Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате:
Прв број од едицијата Библиски стрипови
29.10.2007.
 
Излезе од печат првиот број од илустрираната едиција „Библиски приказни“ со наслов „Човекот кој му веруваше на Бога“, во кој е обработена приказната за Патријархот Авраам. Вакво илустрирано библиско издание се печати за првпат во историјата на издаваштво на Македонската Православна Црква, а досега не се испечатени слични изданија ниту во останатите православни цркви на Балканот. Едицијата Библиски приказни ќе содржи 14 изданија, кои ќе се печатат во тираж од 10.000 броја, а ќе излегуваат од печат во определен временски интервал. 
 
 
 
 
ПРЕДГОВОР НА СТРИПОТ ЗА АВРААМ И ИСААК
 


 
            Почитувани читатели!

 

Смислата на постоењето на Светата Православна Црква е да го шири и проповеда Христовото учење и да сведочи за живото присуство на добриот Бог. „Одете и научете ги сите народи крштевајќи ги во името на Отецот и Синот и Светиот Дух” е пораката Христова кон апостолите пред неговото Вознесение при Отецот. Апостолите  имајќи ги секогаш на ум овие зборови се рашириле низ целата вселена проповедајќи го новото и прославено учење насекаде каде што ќе стигнеле. И денес Црквата не престанала со својата проповедничка мисија. За разлика од апостолите, на денешниов христијански мисионер преку разните медиуми и електронски начини на комуникација, но и преку уметничкото изразување, му се нудат безброј можности и лесни начини за да му се приближи на конкретниот човек и да му ја претстави целата Христова спасоносна наука и убавината на христијанскиот живот. Но и покрај оваа благословена можност мораме со жал да констатираме дека отворениот медиумски простор најчесто се користи за пренос на информации кои не го образуваат и воспитуваат човекот, туку многу повеќе го заробуваат и затупуваат. Ова е парадоксот на новото време. Така, телевизијата најчесто му приложува безброј информации и дезинформации, кои во голема мера го збунуваат современиот човек, весниците се исполнети со секакви сензационални и трачерски написи, а уметноста, пак, само е израз на целата стравотија што престојува во човековата душа. Човекот освојувајќи ја вселената, математички пресметувајќи и анализирајќи прецизно сè што во неа се случува, сепак, за жал, престана да се освојува себеси и својата душа. Механизирајќи ја својата општествена околина и самиот човек се претвори во робот, кој постојано трупа материјални богатства, не пазејќи на своето духовно издигнување.

 

 

Во историјата на човештвото честопати Бог се пројавувал Себеси. Дел од тие пројави, значајни за нашето духовно раководење и издигнување, биле запишани и забележани од страна на благочестиви луѓе - просветлени и вдахновени од Светиот Дух. Една од тие приказни, запишана во Стариот завет од Светото Писмо е и приказната за Авраам и неговиот син Исаак. Оваа приказна е извонредно сведоштво за човековата вера, за послушанието и предаденоста на Божјата волја. Авраамовата љубов кон Бога е посилна од сите биолошки закони и навики. Бог, според Својата света промисла, преку ова сведоштво ни оставил неизбришлив воспитен траг за сите идни човечки генерации. Читајќи ја оваа библиска приказна не можеме да останеме рамнодушни кон фактот на целосната доверба и предаденост на Авраам кон Божјите барања. Бог, се разбира дека не го сакал животот на Исаак, туку повеќе ја сакал верата Авраамова, зашто врз нејзините темели ќе го постави домостројот на спасението. А спасението на човекот не е ништо друго, туку љубовна заедница со Бога, постојано растење, обновување, очистување и просветлување на личноста, кое го добиваме живеејќи и верувајќи православно. Да живееме православно значи, да го практикуваме постот, молитвата, исповедта и како врв на сè, да се причестуваме со Телото и Крвта Христови; а да веруваме православно значи, целосно, без недостаток, да ја усвоиме верата на Светата Православна Црква, верата која еднаш за секогаш им беше предадена на светиите (Јуда 1, 3), верата која Господ Исус Христос им ја предаде на апостолите, тие пак на своите ученици, тие пак на своите ученици и наследници - епископите, свештениците и ѓаконите - овие пак на своите наследници и така непрекинато сè до денес. Заради оваа иста вера илјадници маченици не се поштедија себеси и со својата крв ја потврдија вистинитоста и големината на оваа вера. Светите Отци и Учители на Црквата ја образложија и протолкуваа оваа вера, и со своите свети животи ја посведочија, и затоа денес Светата Црква ги слави и почитува како светители, како наши молитвеници и застапници пред престолот Божји. Токму оваа вера, по Божја промисла, беше проповедана и утврдена во Македонија од светите апостоли и од нивните ученици и наследници, и неизменливо се чува, практикува и проповеда во Македонската Православна Црква. Оваа вера ја проповедаа и живееја светите Методиј и Кирил, семакедонските просветители, кои не штедејќи се себеси одеа и насекаде ја ширеа оваа спасоносна наука, и благодарение на нив, на нивната вера и проповед, ние сме денес она што сме. Оваа вера ја проповедаа и светите отци и просветители Климент и Наум, отците Кирил Пејчиновиќ, Јоаким Крчовски, Партениј Зографски, Тедосиј Синаитски и др. Затоа, да ја запазуваме и шириме Православната вера, да живееме како што живееја нашите просветители, а за да успееме во овој свет подвиг треба да се потрудиме да одиме редовно во црква, на Божествена Литургија. Срамота е да кажуваме дека сме Православни, да се фалиме со делата на нашите претходници, да се фалиме со нашите прекрасни цркви и манастири, кои биле дела на побожноста на нашите претци, а ние да немаме никаква врска со нив. Затоа да ја учиме и практикуваме нашата Света Православна вера, редовно да ги посетуваме и да учествуваме во богослужбите, па на овој начин ќе ратеме духовно и ќе ја изградиме заедницата со Бога, од која произлегува светоста, љубовта, просветленоста и спасението.

 

 

Поради овие причини, ова издание, за непоколебливата и беспоштедна вера на патријархот Авраам, е посветено на јубилејот на нашата Македонска Православна Црква, четириесет години од прогласувањето на нејзината автокефалност. 

Со излегувањето на овој стрип сите генерации од 7 до 77 години добиваат одлична можност уште еднаш да се потсетат на ова преубаво и извонредено библиско сведоштво. Печатењето на овој стрип, воедно е и историски настан за Македонската православна црква, зашто ваквиот начин на претставување на Библијата се случува за првпат од нашето постоење како Црква и како македонски народ. Со надеж дека преку овој стрип ќе допрете до Божјата мудрост и убавина, Господ да ве благослови и вас и вашите семејства.

 

 

 

Митрополит Повардарски

†Агатангел (Станковски)

  

 
< Претходно   Следно >