Проповед на празникот на Св. Агатангел Битолски |
13.03.2013. | ||
“Праведникот како феникс ќе процвета, како кедар ливански, така ќе процути тој”.
енес се радува нашиот Македонски род. Денес се радуваат сите светии од ова блажено парче земја. Денес ликуваат и светите Кирил и Методиј, се веселат и Климент и Наум, воспеваат и Јоаким со Илариона и Гаврила, светиот Спасо со Ѓоргија, торжествуваат и Прохор со Јована, денес се радуват и Лидија со Злата Мегленската, славословат и Јоаникиј со Гаврила Велички - светогорецот, денес се радуваат сите знајни и незнајни, воспеваат сите кои на браникот на верата го сочуваа Правото славење на Бога низ вековите до денес, овде во Македонија. Велам се радуваат сите, па и ние денес, зашто споменот за праведникот е секогаш врежан во душите и срцата на овој род. А имаме и зошто. Денес, црквата наша Македонска го слави споменот на едно големо светило, запалено од овој род, на еден млад ревносен пламен, кој по светата должност Божја се запали во одбрана на својата вера и татковината, не плашејќи се мачеништво пред Бога да принесе и да го избави народот свој од нечестивоста, која како злокобен облак се беше надвиснала поттикната од Мухамедовото безумствто. Денес го славиме Агатангел - ангелот Македонски кој се јави на овој верен род, за да го избави со примерот на своето мачеништво од тешките маки и неприлики, и потпомогнат од Благодатта Божја да ја разобличи прелеста на Агара, постанувајќи верен столб за душите православни во Битола Македонска. Да се биде маченик за верата Христова, драги мои, е многу тешка работа. И без оглед на степенот на нашето мачеништво, ние сите верни поединечно на некој начин сме тоа - соодветни маченици или сведоци Христови за верата. Но, мачеништвото преставува и духовен подвиг чија вистинитост може да се посведочи единствено преку плодовите од Светиот Дух, а тоа се добрите дела. Делата се тие кои секој еден од нас го разликуваат од другиот, го прават икона Христова сама по себе, Лик по кој сите сме едно во Господа, но со својата слобода бираме колку ќе се уподобуваме - доближуваме до Него. Да се живее според заповедите не е ништо друго, драги мои, туку да се оправда првомачеништвото на Оној, Кој виси на крстот за нас и нашето избавување. Да се прифати Љубовта од Оној Кој држи се, и тоа така силно насочена кон овој род, за нас Македонците значи големо мачеништво,па истовремено во нас ја разгорува секогаш таа борба и предизвикот за наш се поистакнат и повозвишен духовен развој. Затоа, оттука треба да започне нашата грижа за денешницата, оттука треба да нацрпиме и сили за поубаво утре. Не можеме секогаш нашите постапки и дела да ги оддаваме на стихијноста и на забот на времето. Не можеме и да се оправдуваме дека секогаш оној другиот ни е виновен за се. До кога вака? До кога самите ќе го уриваме она што сме го создавале, или ќе речам она што го создале нашите предци? Дали имаме такво право да газиме по се она што е свето и макотрпно заработено од овие кои денес ги спомнавме? До кога се повеќе ќе размислуваме за некои “европски идеали”, а нема да ја познаваме нашата историја, која не е само државна, ами и црковна? Зашто кога не немало како држава, не имало како црква, и како јадро кое истиот народ го водело кон Бога. Како сега наеднаш сето тоа се заборава, и Црквата се остава по маргините на нашето општество, посебно од државата? Па се оди доттаму да се уништи сето она, за кое гинеа нашите дедовци и прадедовци, нашите деца да останат духовно необразовани и без корен, за да не знаат за себе и за сето она што им претходело на истата оваа света почва по која газиме денес. Па зарем за таа света должност не гинеа мачениците од овој род? Како сега ние ќе ја браниме татковината и таа света должност во неа ако не се потрудиме да си ја зачуваме верата прадедова, како што тоа го правел денешниот маченик? Како ќе говориме за понатамошен духовен развој, кога некој се обидува во корен да го засече сето она за кое се пролеало толку маченичка крв? И затоа реков дека развојот во духовноста исклучиво скоро секогаш