Обраќање на епископот Велички г. Јосиф |
18.06.2013. | |
ЕПИСКОП ВЕЛИЧКИ ЈОСИФ
ВАШЕ БЛАЖЕНСТВО, ВАШИ ВИСОКОПРЕОСВЕШТЕНСТВА, ВАШЕ ВИСОКОПРЕОСВЕШТЕНСТВО - ПОЧИТУВАН РЕКТОРЕ НА БОГОСЛОВИЈАТА, ВАШЕ ПРЕОСВЕШТЕНСТВО, ПОЧИТУВАН ПОТПРЕТСЕДАТЕЛ НА АРХИЕПИСКОПСКИОТ ЦРКОВНО-НАРОДЕН СОБОР, ПОЧИТУВАН ДЕКАНЕ НА ПРАВОСЛАВНИОТ БОГОСЛОВСКИ ФУАКУЛТЕТ, ДРАГИ ГОСТИ, МНОГУ ПОЧИТУВАНИ ПРОФЕСОРИ И УЧЕНИЦИ
Ја имам честа како пратеник на Светиот архиерејски синод на МПЦ за матурскиот испит на 45-та генерација завршени млади богослови, во ова лето Господово, кога славиме 1700 години од донесувањето на Миланскиор едикт и 1150 години од моравската мисија на нашите небесни покровители, светите Кирил и Методиј, богодахновените дарители на нашата писменост, култура, јазик и образование, да го отворам ова важно чествување. Нашата Македонската православна црква е единствен и неоспорен возобновувач на духовниот и световниот живот на нашиот македонски народ. Нашата, пак, света Богословија е искрен и ревносен континуитет на првиот словенски Светилиментов универзитет и како најплодородна нива, во своето неколку децениско постоење, раѓа неуморни сејачи на евангелската радост на нивата Господова. Раководени од неуморната пастирка палка на Ректорот, Неговото високопреосвештенство, митрополитот Повардарски г. Агатангел, од сестраниот педагошки, но пред сè христијански и братски ангажман на почитуваните професори и воспитувачи и под будното молитвено око на нашиот свет Архиепископ и членовите на Светиот архиерејски синод на МПЦ, овие ученици, верувам, прераснаа во силни личности, доволно мудри во својот натамошен духовно-образовен развој да се соочат со предизвиците што ги наметнува новото време, а исто така и доволно зрели да одговорат и на духовните потреби на возобновената древна и славна Охридска архиепископија во лицето на Македонската православна црква. Секогаш велиме дека може да дадеме повеќе од себе. Но сега сме среќни и радосни поради постигнатиот успех на оваа генерација во нивното петгодишно богословско образование. Зрелосниот испит што се одржа изминатите период во оваа духовна установа и кој заврши со општ успех 3,67, или многу добар, е само потврда на реченото. Од вкупно 13 ученици што полагаа матура, 12 редовни и 1 вонреден, 5 завршија одлични, 3 многу добри и 5 ученици се здобија со титулата завршен богослов со постигнат добар успех. Сметам дека покажаното говори и за нивната силна посветеност, но и за посветеноста на нивните учители. Затоа, драги ученици, помнете ги и постојано спомнувајте си за зборовите на св. ап. Павле: Помнете ги и вашите наставници, што ви го проповедаа Словото Божјо, и имајќи го пред очи крајот на нивниот живот, подражавајте ја верата нивна (Евр. 13, 7). Можеби ќе станеме пообразовани и ќе бидеме на повисока положба од нашите професори, но не смееме да зборавиме кој прв нè воведе во науката на Православната црква, кој ни ги отвори хоризонтите – без почетокот, и сегашноста и иднината би ни биле поинакви. На крајот честитајќи им го завршувањето на средното образование, изразуваме надеж дека нема да застанат тука, но дека ќе го продолжат своето образование и по молитвите на нашата света Црква ќе го завршат успешно и тој пат. Исто така им порачуваме, иразувајќи верба, дека нема да заборават кои се и што се, но дека поткрепувани од застапништото на Пресвета Богородица, светиот Климент Охридски и сите светии ќе се покажат како достојни синови на светата Македонска црква и доследни продолжувачи на Светиклиментвото дело, а сè во слава на Троединиот Бог.
Ви благодарам за вниманието! |
< Претходно | Следно > |
---|