Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Слово на празникот на светиот Агатангел Битолски
Слово на празникот на светиот Агатангел Битолски
13.03.2014.

Во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух.

 

Ваше Високопреосвештенство,

Чесни  Отци,

Браќа и сестри во Христа,

Sample ImageНавлеговме во втората седмица од Великиот Пост, постојано спомнувајќи си за Христовите страдања за наше спасение. Преку великопосните Богослуженија се учиме да постиме и телесно и духовно, да постиме со храната, но, да постиме и со помислите, со желбите и со делата. Да ја зголемиме  љубовта и да ја засилиме молитвата, а најмногу од се да се погрижиме за напредување и извршување на евангелските добродетели.

Постот и молитвата се крилја на душата со кои таа лета кон небото. Постот е лек за секоја духовна и телесна болест. Со него, душата и телото се подготвуваат да станат храм на Светиот Дух.

Господ Исус Христос постел 40 дена пред да започне да ја проповеда својата наука. Постеле и апостолите и сите православни христијани низ вековите. Свети Василиј Велики вели „Постот ги раководел сите светии во животот по Бога“.

Спомнувајќи  си за Светиите, ние денес, празнуваме за Свети Агатангел Битолски - новомаченик и наш  молитвеник пред Христа Бога.

Во евангелието според Матеј, Господ Исус Христос на своите апостоли и ученици им вели „И така, секој што ќе Ме признае Мене пред луѓето, ќе го признаам и Јас  него пред Мојот Отец небесен“ (Мт. 10,32).

Се оствариле евангелските зборови од устата на Спасителот, Господ Исус Христос и во ликот на светиот новомаченик од македонски род, Агатангел Битолски, кој пострада во 1727г. бранејќи го својот православен македонски народ од иноверните и нивните зулуми и ѕверства во име на богоборниот ислам. Не можејќи  да го поднесе насилното исламизирање на македонците од  турскиот поробувач за време на бајрамските празнувања, Светиот Агатангел им посочил на властодршците и поробувачи дека прават голема неправда на богољубивиот македонски православен народ, кој  е пред се мирољубив. Неговите зборови ја постигнале целта, но светителот за тоа платил со маченичка смрт  бранејќи го  христољубивиот свој народ и водејќи го како добар пастир.

Оти „Доброт пастир си ја полага душата своја за овците...“ (Јн. 10.11) „...и овците го слушаат гласот негов, тој ги вика по име и ги изведува. И кога ќе ги изведе овците свои, оди пред нив, овците одат по него, бидејќи го познаваат гласот негов; А по туѓ човек не одат, туку ќе побегнат од него, зашто гласот на туѓиот не го познаваат“ (Јн.10,3-5).

Свети Агатангел Битолски пострада од иноверните бранејќи го својот род и народ од претопување, преименување и обезличување да не стане нешто друго, нешто друговерно, да стане нешто што не е. Таа борба низ историјата на македонците и Македонија се водела и пред времето на Светиот Агатангел Битолски, а се водела и по него, се води и до ден денешен.

Во оние времиња, тоа го правеле друговерни народи, но денес, ние сме сведоци на обиди за асимилации и преименувања од истоверни, братски народи. А, тоа е многу поболно и неоправдано по ниту една догма или правило на православната црква.

„ Блажени ќе бидете кога ќе ве намразат луѓето и ќе ве отфрлат и ќе ви нанесат срам, и ќе го разгласат името ваше како лошо, заради Синот Човечки“, се вели во евангелието според апостол Лука (6,22).

Високопреосветен Владико,

Еве и денес, потсетувајќи се на житието на Св. Агатангел Битолски, истото во нашите срца и души се погласно одзвонува како совест и за денешните прдизвици. Во времето кое го живееме, нам ни се случува нешто слично, и по којзнае кој пат во историјата на нашиот  македонски народ и нашата библиска Македонија.

Уште ли не се уверија нашите „ближни“ дека знаеме  кои сме и што сме? Не можат ли  да видат со каква милост и топлина се молиме кон светите Кирил и Методиј, кон светиот Климент и светиот Наум, кон светите Прохор Пчински, Гаврил Лесновски, Јован Рилски, Иларион Мегленски, Јоаким Осоговски, кон свети Ѓорѓи Кратовски, Спасо Радовишки, еве и денес кон светиот Агатангел Битолски. Не можат ли да го препознаат лозјето македонско, кое го насади и утврди Божјата десница. За  кого мироточат нивните свети мошти, ако не првенствено за македонскиот род и народ православен од кого се родиле и за кого се молеле.

Македонската православна црква стана совест за целото православие. Во великопосните повечерија кои ги служиме, најгласно се пее „С нами Бог разумејте, јазици, и покарјајтесја, јако  с нами Бог“.

Вие,  Владико,  заедно со првоерарсите на нашата света Македонска Православна Црква, најгласно проговоривте во проповедите за нашето свето име. Ја утврдивте секоја  благоразумна душа и срце во некомпромисен и непокплеблив став, став кој не се менува по никоја цена затоа што сме Македонци, на Македонска земја, говориме Македонски јазик и на Македонски јазик се радуваме, пееме, богословиме и тагуваме.

Издавчката дејност во нашата епархија, под Ваше духовно водство, го утврдува секој верник во верата и подвигот. Целосно го поддржавте проектот за документарно-играниот филм „Животот и чудата на Пресвета Богородица“ во режија на г-ѓа Весна Димитровска. Тромесечникот „Православна светлина“ во издание на Повардарската  епархија стана редовно четиво на нашите верници. Црковната кујна работи неуморно за нашите најсиромашни верници и сограѓани. Реновирањето и изградбата на нови цркви, манастири и конаци тече со Божја помош и во Негова слава, по целата епархија. Монашките братства и сестринства се умножуваат и стануваат неуморни молитвени светилници во повардарието. Нови ракополагања и производства секаде каде што е потребно во   богомдаруваната  Ви епархија. И ние, свештенството и верниот народ, се трудиме да Ве следиме во Вашата архипастирска мисија и заедно да се радуваме на постигнатите успеси.

Од името на свештенството и верните чеда на Повардарската епархија, Ви го честитаме именденот со желби за добро здравје, долг  живот и многу успеси на сите полиња од  Вашиот архипастирски подвиг во слава на  Троичниот Бог.

На многаја  лета Високопреосветен  Владико.

 

Протоереј

Ристе   Јанушев

 

 

 
< Претходно   Следно >