Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Проповед - свештеник Борислав Бобевски
Проповед - свештеник Борислав Бобевски
15.07.2013.

Ваше Високопреосвештенство, чесни отци, драги браќа и сестри!

Имам голема чест и особено задоволство денес, на овој голем ден, стоејќи пред вас да беседам за еден голем настан, за едно големо сведоштво, за еден призив Божји на оние кои добија заповед од Бога да ја устројат, т.е. да ја постават на здрави темели целата вселена.

Соборот на овие дванаесетмина кои денес ги славиме е сведоштво за нашата жива вера, зашто токму преку нив и нивниот повик од Христа, предадена, или ќе речам подарена, преку преемството ние ја примивме власта да го продолжиме тоа свето управување, да бидеме дел од повиканите, со надеж дека ќе станеме и дел од избраните.

Нашата втемелена надеж во овие прости рибари кои добија толку голем дар од Бога и станаа ловци на луѓе, нам секогаш ќе ни дава право со нивниот повик, во себе да гледаме како во огледало причина повеќе да се надевеме на Божјата милост и ние да можеме да се пофалиме дека сме нивните последователи. Всушност и денешниот ден, денот на нивното соборно чествување е вистинскиот момент, во себе да направиме една кратка анализа на нашата проповед, на верата наша, на тоа, дел ли сме ние од тој новоповикан Израил , од тоа царско свештенство, или пак само стихијно и површно, како што многумина љубат да го направат тоа денес, без никаков траг ќе си спомнеме дека денес е празникот на апостолите и ќе поминеме низ храмот како ветар, без да оставиме траг во нашата потсвест за тоа што овие дванаесетмина мажи направија за целиот православен свет.

Секој од нив има посебен ден во годината, во кој го чествуваме поодделно, но денес, соборно, во чест на нивното повикување на проповед си спомнуваме за сите нив заедно.

Нашиот Премилостив и Човекољубив Бог имајќи неизмерна милост кон родот човечки, ја приклони небесата и слезе на земјата, па со Својот Божји домострој и доброволното страдање кое го претрпе за нашиот род ги повика светите апостоли велејќи им:”Одете по целиот свет и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот и Синот и Светиот Дух”. Оваа проповед и наука од Светите Апостоли и мене ме подига и поттикнува на такво сведоштво, сакајќи преку мене, преку нас, да ги исполни недостатоците на нашите претходници, да не запечатени со Духот Свет, па тие сведоштва да станат спасение за сите нас.

Зашто како што проповедаа тие: “ Други темели не може никој да постави освен оние кои што се поставени, преку Духот Свети, преку Апостолите и богоносните Отци, а тоа е верата вистинска, која е проповедана и потврдена на Седумте вселенски собори”. И затоа на овие свети и неизменливи темели треба да ѕидаме преку верата дела кои се подрагоцени од сето злато и сребро и драги камења на овој свет. Зашто исправноста во нашите животи никогаш нема да не оправда ако не е поткрепена со просветена верба во Бога, ниту пак правилното исповедање без добри дела ќе не оправда, туку треба да се имаат двете нешта, за да станеме храм на Светиот Дух, зашто и светиот Апостол Павле ќе каже: “Нас ќе не спаси верата, која преку љубовта ќе роди дела”.  

Нашата побожност секогаш се стремела кон возвишеното. Отсекогаш било така. Така учеа и тие пред нас, преку слугите Божји: преку пророците, апостолите, мачениците, светителите. Сите тие имаа една и единствена цел: “да го проповедаат Евангелието на секоја твар; зашто оној кој  поверува и се крсти ќе биде спасен, а оној којшто нема да поверува ќе биде осуден”.

Така се проповедаше словото и на ова парче света земја од памтивек, па така се проповеда и денес, свето и неизменето, ќе речам апостолски. Зашто споменот на оној кој прв стапна на оваа наша прадедовска земја и ја освети, денес со посебен белег го чествуваме како еден од дванесетте. Говорам за светиот Апостол Павле, за таа најмаркантна фигура за нас Македонците, за неговите проповеди, за неговите записи, за неговите дела, со кои не врежа нас Македонците во Најсветета книга и не направи народ со корен, корен кој директно се храни и напојува од Бога, со вода жива, вода од која не се ожеднува. Народ хранет од млекото на животот, иако низ историјата беше и гладен и жеден, и измачуван и биен, и парчен и распарчуван, и гонет и понижуван, и исмеван и исмејуван, и расплакан и распеан, и горд и достоинствен, но еден и единствен, мал но никогаш неистребен, благословен од Бога да сведочи за таква вера, вера жива, вера со дела, вера со срце во кое може да се соберат сите оние “братски народи” кои глумат љубов кон нас, вера од која се учи Богољубие и самопрекор, од кој секогаш како феникс од пепелта ќе изникне нов, и нов  лик, кој како Павлета ќе не поттикне на таа нишка која е од непроценливо значење за верата на нас Македонците.

