Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Проповед во Неделата на простувањето
Проповед во Неделата на простувањето
18.03.2013.

ВО ИМЕТО НА ОТЕЦОТ СИНОТ И СВЕТИОТ ДУХ. АМИН!

ПРОЧКА

 

Sample ImageЦрквата Христова наликува на безвременски кораб пловејќи низ вековите, која и овој пат нè води низ вечноста и нè соочува со прекрасното значење на светите празници. Денеска возљубени мои, коработ вплови во едно тивко пристаниште на еден голем празник, празникот на покајанието. Денес нѝ се отвара вратата на Четириесетдневниот пост кој за нашата душа претставува предвесник за духовната пролет. Како што на доаѓањето на пролетта се радува целата од Бога создадена природа, така на доаѓањето на постот се радува нашата душа, зашто од денес имаме плус причина да ја украсиме нашата душа со добродетели со покајание со милосрдија, како што нѝ порачува Христос во денешното евангелие. Ако го следевме со внимание, ќе забележиме дека е голем празник на покајанието. Поради тоа, Црквата денес неслучајно радосно пее: „Отвори ми ги вратите на покајанието, животодавче.“ Таму кадешто нема покајание, вели свети Јован Златоуст, нема спасение. Не постои вистински живот без покајание. Да се покае човекот, тоа значи тој да се преуми, односно да се преобрази целокупниот негов живот. Сета природа на човекот се преобразува по мерата на неговото покајание. Тоа треба да претставува пренасочување на умот од злото и смртта кон доброто и вечниот живот. За сето тоа потребно е оплакување на нашите гревови. Од нас не се бара никаков тежок физички напор, туку едноставно солзи и покајание за гревовите. Зашто како што водата ја мие нашата телесна нечистотија, така и солзите ја мијат внатрешноста на нашата душа. Од внатрешното преобразување произлегува новозаветниот евангелски живот, неговата радосна вест за спасение на човекот. Покајте се и верувајте во Евангелието. Сето ова го кажуваме не за да остане пуста теорија, туку сите заедно да се обидеме да го претвориме во дело, бидејќи слушнавме дека на луѓето што немаат сили да му простат на братот свој, Бог не ќе може да им прости. Проштавањето е основно христијанско својство. Светот во кој живееме е многу сиромашен. Милостињата е уште еден многу важен пат до покајанието, зашто таа е царица на добродетелите која брзо ги воведува луѓето во небесните дворови. Потребно е срце исполнето со пожртвуваност за ближните, но и за сите наши непријатели. Милостињата е можност да ја покажеме совршеноста на нашата љубов кон сите, подобно на Христа, Кој беше распнат на крстот заради нас и нашето спасение. Молитвата исто така е уште еден богоугоден пат по кој треба да се движиме. Постојано да се молиме да не паѓаме во мрзливост, а Бог нема да биде глув за оној кој е постојан во молитвата. А Бог кога ќе ги услиши нашите молитви и тогаш да продолжиме да се молиме принесувајќи благодарност кон него за она што го направил за нас. Бог знае кога треба да бидат исполнети нашите барања дали тоа е за наша корист. Да бидеме сигурни дека никогаш нема да не остави, од едноставна причина што ние сме негови чеда и негово создание, а он како милостив Творец се грижи за нас. Сите овие добродетели треба да не красат не само во деновите на Велигденскиот пост, туку секогаш во нашиот живот. Во нашиот живот се случуваат најразлични духовни паѓања. Не е страшно ако човек падне во грев, страшно е ако не се покае и ако не се крене.

Дојдовме денес со лицата наши пред лицето Божјо за пред него, во негово живо присуство да си простиме еден на друг. Дојдовме за да признаеме јавно пред Бога и пред луѓето дека сме грешни. На Бога и на секој брат и сестра во Христа сме им згрешиле во нашиот живот. Гревот кон Бога и кон кој било од ближните наши е грев кон сето човештво, кон сите луѓе на планетава. Не ќе се најде човек што ќе може да рече: „Немам грев, Господи.“ И во црковната поезија се вели: „Нема безгрешен меѓу луѓето освен Тебе, Господи.“ Христос примајќи ја нашата човечка природа во се нам ни се уподоби, освен во гревот и смртта.

Нека ни е честит великиот празник на постот, во него пребивајќи радосно да се оправдаме пред Господа и достојно да застанеме пред Дверите на Пасхата Господова –Велигден. Амин!

 
< Претходно   Следно >