељ, се восхитувал на големата сила на покајанието. Почнувајќи да размислува за спасението на својата душа и за личното покајание, и откако се покајал, Тој почнал да компонира покајни песнопенија. Кога ги пишувал овие покајни песнопенија постел и со солзи на очите творел. Ваква творба, која произлегува од чистотата на срцето, исполнета со голема љубов и вера кон Создателот, вечерва ја слушнавме од нашиот хор, неговата композиција „Вратите на покајанието отвори ми ги, животодавче...“.

Ведељ, преку ова прекрасно поетично црковно дело создал прекрасно музичко дело – духовен великопосен концерт. Соживувајќи се со смислата и со тоновните особености на текстот, преку соодветни музички средства, Ведељ ги изразил длабоките покајни чувства, кои таа црковна песна ги повикува во душите на верниците: на покајание, смирение, срдечност, скрушеност и умиление, душевна тревога, која достигнува до трепет и ужас, кои потоа поминуваат во спокојство и светла надеж на Божјата милост и љубов. Слушајќи го ова духовно творештво, преку нашите духовни бисери, кои од длабочината на својата детска неизвалкана душа ни ги презентираа преку нивното ангелско пеење, не доведоа до духовно спокојство со надеж на Божја милост за наше спасение. Овие духовни дијаманти, оставаат длабоки траги со нивното прекрасно пеење во нашите души, осветлувајќи ни го покајничкиот пат за наше целосно избавување, очистување за соединување преку Телото и Крвта со нашиот Спасител Господ Исус Христос. Со надеж дека овој великопосен концерт, кој се одржа во нашиот соборен храм посветен на заштитникот и закрилникот на нашиот град, Светиот Пантелејмон великомаченик и целебник ќе остане традиционален и секоја година во понеделникот од Крстопоклоната недела да се собираме во него и преку покајничкото пеење на овие наши чеда македонски да се соединуваме со нашиот Спасител, Господ Исус Христос. Бог да Ве благослови, да ве умудри Бог да ве просветли и освети, подарувајќи ви крепко здравје и секогаш детска радост. 

Слово изречено на Великопосниот концерт на црковниот младински хор „Св. Кирил и Методиј“ во Соборниот храм „ Св. Вмч. Пантелејмон“ одржан 24. 03. 2014 година

 
< Претходно   Следно >