Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Насловна arrow Ново издание од Повардарската епархија

 Sample Image
 

Возљубени,

Би сакале да Ве известиме дека од денес, 01. 06. 2022 година, документарно-биографскиот филм за Митрополитот Агатангел, „Печат на едно време“ можете да го гледате и на нашиот youtube канал.

  Линк до филмот: https://www.youtube.com/watch?v=TXOnztkGvT4


 
Ново издание од Повардарската епархија
5.12.2013.

Sample ImageСо благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, се подготви и се испечати книгата „Со пост и молитва“. Ова ново издание од издавачката дејност при Повардарската епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“ е зборник од душеполезни текстови за постот и молитвата кои имаат за цел да и помогнат на секоја христијанска душа правилно да пристапи кон постот, притоа не запазувајќи ја само телесната димензија на постот, туку и духовната димензија каде што треба вистински да се посветиме на молитвата. Текстовите од грчки и руски јазик ги преведе свештеник Јани Мулев. Книгата може да се најде во сите храмови на Повардарската епархија или да се порача директно од издаваштвото на Повардарската епархија на тел. 043 221 231.

Во прилог можете да го прочитате и предговорот на оваа книга.

Не постои строго определен концепт за христијанскиот духовен живот, но постојат некои главни карактеристики без кои не се може. Духовниот живот на христијаните е многу богат и длабок, и не може со зборови сиот да се опише и исцрпи, да се објасни целосно во една книга. Сета негова длабочина, богатство и убавина им е позната само на оние кои го зеле на себе благиот јарем Христов, кои се потрудиле во својот живот да го преточат она што го читаат во Светото Писмо. Главни карактеристики се постот, молитвата и покајничката исповед – а сето тоа како подготовка за Светата Причест. Но овие добродетели не се независни и доволни. Каков е тој пост, ако ние не сме подготвени да дадеме милостина? Каква е таа молитва, ако ние не сакаме да одвоиме време за ближните? Каква е таа покајничка исповед, ако ние не им простуваме на оние кои ни згрешиле? Каков е тој духовен живот, кој не нѐ води кон љубов и смирение?

Крајната цел на сите подвизи е прифаќање на Божјата волја и стекнувањето на љубов и смирение, во заедница со Бога.

Постот стана многу актуелен во последниве две децении. Штом некој ќе поверува во Бога, или ќе се разбуди од гревовниот и безбожен сон, веднаш почнува да пости. Тоа е првиот чекор. Но, не секогаш овој пост е благословен. Луѓето, поради нивната некомуникација со своите свештеници, немаат со кого да се консултираат за овие прашања, па почнуваат нешто да импровизираат по свое. Па така, постот го сведуваат на здрава исхрана, некакво себеизмачување со храна, најблаго речено, религиозна диета. Но, постот не е тоа, постот е пред сѐ послушност кон Бога, воздржување од сѐ што е зло, да не правиме ни да помислуваме зло некому, а дури на крајот е нејадење на одредени продукти со одредена воспитна смисла.

Постот со храна е најнебитното нешто, но за таквиот пост сите се фаќаме најстрого, додека, пак, оној, духовниот пост, често и го занемаруваме. За ова биле свесни сите светители, дека постот не е во храната, но сепак, ниту еден од нив не го отфрлил тој дел од постот, туку сите тие постеле целосно, и со духовен, и со телесен пост, со сето свое битие.

Се откажуваме од омилената храна, со цел да се научиме да се откажуваме и од оние нешта кои ни годат, а кои не се полезни. Постот станува диета кога редовно се мериме на вага, да видиме колку килограми сме изгубиле во текот на постот, но и кога постот е сам, кога не е придружен од второто крило на духовниот живот – а тоа е молитвата.

Молитвата која не е проследена од пост и воздржување, како птица со едно крило, не може да се издигне кон престолот Божји, не затоа што Бог не сака да ја слушне, туку затоа што ние не ѝ даваме сила за летање кон небесата. Молитвата е природна потреба на душата да зборува со својот Создател – Бог. Како што заљубените постојано сакаат да бидат заедно, да зборуваат еден со друг, така и оние кои Го љубат Бога имаат желба постојано да зборуваат со Него. Често пати луѓето се срамат да се помолат на Бога, го сметаат тоа за понижување и немоќ, а не се срамат да се наведнуваат и да се молат по разни шалтери, канцеларии и институции.

Во животот секој човек доаѓа во ситуација кога му доаѓа однатре потреба да се моли, но оние кои не се навикнале навреме да се молат, кои не се научиле уште во младоста да се молат, не знаат како да почнат, па затоа често прибегнуваат кон бесмислени ритуали, или пак одат кај демонизираните бајачи и гатачи, очекувајќи од нив инстант решение за проблемите.

Добро е и на Бога угодно кога секој човек има свој духовник – свештеник кому му верува, пред кого ја отвора својата душа, и со кого се консултира за сите значајни прашања од животот. Секој треба да си има свој духовник и со негова помош да се научи да пости и да се моли, а со тоа од Бога ќе добиеме благодатна помош, но и самите на себе ќе си ги олесниме сите тешкотии кои ќе ни дојдат во животот.

Во овој зборник од текстови за постот и молитвата се објаснети многу теми и прашања кои ги засегаат сите оние кои постат и се молат, и кои сакаат да научат како правилно да постат и да се молат, па затоа верувам дека секој од нас во неа ќе најде одговор на своите дилеми, и со Божја помош и совет од духовникот, ќе започне со овој благословен подвижнички живот. Сметајќи ја оваа книга за темел на православниот духовен живот, ви ја препорачувам од длабочината на моето срце.

Бог да ве благослови сите вас, кои се трудите и растете во овие свештени и богоугодни подвизи. Амин!

Митрополит Повардарски

+Агатангел

 
< Претходно   Следно >