Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow интервју - протоереј-ставрофор Бошко Кипровски
интервју - протоереј-ставрофор Бошко Кипровски
25.01.2013.

интервју - протоереј-ставрофор Бошко Кипровски

 

Да бидеме добри христијани и да ги посетуваме нашите православни храмови

 

Sample ImageДедо Бошко, како што народски го познаваат луѓето, е најстариот свештеник во Велес. Тој со својата свештенослужителска дејност е присутен во сите моменти од формирањето на Македонската православна црква и црковниот живот во Македонија. Тоа што е роден на Божик, можеби судбински му ја нематнала свештеничко-пастирската дејност во неговиот живот, а тој пак со радост ја прифатил таквата определба и низ целиот свој живот, како вистински Христов ученик ја проповедал, ја ширел и ја заштитувал христијанската православна вера. Дедо Бошко денес има 87 години, но силниот дух кој го носи во себе, силната вера и надеж, му овозможуваат и денес без никаков проблем да црта икони, да чита книги, да ги посетува богослужбите и секогаш кога треба да ни даде еден вистински пастирски совет....

 

           

Кога и каде е роден дедо Бошко, и какво образование има?

- Јас сум роден во село Буково, на 7 јануари 1920 година, на Рождеството Христово - Божиќ. Основното и средното образование го завршив во Битола, а со високо образование се стекнав на Педагошката академија во Скопје на отсекот ликовна група.

            Кога и како се роди во вас желбата да станете Христов ученик?

- Мојата мајка беше многу религиозна жена, таа не одеше в црква ако не ја слушнеше селската камбана. Од она што го гледав кај неа, како таа ја практикува христијанската вера, така дојде и мојата желба за Црквата и Христовата наука.

            Кога сте ракоположени во ѓаконски, а кога во свештенички чин?

- За ѓакон сум ракоположен на 22 март 1943 година од страна на Митрополитот Филарет, а за свештеник седум дена подоцна од страна на Драговицкиот епископ Харитон во црквата „Св. Димитрија“ во Битола.

            Каде беше вашата прва парохиска служба?

Sample Image- По дваипол месечен свештенички стаж, бев испратен на прва парохија во село Велушина, Битолско, кое се наоѓаше на 12 км. кон границата со Грција. Таму останав точно 12 години, од 15 јуни 1943 до 15 јуни 1955 година, симболично по бројот на апостолите, месеците. Тоа беше богато и големо село со околу 185 куќи. Во Велушина имаше дури 7 цркви од кои главна црква беше „Св. Богородица“, и еден манастир со над 500 декари земја. Откако се расформира Селската работна задруга луѓето почнаа да осиромашуваат и масовно да заминуваат во туѓина, најголемиот број од нив мигрираа во Австралија. Во таква ситуација и јас бев принуден да барам преместување, кое и го добив. Бев преместен во Дојран во црквата „Св. Ѓорѓи“. Таму бев добро примен од страна на верниците, секоја недела служев Литургија. За време на мојот престој таму го изградив парохискиот дом во склоп на црквата, кој и ден денес го користат и во него престојуваат парохиските свештеници. Во 1957 по притисок на моите деца поднесов молба за преместување во Велес. Молбата ми беше прифатена и бев поставен за втор парохиски свештеник во црквата „Св. Пантелејмон“, каде од 1962 година до моето заминување на служба во Америка во 1968 год. бев и старешина на црквата. Во 1972 г., по моето враќање од Америка повторно бев поставен за старешина на  црквата „Св. Пантелејмон“. И во овој православен храм останаа значајни белези од мојата работа, како што се проширувањето на портата за да можат да влегуваат коли во дворот, преместувањето на чешмата, градењето на кршталната и салата на кршталната во 1978 година, мозаикот над влезната порта, кој е уникатно уметничко мозаик дело.

            Долго време бевте старешина и на најстариот манастир во Велес, „Св. Димитрија“. Што посебно паметите од тој период?

 Sample Image- Во Велес се соочив со проблеми за сместување, мое и на мојата фамилија, па со големи залагања на управата на манастирот „Св. Димитрија“ ми беше дозволено да се вселам во две соби во манастирот. Тоа се случи на 1 октомври 1957 год., а набрзо потоа на 1 ноември 1957 год. бев поставен и за старешина на манастирот и останав 11 години на таа служба. За тоа време поминато како старешина на манастирот сметам дека постигнав големи резултати. Лично јас и стариот чувар на манастирот дедо Тоде ја обновивме раскопаната калдрма и ја проширивме манастирската порта, така да потоа можеа и возилата да одат до горе. Во тоа време беше поставена канализацијата на манастирот, а каналот го ископаа моите синови и нивните другари, само за една фудбалска топка. За да одиме до „Св. Петка“ и „Св. Никола“ порано моравме да вртиме одоздола по џадето, па така дојдов на идеја, која и ја остварив, да се скрати тој пат, па така отворив врата под олтарот на „Св. Димитрија“, и направивме нов пат за „Св. Петка“ и „Св. Никола“. Како најголем успех во времето кога бев старешина на манастирот го сметам градењето на нова зграда на местото на старата кујна и казарница, која имаше нова кујна, голема сала и апартмани. 

            Какви се вашите искуства од тој период и дали со оглед на тоа време, луѓето доаѓаа во црква и вистински ја негуваа православната вера и каков однос тие негуваа кон вас?

