Проповед на Тодорова сабота |
25.03.2013. | |
ВО ИМЕТО НА ОТЕЦОТ, СИНОТ И СВЕТИОТ ДУХ, АМИН!
Овој празник е посветен на војникот Христов, чиј дух и по смртта на неговото тело се бореше против идолопоклониците. Царот Јулијан Остапник, знаеќи дека во овие денови христијаните постат, наредил цеклокупната храна по продавниците на денешниот ден да биде попрскана со крвта од идолските жртви за да го обесвети причестувањето и го оскверни постот на верниците. Но, свети Теодор му се јави и на патријархот во сон и го замоли да ги извести верниците дента да не купуваат храна, бидејќи таа ќе биде оскверната. Затоа луѓето нека си сварат коливо односно пченица и мед и така денот да го поминат. Патријархот веднаш станал и на мнозина им раскажал за своето видение и, откако постапи така, Христовото стадо го запази неосквернето од подмолната завера на царот. А Христовиoт народ кога завраши седмицата му оддаде благодарност на маченикот и во негова чест и спомен е определено првата сабота од велигденскиот пост да биде посветена на Светиот Теодор. А за овој голем пост, наречен уште и Велики нашата Света Православна Црква не подготвува веќе цели три недели преку светите евангелија па откако ќе се исповедаме и се помолиме на Господ Бог да ни ги прости направените гревови, за да се удостоиме да се причестиме, потоа да си го дочекаме со радост најголемиот христијански празник Светлото Христово Воскресение. Нашиот Господ Исус Христос, кога одеше по земјата ја кажа параболата за непослушниот син, укажуваќи дека треба да бидеме послушни, а не самоволни. Преку приказната со фарисејот и митарот Бог ни кажува дека не треба да бидиме горделиви и ако правиме добри дела да не се фалиме со нив и кога се молиме да се молиме со смиреност, понизност, искреност и од срце. Со последната, пак, евангелска поука, на Бели Поклади, ни нагласи дека доколку не го запазиме Законот Божји и не ги исполнуваме заповедите Негови ќе бидеме изведени пред страшниот суд. На денешниoт ден сите православни христијани и христијанки се дојдени во светиот храм за да ја примат Света Причест. Но, пред тоа да го направиме треба да се запрашаме дали сме подготвени телесно и духовно да ја примиме Светата Причест. Дали сме ги замолиле да ни простат оние на кои сме им згрешиле? Дали искрено се каеме? Дали навистина со вера пристапуваме кон Христа? Секој треба да разбере дека телото и крвта Негова се за грешните оган, а за праведните благодат Божја: на слабите-сила, на болните здравје, на очаените мир и спокојство, на смирените-радост, на гонетите-милост, на сиромашните - богатство и на нажалените утеха. Ако пак не сме достојни да ја примиме Света Причест во истиот ден, тоа да го одложиме за друг пат. Но, човекот е слаб и поради тоа е подложен постојано да греши. Само ние не смееме да се мириме со гревот и да се оправдуваме, велејќи „згрешив, па што“? Затоа нашата совест треба секогаш да биде будна, за да се бориме упорно против гревот, а во тоа ќе ни помогне Оној Кој што и не создал – но, само ако веруваме во Него и ако правиме добри дела. За да издржиме во нашите напори за праведен живот потребно е покрај другото и почесто да доаѓаме в црква, зашто заедничката молитва има голема сила. Сите кои се причестија односно го примија Христа, нека им послужи за нивно здравје - на телото исцеление, а на душата спасение.
Протоереј-ставрофор Славе Јованов |
< Претходно | Следно > |
---|