Групна крштевка на Бабуна - 2013 година |
20.07.2013. |
Повардарската епархија на 20. 07. 2013 година (сабота), на денот кога Светата православна црква го слави споменот на светaта великомаченичка Недела, по шести пат организираше бесплатно групно крштевање во водите на реката Бабуна во Велес. И оваа година имаше голем број луѓе кои доброволно пристапија на православната вера, примајќи ја Светата Тајна – Крштение. Така, оваа година бројот на оние кои пристапија кон Светата православна црква изнесуваше 27. Чинот на осветување на водите на реката Бабуна и Светата тајна - Крштение го извршија протоереј Борис Симоновски, протоереј Ристе Јанушев и свештеникот Драги Гаштарски. Чинот започна во 10 часот, а најпрво беше извршен чинот огласување, во кој свештенослужителите ги повикаа сите оние кои дојдоа за да се крстат да се откажат од сатаната и од сите негови дела и да се соединат со Христа. Потоа сите заедно го прочитаа Символот на верата за да покажат дека веруваат православно.Откако беа осветени водите на реката Бабуна, огласените беа помачкани со елејот на радоста и еден по еден влегуваа во реката Бабуна и во името на Отецот и Синот и Светиот Дух трикратно беа потопени, го примија Светото Крштение и станаа членови на Светата Православна Црква. Потоа следеше миропомазание на крстените, а следниот ден сите крстени присуствуваа на Светата Литургија за да ја примат Светата тајна - Причест.
|