- Добивав помош за изградбата на црковните објекти. Во 1966-67 година на Републичко ниво се донесе одлука за обнова на сите манастири и воденици во Македонија, за во случај на било каква несреќа да има место каде да се згрижи народот, па така добив во тоа време доста градежен материјал за да отпочне градбата на црковните објекти. И покрај времето во кое општеството пропагираше еден негативен однос кон црквата, јас бев доста почитуван од луѓето и тие сепак доаѓаа во црква и ги практикуваа христијанските обичаи и традиции. На пример, се сеќавам дека во Велес постоеше едно неформално здружение на велешки жени на видни граѓани, кое редовно ги посетуваше црквите и манастирите и често собираа пари за да ги помогнат црквите и манастирите.

            Нешто за вашата љубов кон уметноста и како дојдовте на идеја да ја вметнете вашата уметничка дарба во црковниот живот?

- Мојата желба и дарба за уметност потекнува уште од најраното детство. Подоцна студирав и ликовна група на педагошката академија, па така нормално беше и во мојата свештеничка дејност да се занимавам со уметност. Сум работел иконографија, мозаици, рељефи. Имам нацртано околу 200 икони и скоро сите ги имам подарено на луѓе и на цркви.

Над портата на манастирот „Св. Димитрија“ имам направено мозаик со ликот на Светиот великомаченик Димитрија, потоа големиот крст над гробот на закланите руски монаси во „Св. Никола“, кој е висок три метри и е исто така мозаик. И ден денес сам се восхитувам на убавината на тој крст. Исто така и мозаикот над поратата на Соборниот храм „Св. Пантелејмон“, за кој веќе кажав е мое дело. Ликот на Св. Пантелејмон е композиција од уште две дела. Од десната страна на Св. Пантелејмон има путир и над путирот грозје, а од левата има аналој со Свето Евангелие. Во тоа е уникатноста на тој мозаик.

 Тој го правев со благослов на владиката Кирил.

            Кога заминавте на служба во Америка?

- На 8 јули 1968 година, заедно со мојата сега веќе упокоена презвитера Добра заминавме за Америка. Тоа беше по одлука на владиката Кирил, кому тогаш, по возобновувањето на Охридската архиепископија преку формирањето на Македонската Православна Црква, му беше доверено градењето на црковните општини во дијаспората. Така, за Америка заминавме вкупно 14 свештеници и бевме распоредени во различни градови. Јас бев распореден на служба во црквата „Св. Богородица“ во градот Коломбос. Таму заедницата на нашите иселеници тогаш беше мала и небројна и црквата имаше одвај 20 члена. На српските иселеници кои ги посетувале службите во црквата порано, по одлуката за формирање на МПЦ им беше забрането да доаѓаат во неа. Се сеќавам дека тогашниот српски владика Сава им порача на српските верници во дијаспората: „Секој србин, кој ќе оди во македонска црква ќе треба одново да се крсти“. Поради малите приходи кои ги имавме таму, ми беше одобрено да работам во фабрика, заедно со мојата сопруга. Во 1972 год. се вратив од Америка, но таму повторно заминав во ноември 1982 год., по моето пензионирање. Пред моето повторно заминување за Америка побарав, од владиката Кирил, надлежен за тоа, да ми даде канонски прием. Тој не ми даде канонски прием, ниту решение, туку ми рече: Одете , работете во Лорејн, Охајо. Во Лорејн богослужев во халата на црквата, бидејќи немаше црква. Направивме Црква 1986 год. Во градбата на црквата со свој труд, лично учествував и јас. Мало осветување на црквата извршив јас. Формирав парохија повеќе од 500 квадратни километри. Од источен Кливленд до Емерст на запад. Тоа го сметам за мој голем успех. Откако ја направивмне црквата, направив мозаик на името на црквата, „Св. Климент Охридски“ со димензии 2, 20 м. со 1, 20 м. и го поставивме мозаикот на апсидата на црквата. Во 1988 год. се вратив назад во Македонија. Животот во Америка ми остана во добро сеќавање.

            Какви се вашите искуства од таму, дали има некои разлики во однесувањето на верниците таму, во споредба со практикувањето на верата кај нас?

- Режимот кој владееше во нашата држава, придонесе луѓето да не бидат многу запознаени и заинтересирани за црковниот живот. Во Америка немаше никакви ограничувања, во однос на верата, па така луѓето слободно  и многу често доаѓаа во црквите и покажуваа вистинско практикување на верата. Таму е ред да се молчи на богослужбите, додека кај нас сеуште не можеме да се научиме како вистински и со почит да ја следиме богослужбата.

            Вашата порака до верниците - читатели на Православна Светлина?

- Мојата порака до читателите на ова списание е да бидат добри христијани и да ги посетуваат црквите.

 

Со одлука на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква, протоереј Бошко Кипровски од Велес е одликуван со највисокото црковно признание „Граден крст“.

 

Sample Image

 

Фотографија на сите делегати на Третиот црковно-народен собор по донесувањето на одлуката за возобновување на Охридаската архиепископија 1958 година во Охрид. Дедо Бошко е еден од делегатите на тој собор.

Фотографијата ја снимил славниот Милтон Манаки.

Интервјуто со дедо Бошко е направено во октомври 2007 година за списанието на Повардарската епархија „Православна Светлина“

 
< Претходно   Следно >