Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow За небесната ерархија - Старец Клеопа 2 дел
За небесната ерархија - Старец Клеопа 2 дел
1.11.2007.

Херувими

Херувим на еврејски јазик се толкува како “изобилство на познавање и излевање на мудрост” (свети Дионисиј Ареопагит, нав. дело. гл. 7, стр. 25).
Значи, човечката душа го има делумно тоа својство, зашто и на неа Бог ì дал ум, со кој може да собере многу знаења.
Се зборува дека Херувимите имаат најдлабоки созерцанија и толку многу мудрост има во умот на Херувимите, што сите словесни ангели, кои се пониско од нив, не можат да поминат покрај нив, а тие да не знаат; уште имаат и неискажливо длабок вид, заради што уште се нарекуваат и бдеачи, т.е. со многу очи имаат проникливост на мудроста во сите правци.
Значи, и човекот го прима тоа дејствување според мерата на дарот Божји (благодатта), со кој може да биде мудар и бдеач над страстите и да го исполни умот со божествено познание. Бидејќи може да излева мудрост од она што го собрал во паметењето со благодатта Божја и со трудот на проповедување на зборовите Божји, тој им излева разумност и мудрост на илјадници души, учејќи и советувајќи. Ете, значи и човекот може во мала мера да има мудрост и излевање на познание кон другите.
Но, Херувимите имаат и друго име: “Како деца”, т.е. голема мера на невиност. Тие имаат најголема невиност и непорочност од сите ангелски чети.
Одредена мера на невиност и незлбивост се наоѓа и во човековата душа, особено кај невините деца. Според Словото Божјо, оној што ќе има мудрост на змија и кротост на голуб, тој станува невин како дете и може да се нарече Херувим во тело, земен Херувим. И потоа, човековата душа и човекот земен воопшто, може во одредена мера да се уподоби на Херувимот со собирањето на знаење, учењето во мудроста, невиноста и непорочноста, како и стекнување детска незлобивост, за кои Господ рекол: “Додека не се обратете и не бидете како деца, нема да го наследите Царството Небесно (Мат. 18, 3; Марко 10, 15; Лука 16, 2-16).
 
Серафими

Серафим на еврејски се толкува како “вжарен” или поинаку речено “пламен” или “горечки”, и тоа бидејќи тие имаат голема љубов кон Бог и удвоени со пламенот на љубовта, повеќе од другите чети, блескаат со љубов кон семоќниот Бог (Свети Јован Златоуст, Беседа за Серафимите, Кладенец), бивајќи најблиски до Престолот на Боженството. Тие не само што горат со  немерлива љубов кон благиот Бог, туку имаат и сила да ги загреваат и да ги жарат и другите чети со љубов и служење на Бог со многу ревност. Тоа е задачата која ја има четата на Серафимите, кои се наоѓаат, како што реков, најблиску до пресветиот и пресемоќниот Бог.
Но и некои од избраните луѓе станале серафими, во одредена мера, со дарот Божји, горејќи од голема љубов да ги извршат заповедите Божји и да Му служат со пламено срце, како Лука и Клеопа, кои одеа со Спасителот кон Емаус, кога Тој по пат им го толкувал Писмото. А откако Го познале, рекле: “Зар не гореа срцата наши, кога ни зборуваше по патот и кога ни го објаснуваше Писмото” (Лука 24, 32)”. Гледате ли, браќа мои, како пламтеле со дарот на Пресветиот Дух, кој бил со нив? Не Го познале, додека Он не благоизволел да им се открие при кршењето на лебот. А свети Игнатиј Богоносец, кој го носеше во своето срце Христос, и заради Неговата пламена љубов, сакал во секое време да биде изеден од ѕверови и да пропати најголеми маки, заради Неговата љубов. и како со пламена љубов Божја се разгорел светиот првомаченик и архиѓакон Стефан, што во тоа божествено разгорување лицето му сјаело како лице на ангел! Како бил воден со пламена љубов кон Бог пропатил маки до смрт, бивајќи убиен со камења и молејќи Му се на Бог да не им го смета за грев на тие што го убиваат (Дела 7, 60). А колку бил вжарен со љубов Божја големиот апостол Павле кога рекол: “Кој ќе нè одвои од љубовта Божја: тага ли, невоља ли, или гонење, глад ли, или голотија, опасност ли или меч? Оти сигурно знам дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни силите, ни сегашнината, ни иднината, ни височината, ни длабочината, ниту, пак, некоја друга твар ќе може да нè оддели од љубовта Божја во Христа Исуса, нашиот Господ”  (Рим. 8, 35-39).
Толку жар имало во апостолот Павле, што горел од љубов кон Исус Христос нашиот Бог и не ги земал во предвид ниту ѓаволите, ниту ангелите, ниту било кое друго создание Божјо, и бил уверен дека никој нема да го раздели од љубовта на Исуса Христа. Значи, човечката душа, кога ќе стигне во таква божествена топлина и пламен, има толку пламена љубов кон преблагиот Бог, што претставува “серафим” во тело, “земјен серафим”. Затоа и каноните на светата Црква потврдуваат дека поедини Светители се нарекуваат Серафими, велејќи: “Светиот ерарх Игнатиј, беше словесен Серафим” (Канон на свети Игнатиј, 20 декември).