Посебно сум горд што говорам денес, зашто за еден таков лик, за еден таков нов Павле можам да проговорам, да посведочам, да потврдам. За една таква икона Христова, за еден таков свет маж, кој никогаш не се срамел, ниту пак плашел, да каже што мисли, што чуствува и за овој род и за оваа светиња, за сето ова што не опкружува денес, а е поврзано со Македонска Православна Црква и нејзините верни чеда, да посведочам за љубовта во срцето, кое е такво, широко, македонско, и има љубов за сите нас, зашто Икона Христова не се станува на сила или со тек на време, иконата Христова се раѓа, повикана е како таква уште од мајчината утроба.

Нема да бидам скромен, како што е тој секогаш во својот живот, и ќе кажам, колку за да потсетам, за сите дела на нашата жива црква долж Повардарието, и овде во Велес и таму докаде што не има долж Вардарот, зашто како што вели секогаш тој: Ако јас не говорам, камењата ќе проговорат. Ќе грмнам, за да се чуе, како се  практикува таа љубов со дела. Ќе почнам од новите велеепни цркви (и оние изградените па и оние што набргу ќе никнат), па преку манастирите (кои заживеаја благодарение на Неговиот труд), ќе продолжам со кујните за гладните и жедни за парче леб и топол оброк наши браќа и сестри - православни, ќе посведочам и лично за сета татковска љубов кон нас свештениците во сите наши тешки моменти и недоумици, ќе изустам и за стотиците и стотици бесплатно новокрстени и венчани чеда Господови,  ќе кажам и за човечката и блага насмевка кон сите кои секојдневно се примени за разговор во неговиот кабинет и на улица за помош или утеха од него, ќе викнам и надалеку ќе се чуе за уште многу такви доброчинства кои го заокружуваат мозаикот наречен Митрополит Агатангел, како поткрена за сето ова, горекажано, зашто денес кога славиме јубилеј 15 години од хиротонија на нашиот Духовен татко, нашите молитви се тие кои пред Бога ќе одекнат и посведочат како едно големо “благодарам” за сета грижа, љубов и трпение, која ја пројавува кон сите нас. Всушност така вели и Евангелието: “Не може да се прикрие светилото, ниту пак да се стави под поклопец, туку на свешник и на врв планина, за да им засветли на сите, па да ги видат добрите дела и да го прослават Нашиот Отец Небесен”. 

Некој и денес сака да го затскрие тоа, можеби и да не го објави, или исповеда, или да го подели со луѓето, можеби и да го сокрие, но наградата Ваша, Ваше Високопреосвештенство ќе биде горе, на небесата, а за нас ќе биде најголем дар од Бога ако благоизволи да можеме, повторно вака соборно да го славиме и да му благодариме и на педесетгодишниот јубилеј од вашата хиротонија, да Му благодариме за тоа што Ве имаме како наш постојан молитвеник пред Бога, рамо до рамо со сите светии од овој род, православен, Македонски, па тогаш сите, малку постари се разбира, да можеме да се пофалиме со вашата старост и со делата кои Бог ќе ги преумножи преку Вашата Света Десница, овде во центарот на Македонија, во градот со многу историја и незаборав, од која сте веке неизбришлив дел.

Владико Свет, од мое име, од името на целото богољубиво свештенство и од Бога подарениот Ви ваш верен народ, Ви посакувам крепко здравје, бодар ум и уште многу, многу години Архипастирска служба во нашава Повардарска епархија.

На многаја лета Владико Свет!

 

свештеник Борислав Бобевски

 

проповед произнесена во храмот

Успение на Пресвета Богородица“ Велес

на ден 13.07. 2013 Лето Господово

 
< Претходно   Следно >