зависи од поединецот, кој во исто време всушност е и маченик за верата во Христа Исуса. Но, само малкумина се тие кои можат да се пофалат со таков степен на духовен развој и просветлување на умот, малкумина се тие, кои како денешниот наш славеник ќе соберат храброст и ќе застанат пред царскиот сарај, со ферманот в рака и ќе го поднесат сиот товар на плеќите свои, без да се тетерават пред тој тежок крст. Таквото сведоштво пред агарјаните за него значела смрт, но пред Бога и пред овој род, кој вечно ќе го чевствува значи живот вечен. Па нели Ги чувме Господовите зборови во Евангелието:”Не бојте се од оние кои го убиваат телото, а на душата ваша не и можат ништо; ќе ви кажам од кого да се боите: бојте се од оние кои можат и душата и телото ваше да го уништат, од тие ви велам да се боите”. Светиот Агатангел не можел да трпи и да гледа како Турците неконтролирано се изживувале врз христијаните, притоа не бирајќи начини да ги принудат да пристапат кон исламската вера и затоа поттикнат и огорчен од овие настани, собрал смелост и ги изобличил незнабожците, а на верните им дал поттик да истрајат во вистинската вера. И не само тоа, на верните им го оставил и своето тело, за да им биде сладосна утеха, а главата, пак преку меч исечена, на Господа Му ја принесе низ вера и дејност света, за преку неа овој род да црпи исцеленија. Ова е доказ за љубов братољубна - душите на ближните свои поскапоцени да ги сметаш отколку сопствената. Ова е сведоштво за една вистина, за еден исповедник, и тоа несовладлив, кој Преисполнет со Евангелеието (како што вели и тропарот на празникот), посака да го избави родот свој од прелеста и венец сјаен да прими, венец кој никогаш не угаснува, сјај кој сите ќе ги растрепери и ќе ги понесе кон Бога, заради подвигот на маченикот. Таквото сведоштво, таквата љубов, таквата несовладлива вистина, и нам ни дава за право да се надеваме дека денеска, на ова Божествено тајноводство, бевме уште поблизу до Бога и до светиот, затоа што и меѓу нас има една Икона Христова, еден Архипастир, кој не само што го носи името на овој наш денешен славеник, туку и досега целосно ни посведочи како се сака верата и како преку добри дела се љуби својот род и своето паство. Тој, како вистински наш татко, постојано бдее и сочувствува со својот народ, се труди и ревнува со него, за поголеми и побогоугодни дела на ова нива, дела по кои станува препознатлив помеѓу сите нас. Треба ли да се зборува денес за тие дела и има ли некој, кој не слушнал и не видел, за толку кратко време, какви прекрасни зданија се извишија и во Велес, па и долж повардарието. Има ли некој кој не прочитал макар мал дел од црковно - просветната дејност за духовна наобразба на овој народ. Има ли некој кој не ги видел радосните лица на најзагрозените наши браќа и сестри кои редовно примаат благословен топол оброк во црковните кујни. Сведоци сме дека Велес, како и градовите низ Повардарието, веќе стануваат синоним за духовна култура, која преточена во дела ги полни храмовите со мноштво народ, кој повторно се враќа во прегратките Господови и таму ја пронаоѓа утехата во овие тешки времиња. Високопреосвештени Владико наш свет, дозволете ми од мое име, од името на свештенството и верниот народ од нашата Повардарска епархија, топло и молитвено да Ви го честитаме именденот со искрени желби за долг и уште поплодотворен богугоден архипастирски живот. Нека светиот новомаченик Агатангел Битолски, вашето престолно кандило пред престолот на Севишниот Бог, ви биде поттик постојано да се молите за нас и да не спомнувате во вашите молитви и нека Преблагиот Бог, преку неговите молитви, обилно ја излее Неговата благодат врз сите нас, кои Го славиме и Му се поклонуваме, Отецот, Синот и Светиот Дух, Троица едносушна и неразделна, сега и секогаш и во вечни векови, АМИН !
НА МНОГАЈА ЛЕТА ВИСОКОПРЕОСВЕТЕН ВЛАДИКО !
свештеник Борислав Бобевски произнесено во храмот “Успение Богородично” во Велес по повод празникот посветен на светиот новомаченик Агатангел на ден 12. 03. 2013 Лето Господово |
< Претходно | Следно > |
---|