Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow За Догмата
За Догмата
24.10.2007.

          Sample Image      ѓакон  Влатко Стоименов        

Во современиот свет, помеѓу интелектуалците, но и помеѓу оние без никакво образование, зборот „догма“, има сосема поинаква и поразлична смисла од нејзиното вистинско значење. Догма е нешто негативно, опскурно, застарено, нешто што заробува, нешто немодерно, декадентно. Во оваа смисла, тој збор и се употребува, па дури во некои речници тој вака семантички и се толкува. Честопати, нам теолозите ни се посочува дека сега е време да се прават реформи во Црквата, а тие реформи најпрво треба да започнат со тотално отстранување на догмите, како нешто што апсолутно ја ограничува слободата. Модерниот свет, светот во кој сè е дозволено, не може да толерира вакви нешта. Либералниот систем, кој царува во човечките општества, бара да се спроведе либерализам и во самата религија. Светот во кој сè е релативно, па дури и самата вистина, не може да трпи вакви застарени „тортури“ како што е наметнувањето на догмите. Догмите се нешто апсолутно непотребни, бидејќи и без нив човекот може да биде добар и праведен, па затоа Црквата, во која сè уште се присутни догмите, треба да најде начин да го преструктуира својот религиозен систем, во систем во кој ќе нема никаков авторитет, како видлив, така и невидлив.

Сфаќајќи ја догмата како нешто за кое е недозволиво да се размислува и да се зборува, можеби ваквите забелешки и да имаат некоја основа. Но, ние православните христијани не и пристапуваме на догмата на овој начин. За нас догмата не е теорија, ниту пак, систем создаден во умот на некој древен човек, туку таа е начин на живот, пат кон боговидението, пат кон богосоединувањето и пат кон обожувањето. Догмата, всушност, е искуството на Црквата во гледањето на Бога, Онаков, Каков што Он е. Догмата е дел од преданието на Црквата. Таа не настанала случајно или на сила. Догмата се појавила како одговор на рационалистичкиот пристап кон духовноста. Таа била одговор на ваквите погубни мислења, кои го довеле во опасност христијанството и неговото опстојување. Догмата, не била ништо друго освен, барање за да се зачува чистотата на верата. Светите Оци и учители на Црквата, не направиле ништо друго освен што го запишале на хартија подвигот на боговидците. Смислата на самото христијанство е да се биде свет и совршен, како што е свет и совршен нашиот Отец Небесен. До светост и совршенство се доаѓа единствено ако се прими во себе Троичниот Бог, ако на Него му се уподобуваме, ако со Него воспоставиме личносен однос. За да се постигне ова потребно е правилно богопознание, но потребен е и многу голем подвиг, напор, одрекување и засекување на нашите страсти, отфрлање на нашите гревови и слабости, односно, потребна е победа над самиот себе. На оној кој во ова ќе успее, му се дава од Бога таков дар, да може со Бога непречено да комуницира, му се дава можност да го гледа Бога во целата Негова светост и убавина. Оној кој не оди по овој пат, а тргнал по патот на сувото размислување и поради ова се погордеал дека нешто особено и исклучително открил, не може да се нарече боговидец, тој само размислува за Бога и може, во најдобра рака, само да ги претчувствува Неговите сенки, Неговите праслики во овој свет. Ваквиот човек, честопати во историјата, го изложувал своето откритие како нешто апсолутно, и тогаш реагирале вистинските боговидци, му се спротиставувале на ваквото мислење и ја создавале догмата, за во иднина православните подвижници да не застранат од вистинскиот пат во набљудувањето на Бога и во чекорењето кон спасението. На Вселенските и Помесните Собори, каде најчесто се создавале догмите, не било пресудно мнозинството за да победи една страна, туку најчесто победувал критериумот на Библијата, Апостолското Предание и авторитетот и светоста на Оците. На овие Собори воопшто не било важно дали некој е многу образован, дали некој носи висок црковен или административен чин. Пример, Ариј бил исклучително образован човек, Несториј бил патријарх на најавторитетната столица во империјата - Цариградската, Лав Мудри бил император на Византија, но ова немало никакво значење кога се донесувале догматските одредби. Сето ова е доказ дека догмите не се утврдени на сила, дека тие не се востановени од политички причини или со какви било интриги. Честопати победувало тврдењето на поединци, победувало мислењето на исклучителното малцинство. Значи, за да се утврди догмата било потребно нешто друго отколку обично мнозинство или надворешен авторитет. Било потребно догмата да овозможи непречено чекорење кон Бога, таа требало да се избори за вистината. Догмата се создала за христијанството да не стане една обична утопија. Догмата се појавила за христијанството да не биде сведено на обичен „закон и поредок“, да не биде една обична религија, како и сите други во овој свет. Догмата се создала за да се зачува автентичната личност Христова, за да се зачува патот кон спасението. Оној кој мисли и живее поразлично од догмата, тој не го познава Христа, тој не може да Го прими во себе Бога, тој не може да се преобрази себеси. Догмата е победа над рационализмот, победа над човечките претстави за Бога, победа над сувиот морал и претпочитање на аскетиката место етиката.

Од претходно кажаното можеме да заклучиме дека догмата не е надворешен закон, дека догмите не се само корпус од правила и прописи, кои можат, но и не мораат да постојат. Без догмите, Црквата не би била „столб и тврдина на вистината“, туку лесно би се претворила во обична човечка корпорација, служба и сервис за религиозните потреби на луѓето. Без догмите, Бог сè уште би бил далеку од човекот. Без правилно живеење според догмите, како што ни покажала историјата, религиозниот живот би се претворил во спектар од различни христијански верувања. Сето тоа ќе доведе до апсолутна релативност во сè, до краен и апсолутен индивидуализам. Без догмите, Жан-Пол Сартр би бил во право кога вели дека „Бог е мртов“. Без догмите, паганизмот и атеизмот се израмнуваат со христијанството, зашто и тие имаат некој основен морал. На крајот, христијанството без правилна догматика и го остапува своето место на теоријата за „еден човек, една религија“. Без догмите христијанството е тотално мртво.

Овој краток осврт врз догмите, има намера да даде објаснување за автентичното значење и смисла на догмите. Догмите се основата на христијанството и сметам дека кога некој заговара реформи треба да знае дека тие се направени одамна, уште пред околу двеилјади години, со раѓањето на Спасителот Господ Исус Христос, Кој е единствената вистинска „Новост“ во историјата на човештвото. Догмите, пак, го толкуваат Христа, тие овозможуваат пристап до оваа „Новост“ и правилно, добро и вистинско реформирање на нашата сопствена личност. Од нас самите, сепак, ќе треба да почнеме.

 

               


 

 

 
< Претходно   Следно >