Говор по повод матурата на 45-та генерација богослови |
17.06.2013. | |
Ваше Блаженство, Ваши Високопреосвештенства, Ваше Преосвештенство и почитуван пратенику на САС, Ваши Преосвештенства, Ваши Преподобија и отци, професори, колеги и почитувани гости, матуранти, По 45-ти, а оваа година и јубилеен пат, од историјата на нашата Македонска православна богословија „Св. Климент Охридски“, а воедно и на Македонска православна црква – Охридска архиепископија, дојде и овој ден кога свечено ќе го одбележиме завршувањето на петогодишно богословско образование оваа генерација, онаа прва етапа, од која што понатаму ќе продолжите „вие сами, како живи камења, да изградувате од себе духовен дом, свештенство свето, за да принесете духовни жртви, кои Му се на Бога пријатни преку Исуса Христа“ (1 Петр. 2, 5). Драги ученици, за нас беше голема радоста кога за прв пат пристигнавте во Богословијата, но уште поголема е кога на ден како овој ќе го дочекаме плодот од нашето петогодишно сотрудништво. Тешко е, а и невозможно со малку зборови да го искажеме сето она низ кое што поминавме во изминативе пет години од вашето растење во Христа во овој духовен светиклиментов дом, но верувам, дека помина период во кој, преку нашите заеднички усилби, успеавме доволно да ве наоружаме со сите оние средства, и со она знаење кое Бог Отец, преку Неговиот Син Христос во Светиот Дух ни го откри, секому од нас според талантите кои Бог ни ги даде и кои што верувам дека во иднина како верни Христови слуги ќе ги умножите и преумножите, но пред сé знам дека нашите заеднички сеќавања од овој наш духовен дом, секогаш ќе подбудуваат насмевка на вашето лице. Токму во тој момент ќе разбереме, дека сме имале и ќе имаме „љубов помеѓу себе“ (Јн. 13, 35), а по тоа пак останатите дека сме Христови ученици и вистински наследници на св. Климент Охридски, затоа што токму љубовта е таа која ќе направи од нас еден прекрасен духовен мозаик, во кој ќе се отслика образот на нашиот Бог Света Троица. Не напразно св. ап. Павле вели: „Да зборувам на сите човечки јазици, па дури и на ангелски, штом љубов немам . . . ништо не сум“ (1. Кор. 13, 1-2). Но пред сé, поучени од неговите зборови, да не забораваме дека, „ниту оној, кој сади, е нешто, ниту, пак, оној, што полива, а сé е Бог, Кој прави да израсте“ (1Кор 3,6-7), па затоа во иднина, сеќавајте се на овие зборови дека секој ваш успех треба да го препишете најпрвин на Бога, а потoа на себе. „Бидете мудри како змии и незлобни како гулаби“ (Мт. 10, 16), и знајте дека „Ако е Бог со нас, кој ќе е против нас“ (Рим. 8, 31). На крајот, како класен раководител од името на сите ученици сакам да ја искористам оваа прилика, овој пат лично, да ја изразам нашата благодарност кон Вас, членовите на САС и архипастири на МПЦ-ОА, за тоа што преку Вашата соработка со РПЦ, го овозможивте нашето прекрасно матурско патување во гр. Москва – Русија, благодарение на кое што патување можеме да кажеме, дека сé она, кое што беше предмет на нашето богословско образование и живот во Црквата да стане реалност. Во тие седум дена, успеавме да се поклониме и да ги целиваме моштите на сите оние светители, кои што се столбови на нашата Црква, правило на верата, образ на кротоста и учители на воздржанието, и на кои што до тој момент можевме да им се восхитувавме само преку читањето на нивните житија, а сега можеме да благовестиме и за Божјата благодат со која што се исполнивме, преку нивните прославени од Бога свети мошти. Почитувани ученици, нека ви е честит уште еднаш овој успех, и Христос секогаш нека биде помеѓу нас. Амин! Со почит: проф. м-р Дарко Милев |
< Претходно | Следно > |
---|