Слово на Митрополит Јосиф на Митровден, Кавадарци |
11.11.2013. | |
ЈОСИФ, Митрополит тетовско-гостиварски
Возљубени во Господа,
Заблагодарувајќи му се Неговото високопреосвештенство, митрополитот г. Агатангел, за поканата, еве, заедно да се помолиме и да го прославиме денешниов голем празник, го изразувам своето задоволство што можам да служам и проповедам пред народ добродушен и смирен, пред народ гостољубив и гостопримлив и исполнет со почит кон другиот, пред народ верен и предан и на Црквата и на Татковината. Секој ден, во календарот на Православната црква, празнуваме нечиј спомен. Празнуваме некој настан од животот на Господ Исус Христос на земјата или од животот на Пресвета Богородица, на светите ангели или, пак, на некој од многубројните подвижници, маченици и богоугодници. Нашата христијанска вера е вера на живи! Пред Бога нема умрени, туку сите се живи! Нашиот Бог е токму тоа, е токму таков - е Бог на живите! Но, што славиме ние кога празнуваме некого од светиите? - Токму тоа, ги одбележуваме од Бога овеначаното дело и нивниот подвиг. И, обично, кога во Православната црква празнуваме, го празнуваме денот на упокојувањето, денот на страдањето, денот кога Бог го прославил својот угодник. Инаку, Светата црква го одбележува само раѓањето на Господ Исус Христос, на Пресвета Богородица и на свети Јован Крстител. А пораката од чествувањето на празниците е дека пред Бога нема мртви, туку на денот на упокојувањето, всушност, преминуваме во вечно живеење со Бога. Светиите се најголема потврда за тоа. Ако не беше така, кој ќе ги паметеше апостолите, мачениците, подвижниците и многубројните светии? Целата човекова историја е историја на живи, од Адама па сè до денес! Кој ќе ги знаеше старозаветните пророрци и праведници, кој ќе ги запаметеше и новозаветните богоугодници, ако истите не продолжеа да живеат во небесната Црква и во споменот на нивните следбеници на земјата? Свети Димитриј е жив сведок за тоа веќе многу столетија! Со својата маченичка смрт во 306 год., (за време на императорот Максимијан, големиот гонител на сведоците за Христа), всушност, сведочел за вистината, по примерот на безброј маченици, со најсилниот документ - со својот живот! Големината на мачениците, големината на сите сведоци за Христа е тоа што нивното сведоштво се потврдува постојано, трае вечно. Чиј спомен може да се мери со споменот на мачениците, со споменот на оние чии имиња се запишани на небесата?! Тоа говори дека сведочењето на сведоците, на мачениците за Христа, постојано живее во Црквата Христова, живее во животот на верните чеда, живее со сведоштвото на почитувачите на подвигот и страданијата на мачениците. Возљубени чеда во Господа, И ние, коишто го носиме името Христијанин,кои што живееме со верата на мачениците - треба да сме сведоци за Христа. Но како можеме ние денес да сведочиме и како можеме, воопшто, да бидеме сведоци за Христа?! - Можеме! Можеме и треба да бидеме сведоци за Христа! Но ова наше време не бара да страдаме, не бара да бидеме маченици, не бара со животите да сведочиме! Ова наше време бара најмалку што може да се побара, бара многу малку сведочење од нас - бара да живееме со сведоштвото на мачениците, бара да живееме според верата, по начелата на верата и моралот, бара да живееме по заповедите, бара да одиме по Христа! Сите ние сме повикани да го оправдаме нашето припаѓање на Христа, зашто како вели св. ап. Павле, ние сме „писмо Христово” напишано не со мастило, туку со духот на живиот Бог, не на камени плочки, туку врз телесните плочки на срцето (2Кор. 3,3). Ние, како христијани, повикани сме да бидеме сведоци на Христа, и денес, еве, на почетокот на 21 -то столетие. Имаме голема можност, и ние денес, да сведочиме дека сме вистински христијани. Можеби како ретко кога на Црквата, на сите нас, ни се дава можност да ги потврдиме сведоштвата за Христа, но на многу полесен и далеку поприфатлив начин од оние со кои сведочеле светите маченици. Како ретко кога, како денес, е широко полето за мисија на Црквата, за работа на секого од нас, и за свештенослужителите и за верниците, и за сите. Одамна Христос можеби не бил толку далеку како денес од многумина меѓу нас, далеку од нашите домови, од нашите училишта; оддамна не сме имале и толкумина што имаат потреба од помош, и за храна и за облека; одамна како денес, не сме имале потреба од добар збор, и во нашите семејства и меѓу соседите, на работните места и на улица - насекаде; одамна не сме биле меѓу себе толку едни против други, а ова е, веројатно времето кога треба да сме нај единствени и во црквата, и во политиката, и во сите пори од нашето живеење како народ, и овде и насекаде каде што нè има. Да се молиме Господ, да ни помогни да бидеме сведоци во доброто, учесници во мирот и разбирањето меѓу нас, да ни помогни да ги најдеме вистинските патишта што ќе нè доведат до спознавање на Божјата вистина, која што ќе нè ослободи од товарот на времето, за да бидеме достојни учесници во радоста на мачениците и на сите што се радуваат на Неговото неуништливо сведоштво. Св. Димитриј, славниот војник, маченик и сведок Христов, нека се моли и застапува за нашиот народ и земја, за Тиквешијата, за да постанеме и останеме вистински сведоци на верата и следбеници на многубројните светии во црквата Христова. Амин. |
< Претходно | Следно > |
---|