Љубени верни,

Ако внимателно ја слушавте денешната проповед, можевте да сфатите дека човечката душа, споредена со сите девет ангелски чети и самата во одредена мера ги прима сите дарови и својства на ангелиските чети, со Божја благодат.
Таа сличност, која постои меѓу својствата на нашата душа и својствата на деветте ангелски чети, секако е поединечна, зашто, иако човечката душа ги има потенцијално тие својства и дарови, сè додека е облечена во немоќ на телото, секогаш е променлива; додека небесните Сили посовршено ги примаат веќе спомнатите дарови од благиот Бог, отколку нашата душа додека е во тело, бидејќи Светите бестелесни Сили, со благодатта Божја, се сосема безгрешни.
Секако, тие освен спомнатите, имаат и други духовни дарови и својства кои само Бог и Создателот нивни и наш ги знае. Таа вистина јасно ја објаснува божествениот отец Максим Исповедник, кој толкувајќи го словото Божјо од Светото Евангелие, вели: “Меѓу родените од жени нема ниеден поголем пророк од Јована Крстител; но најмалиот во царството Божјо е поголем од него” (Лука 7, 28); тоа го вели, бидејќи се верувало дека Јован со созерцание стекнал секакво највозвишено и конечно знаење, но идниот живот е поголем од овој овде. Или: најголемиот богослов е помал од последниот меѓу ангелите (Добротољубие, том II, прашање 47, стр. 231).
Најмал во Царството Небесно е ангелот кој се наоѓа во најниската чета на Небесната ерархија. Со тоа е сепак поголем богослов од Јован Крстител, кој е најголем пророк роден од жена и најголем богослов меѓу земните битија, како оној што ги видел и што ги допрел и што ги чул Трите лица на Светата Троица, за време на јавувањето на Господа на Јордан. Сепак, додека бил во тело, знаел помалку тајни од ангел. Значи, ако ангелот кој е најмал во поредокот на Небесната ерархија е поголем богослов од свети Јован Крстител, колку ли ќе биде поголема разликата во даровите и својствата од другите погорни чети и земните луѓе во однос на највисоките чети од Небесната ерархија.
Големите философи на стариот век: Питагора, Платон, Демокрит, Плотин, Методиј Олимписки, Аристотел, како и други небројни философи на стариот век, велеле дека човечката душа е само “микрокосмос” (мал свет) и дека човекот е вклопен во неа од видливиот и сетилен свет, но не знаеле дека со многу својства е слична и со словесните сили од небесата. Затоа божествениот отец Григориј Богослов го прекорувал Демокрит и сличните на него, велејќи: “Оние што го ограничуваат човекот само на светот што е подложен на сетилата, се оддалечиле од вистината. Затоа што човекот е центар и јадро кое ја поврзува меѓата на горниот свет – разумниот, и долниот свет – кој е подложен на сетилата” (види и свети Јован Дамаскин, Догматика, книга II, гл. XII).
Значи сега, кога ова наше слово се ближи до крајот, треба да покажеме дека нашата душа не е само посредник и собирен центар на сите видливи и невидливи светови, туку е над мисловниот, ангелски свет, имајќи во себе нешто од Бога дадено што е над духовниот свет на светите Небесни Сили, како што за тоа учат светите и божествени отци. Тој не само што е дел од светот кој е подложен на сетилата и од духовниот свет, туку е образ и подобие Божјо, како што Бог рекол при создавањето: “Да создадеме човек според Нашиот образ и подобие” (1. Мој. 1, 26). Значи, Света Троица се советувала да создаде човек над ангелите, зашто никаде во Светото Писмо не стои напишано дека ангелите се создадени според образ и подобие Божјо, туку само “човекот”. Но, со што човекот е поголем од ангелите, за да се уподоби на својот Создател? Човекот е поголем од ангелските чети и човечката душа ја надминува со три особини, и тоа, како што за тоа учи Василиј Велики: “Човекот се уподобува на Света Троица и е Нејзина икона со овие три својства: со умот се уподобува на Отецот, зашто Отецот во Света Троица е Умот, Кој Го раѓа од пред сите векови Источникот Синот од Него исходи од пред вековите, на друг чуден начин  Светиот Дух”. Значи, човековата душа се уподобува на Отецот со умот, и како што Отецот Го раѓа Синот со раѓање пред сите векови, исто така и човековиот ум раѓа збор, а на Синот се уподобува зборот кој излегува од човековиот ум; а на Светиот Дух е подобна по својата сопствена волја која во душата е корен на сите добрини што благиот Бог ги поставил кај човекот. На тој начин човековата душа е најголемо дело на советот Божји и жива икона на Пресветата и животворна Троица и со овие три својства е над ангелите и сите разумни, словесни и самовласни чети, имајќи образ и подобие на Пресветата Троица.

Љубени верни,

Во заклучокот еве што велам: Ете зошто нашиот Спасител покажал дека нашата душа има поголема вредност од целиот свет, кога рекол: Каков откуп ќе даде човекот за душата или каква полза е за човека, ако го придобие целиот свет, а на душата своја ì напакости? (Марко 8, 36-37). Како што слушнавте голема е нашата душа и со ништо не можеме да ја откупиме, освен со вистинско покајание, исповед, молитва и правење секакви добри дела за слава Божја. Значи, да настојуваме добро да внимаваме како живееме и како се грижиме за спасение на своите души. Бидејќи ништо нема да ни е на корист, па ни целиот свет, во денот кога ќе даваме одговор.

Амин.
 
< Претходно   Следно >