Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Проповед на Св. Трифун - Епископ Лешочки Јосиф
Проповед на Св. Трифун - Епископ Лешочки Јосиф
21.02.2013.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

 

Sample ImageДраги браќа и сестри, би сакал од свое и од името на митрополитот Иларион, да му заблагодарам на Неговото Високопреосвештенство митрополитот повардарски г.Агатангел, за денешната покана да бидеме заедно овде во Кавадарци, на празникот кога Црквата Христова го слави споменот на свети Трифун, патронот на лозарите.

Реков, му благодарам за поканата да бидеме заедно на ова литургиско благодарење, затоа што само во литургијата, ние најпотполно сведочиме за единството, единството во Христа, кое ништо не може да го разниша. Сведочејќи го тоа единството во Христа, ние сведочиме за вечноста. Вечноста, која што најконкретно ја чувствуваме токму во Црквата.

Возљубени во Господа, таа вечност, која што денес ја предвкусивме соединувајќи се со Бога, ја предвкусил и свети Трифун, чиј што спомен го празнуваме. Предвкусувајќи ја вечноста, тој сведочел за силата на верата, силата со која што ја излекувал болната ќерка на римскиот император. Но, Бог гледајќи ја верата на свети Трифун, не дозволил тој да биде сведок само на неговото време. Бог му допуштил срадање, за да остане пример за секој христијанин до денес. Да остане пример, како се сведочи верата. Верата во Бога.

Неговото страдање се случило, во времето на императорот Дециј - во III век, кога страдањата на христијаните значително се зголемиле. Свети Трифун бил посочен како христијанин, особено познат кај сите од неговата околина.

Тој бил подложен на страшни маки, но ништо не успеало да го поколеба во верата. Неговото страдање завршило кога неговите мачители му ја отсекле главата. На тој начин свети Трифун, ја посведочил верата во Бога.

Денес, возљубени во Господа, сите ние сме поставени пред сличен испит. Денес пред секого од нас се поставува прашањето, дали и колку сме подготвени да се жртвуваме. Но, денешните жртви се многу мали во однос на жртвата на свети Трифун. Денешната жртва што се бара од нас, се состои во нашата решеност да го запазуваме постот, во нашата решеност да побараме прошка за нашите гревови во светата тајна исповед. Денешната жртва се состои во решеноста барем еднаш во неделата да одделиме време за да ги посетиме храмовите и да се помолиме на Бога.

Во историјата, ние имаме многу сведоштва, кои што јасно ни укажуваат, што е потребно за да ја сведочиме верата.

Нашето сведочење, нашите маки, нашето трпение, се неспоредливи во однос на трпението на свети Трифун. Но, ние не ги почитуваме мачениците заради нивното трпение. Човечкото трпение не е возможно да се справи со телесното мачење. Ние ги почитуваме мачениците, бидејќи преку нивните мачења и страдања, нам ни се јавува големата и спасителна сила Божја. Нивниот пример ни помага да разбереме како Бог го воздигнува човекот, како го прави силен и непобедлив, како му дава сила да се спротивставува на злото, на гонителите, па дури и на најстрашната болка. Мачениците за нас се херои на духот. Ние со смиреност ја приклонуваме нашата глава пред нив и се молиме нашите срца и нашиот ум да се отворат за средба со Бога.

Иако сведоштвото на свети Трифун е во време кое што е многу далеку од нас, сепак неговиот пример е актуелен и денес. И денес, неговиот пример не ја губи својата смисла и своето значење. Денес човештвото, кое што е длабоко потопено во страстите, гревовите и слабостите, ја има помошта и молитвите на мачениците, единствено ако со вера се обрати кон нив.

Возљубени во Господа и денес ни се нудат разни удобства, само ако се откажеме од Христа. Но, може ли нешто од овој свет да биде замена за вечноста? Може ли нешто од овој свет да биде алтернатива за нашата средба со Бога.

Зборовите упатени кон апостолите и денес силно сведочат, за изборот пред кој што сме поставени: не плашете се од оние кои што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат, плашете се од оние што можат да ја погубат душата во вечниот оган.

Денес возљубени во Господа, сите ние сме исправени пред постојани искушенија од сите страни, само со единствена цел, во животот да ни се исполнат сите желби, во животот да ни бидат задоволени сите барања. При тоа целосно се поместуваат границите на моралноста, а во некои случаи и целосно се бришат тие граници. Тоа што до вчера беше неморално, неетички и недостојно да се говори за него, денес веќе е во тренд и претставува најголема придобивка на т.н. современ начин на живот.

Плашете се од оние што можат да ја погубат душата во вечниот оган. Кои се тие, и што е тоа што може да ни ја погуби душата?

Драги браќа и сестри, во Црквата и само во Црквата ние се остваруваме како личности, создадени според Образ и Подобие Божјо. Само во Црквата ние можеме да ги препознаваме границите на моралноста и етичноста, бидејќи во Црквата единствен критериум за вистински, современ начин на живот, претставува личносниот однос со Бога. Личносен однос, што го градиме преку подвигот на постот, преку светата тајна исповед, и најконкретно преку причестувањето кога се соединуваме со Бога. Само во Црквата ние можеме да најдеме безброј примери за вистинско осмислување на животот. Светиите на Црквата се нашите најдобри примери, а ние денес си спомнавме за еден од нив.

Свети Трифун, чиј што спомен денес го празнуваме, нека биде наш пример за верата во Бога, вера, која што со ништо не може да биде поколебана, вера за која во секој момент треба да бидеме спремни да страдаме, вера, која што треба да ја сведочиме постојано.

 

Таа вера во Бога, која што на нашиве простори има длабоки корени, ќе ја сведочиме ако достојно го славиме споменот на свети Трифун. А достојно, значи ако со молитва се обратиме кон него, да биде наш застапник пред Бога.

Честитајќи им го празникот на сите што го имаат за свој патрон светиот маченик Трифун, го молиме Троичниот Бог, да ја излие Својата благодат врз нас, за да можеме да ја познаеме Неговата промисла, и со таа благодат да можеме да им одолееме на сите искушенија во текот на животот.

Амин!

 
< Претходно   Следно >